Франциска Урсула Раѓивил (, , 13 февруари 1705, Чарториск – 23 мај 1753, Навагрудак) била полска писателка и драматург, првата писателка на територијата на модерна Полска и Белорусија. Таа била кнегиња и последната женска претставничка на благородничката куќа Вишњовецки.

Животопис Раѓивил била единственото дете на познати и богати родители. Нејзиниот татко бил кнезот Јануш-Антон Вишњовецки (1678–1741) кој бил кастелан на Краков, гувернер на Вилнус и Краков и градоначалник на Пинск, а неговата сопруга Теофила Лешчинска (1680–1757) била ќерка на кралскиот пехарник, гувернер на Подласија, градоначалник на Ковел и Каменец.

Раѓивил имала одлично образование: таа зборувала неколку европски јазици, била запозната со светската литература и пишувала поезија. Во домот на Вишњовецки доминирала креативна атмосфера, таткото на Раѓивил бил талентиран говорник и писател кој пишувал верски трактати, пофалби и религиозни песни. Во неговиот двор во Чарториск имал активна капела, а можно е да пишувал драми и за Дворскиот театар на Михаил Серваци Вишњовецки.

На 23 април 1725 година, Раѓивил се омажила за Михаил Казимир Раѓивил „Рибонка“, мецена на чело на најбогатото семејство во земјата. Тој бил IX ординат на Њасвиж (подоцна велики литвански хетман). Во бракот тие имале четири деца: Карол Станислав „Пане Коханку“ (1734–1790), Јануш Тадеуш (1734–1750), Теофила Констанца (1738–1818) и Катаржина Каролина (1740–1789).

Во тие денови било невозможно да се замисли животот во Њасвиж без фестивали, банкети, лов, митинзи, паради и игри. На иницијатива на Раѓивил, на сето ова бил додаден и театар со забава на кралско ниво: во Варшава театарските претстави биле иницирани само од кралевите Август II и Август III.

Принцот Михаил често бил отсутен бидејќи бил зафатен со парламентот и трибуналите, како и со другите негови имоти кои требал да ги посетува, па младата принцеза лично донесувала одлуки за повеќето прашања поврзани со управувањето на Њасвиж. Таа ја водела реставрацијата на замокот Њасвиж по разорните војни со Шведска, го заштитила Њасвиж од нападите на руската армија во 1730-тите, ја организирала и проширила библиотеката и ја обновила печатницата.

Бидејќи таа многу ретко била во можност да го напушти Њасвиж, таа развила голема културна пропаганда и христијански дострел. Талентите во литературната и ликовната уметност ѝ дозволија на Раѓивил за многу краток период да го претвори Њасвиж во еден од центрите на културниот живот во кралството.

Театарската страст на Михаил Казимир и Франциска Урсула започнала во 1740 година, кога за прв пат во замокот Њасвиж странска трупа оддржала претстава наречена „Примерот на правдата“. По ова биле организирани продукции со сопствени трупи, а меѓу драмите кои биле изведувани спаѓале комедиите на Молиер, „Заира“ на Волтер, како и драми на други европски автори. Театарот го постигнал својот дострел по 1746 година, кога Франциска станала негов менаџер. Тогаш биле изведени нејзините први драмски дела. Речиси секоја година принцезата пишувала по неколку нови драми со наративна содржина: во некои таа ставала акцент на потребата за образование, во други ги осудувала неверните сопрузи или се восхитувала на женската добрина и искреност. Сепак, доминантна тема во нејзините драми била љубовта, за што сведочат и елоквентните имиња на драмите: „Љубовта – пристрасен судија“, „Љубовта – вешт мајстор“, „Генијална љубов“ и слично.

Делата на Раѓивил можат да се поделат во два периода. Првиот период (1725–45) бил двојазичен, а жанрот – главно поетски и епистоларен. Најплодниот период на драмска уметност и театарски активности во Њасвиж бил во периодот од 1746–52 година, кога принцезата самата го водела културниот живот во замокот.

Последната театарска претстава во театарот во Њасвиж според „Дневникот“ на Михаил Казимир Раѓивил, датирала на 27 декември 1752 година: тоа била „оперетата на Европа“ (т.е. операта „Среќна несреќа“). Претходно во октомври, принцезата била толку болна што дури напишала проштално писмо до нејзиниот сопруг. Таа живеела уште шест месеци. Болеста, која се повлекла во првите месеци од 1753 година, ненадејно ескалирала на 18 мај кога принцезата, патувајќи кон Гродно, била принудена да остане во Пучевичи, село во близина на Навагрудак. На 19 мај, таа била пренесена во Навагрудак, каде што починала на 23 мај 1753 година во куќата на градоначалникот на Бабрујск.

Книжевно творештво

Поезија Раѓивил е автор на 80 поетски дела со различен обем – од четири до сто и педесет реда. Жанровскиот систем и фигуративната уметничка палета на нејзината поезија се засновани на класичното книжевно наследство на антиката (Цицерон, Овидиј, Сенека), формирано под влијание на западноевропската (првенствено француската класична) поетска школа од 17 век (поезијата на Франсоа де Молерб и Жан де Ла Бријер) но во тесна врска со уметничките достигнувања на националната култура од ренесансата и барокот.

Првите поетски творби на принцезата биле од епистоларниот вид. Од големиот број на писма на Раѓивил (над 1300) најинтересни се четирите поетски писма до нејзиниот сопруг. Поетските творби од овој вид го рефлектирале концептот на разговор, кој бил формиран уште во античката епистоларна теорија и се здобил со популарност во француската салонска поезија од 18-тиот век. Според прописите на Цицерон, авторот пишува писма „cotidianis verbis“ („со секојдневни зборови“) и традиционалната епистоларна формула ја комбинира со „состојбата на срцето“.

Сите четири поетски писма до принцот Михаил, проткаени со чувство на тага поради разделбата, го носат печатот на топлите субјективни чувства. Сепак, Раѓивил ги пишувала своите посланија очигледно надевајќи се на поширока публика, бидејќи меѓу редови ги артикулира главните точки на Кодексот на идеалната љубов: вечна лојалност, признавање на највисоките вредности на љубовта, безгранична тага и губење на интерес за животот по одвојување од саканиот. Станислав Василевски поетските писма на принцезата Раѓивилова ги опишал како „бунтен расцут на чувства без литературна пудра и фризури“.Waylewski S. U księżnej pani. Lwów, 1922. S. 4-5.

Голем дел од поетските творби на Раѓивилова се проткаени со експресивен дидактицизам. Опомената е идеолошка доминанта во поетското дело на принцезата насловено како „Совети за олеснување на сите животни настани“, кое било напишано по раѓањето на нејзината ќерка Ана Марија во 1732 година и ѝ била посветена нејзе, а не долго по смртта на принцезата во 1753 година била отпечатена од исусовците во Њасвиж. По воведната молитва, во петнаесет параграфи авторот ги формулира основните начела на целомудрениот живот. Традиционалните христијански концепти овде се проткаени со хуманистички духовни вредности кои се вкоренети во „Моралните писма до Луцилиј“ на Сенека. На пример, советите „да се прослави тројството на Единиот Бог“, да се биде ослободен од гордоста, да се избегне корупцијата и мрзеливоста и да се почитуваат родителите се поврзуваат со величење на мудроста и потврдување на приоритетот на духовните вредности пред убавината. Ако советот да се пристапи кон идеалот на светоста (бесконечната милост и добрина) се толкуваат во согласност со христијанско-хуманистичката доктрина, повикот за воздржаност кореспондира со ставовите на стоиците и епикурејците за спокојството на душата која не е оптоварена со завист и алчност. Организациско начело на се што е добро и позитивно е Бог, па затоа во последниот пасус советот „внимателно да се држиме за заповедите“ е поврзан со желбата за Божји благослов за малата ќерка.

Само три од седумте деца на Михаил и Франческа преживеале и достигнале полнолетство. Загубата на секое дете била причина за тешка душевна болка кај мајката, која за нив пишувала меморијални песни. Така, по повод смртта на двегодишниот првороден син во 1729 година бил напишан „Натписот на надгробниот споменик... на Николај Кристоф Раѓивил“, а по повод смртта на седумнаесетгодишниот Јануш во 1750 година бил напишан „Жалот за мојот син“ („Збогум до синот“). Двете погребни дела се истакнале по нивната елоквентност и имале панегириски елементи. Така, смртта на малиот син Николај е прикажана преку типичните слики на барокната елегична песна, од кои повеќето се концентрирани околу мотивот на „жетвата на смртта“. Овој избор му овозможува на авторот да направи посебен поетски оксиморон: Николај, кој бил роден во мај, а починал во јули, се споредува со „мајски цвет“, кој е прерано - сè уште во лето - косен од смртта.

Оплакувањето на Николај не е само поврзано со личната болка на мајката, туку е и свесност за непоправливата загуба на магнатските семејства Раѓивил и Вишњовецки, како и за кралството. Смртта на младиот принц е прикажана преку хералдичките знаци на амблемот на Раѓивил (орелот) и амблемот на Вишњовецки (ѕвезда и крст), преку доминантните бои (жолта и сина) на овие амблеми и преку кратка дигресија во славната историја на двете благороднички семејства. Само повремено, гласот на мајчинската тага се пробива низ покорните молитвени зборови кон Бога, низ возвишените реторички пасуси.

Циклусот од поетски портрети „Опис на дамите на нејзиното височество Раѓивил, канцеларка на Големото Литванско Кралство“ е напишан најверојатно во 1733 година, кога принцезата Раѓивил била во посета на нејзината свекрва Ана Катерина Раѓивил, на која и се однесува насловот. Ова е типичен пример на дворска поезија, создадена под влијание на француската салонска култура од 17-тиот век. Поетските портрети се главно комплементарни; тие имале рекреативна функција и затоа биле полни со вербална софистицираност и перифраза. Активна во општествениот живот, принцезата користела значајни факти од нејзината околина во својата поезија. Таа лесто пишувала голем број песни по повод на некој настан. Овие песни се разновидни по содржина и расположение: поздравни песни, проштални песни и слично. Настанот кој го инспирирал делото може да биде свадба или чувство на пријателска наклонетост, па дури и лов или писмо од Леон Михал Раѓивил до неговата сопруга Ана Мицелска.

Значаен дел од поетското наследство на принцезата се лирските песни во кои авторот се обидува да ја одрази „тиранијата на душата“. Таа го изразува своето лично разбирање за природата на односите меѓу жените и мажите, ја анализира својата ера од висината на нејзиното животно искуство и формулира сопствена стратегија за внатрешниот живот („Жалба“, „Стих со шум за бракот“).

Лирските песни на Раѓивил понекогаш биле во форма на религиозни песни. Меѓутоа, песните упатени кон Бога стануваат поетски илустрации за различни состојби на христијанската душа, кои се совпаѓаат со триесет и трите јазли на бројаницата. Понекогаш библиската темтика функционирала како уметничка подлога за расплет на моралниот концепт на авторот („Слатки спомени за рајот“). Овие лирски творби на Раѓивил се најконзистентни со развојот на барокната естетика и стил.

Со помош на разни уметнички техники Раѓивил ја открива својата животна филозофија, првично поврзана со внатрешниот живот. Како и другите поети од барокниот период, таа се чувствувала како среќен сопственик на вистината. Ова чувство доведе до свесност за интелектуалниот елитизам.

Важен факт е „лабавиот“ однос на Раѓивил кон авторските права. Од една страна, Раѓивилова лично преработила песна од францускиот поет Франсоа Вијон без да го стави во преработката името на авторот, од друга страна – таа го доделува авторството на своите песни на други лица (како што се, „Благодарност на Неговото Височество Принцот Леон Раѓивил“ или „Стих за споменот на нејзиното височество Ана Мицелска...").

Проза