Пасторала – слика од Ѓорѓи Андонов. Сликата била насликана во 1915 година по нарачка на учителот Пано Коцев од Ваташа.

Опис „Пасторала“ e единственото негово познато профано дело. Нарачателот побарал да се наслика првиот чин од театарската пиеса „Македонска крвава свадба“, од Војдан Чернодрински. Андонов насликал вистинска селска идила во која сè e смирено, ведро и искрено. Во преден план се насликани овчарот кој свири на кавал покрај своето стадо, три женски и еден машки лик, облечени во празнична селска облека, жените жнеат со српови, а мажот врзува снопје, овчарско куче и лулка со дете. Ѓорѓи Андонов насликал пасторална композиција во која повеќе од очигледно е влијанието од иконописот и живописот од XIX век. Влијанието од црковното сликарство е очигледно и врз пејзажот, а нежниот колорит во кој е обвиткана целата композиција дава атмосфера на еден летен, селски работен ден во Македонија.

Наводи

Категорија:Слики од Ѓорѓи Андонов Категорија:Македонски уметнички слики Категорија:Уметнички слики од 1915 година Категорија:Слики во Националната галерија на Македонија