Венедикт (или Бенедикт) Пелагониски бил грчки (фанариотски) митрополит на Пелагониската (Битолска) епархија во средината на 19. век (од 1853 до 1869), за време на османлиското владеење.
Рани години Во октомври 1842 година бил избран за нишки митрополит, но во 1845 година дал оставка. На 14 ноември 1846 година бил поставен за митрополит на Видинската епархија. Таму соработувал блиску со турскиот управник Мехмед Зија-паша и бил обвинет за финансиско ограбување на епархијата и зулуми врз населението. Бугарите го посочувале како една од причините за Видинското востание во 1850 година. Тој играл улога против востаниците, клеветел Бугари пред властите и предизвикал апсења. По анкета што ги ослободила невините, во февруари 1852 година дал оставка и го напуштил Видин.
Пелагониски митрополит Во Битола, во период на силна елинистичка запаленост и одушевеност од наводното ослободување од турската власт, за митрополит на Пелагониската епархија бил назначен Гркот Венедикт. Тој требало да ја спроведува политиката на патријаршиската (грчка) општина во Битола и да ја прифати организираната до фанатизам политика на месните елинизирани жители на Битола и Магарево. Меѓутоа, наместо соработка, Венедикт веднаш се судрил со нив. За целото време на неговото службување и престој во Битола имал големи проблеми. Против него не еднаш биле праќани петиции во Цариград до Патријаршијата со барање за негово сменување (според еден извор 2–3, според англискиот конзул Калверт 7–8 петиции).
Првиот поголем судир со битолчани и магаревчани се случил во 1860 година. Некој Турчин (според еден извор шеф на турската полиција) му додева на 15-годишниот Лика Теодору од село Трново, наведувајќи го кон неприроден блуд. Лика, откако неколку пати одбивал, во одбрана на својата чест го прободел со нож, а Турчинот починал. Големиот везир, кој тогаш бил во Велес, бил почестуван и пречекан лично од Венедикт. Се смета дека Венедикт, како добар соработник на турската власт, му укажал на везирот за наводна тајна прогрчка младинска организација. Во Битола везирот го одржал процесот и изрекол смртна пресуда. Егзекуцијата била извршена среде чаршија во понеделник (пазарен ден) за да ја гледаат повеќе луѓе. Делегација од 10–15 души (предводенa од Мина Бишта) протестирала пред везирот, но пресудата не била сменета. Потоа биле уапсени протестантите; осуммина биле затворени, а Мина Бишта осуден на доживотен затвор во Цариград (каде умрел). Меѓу елинизираните кружела песна со стихови што го обвинуваат Венедикт. Цалис го нарекува предавник затоа што не интервенирал да го спаси животот на Лика.
Венедикт имал лојално држење спрема турската власт. Не ги поддржувал грчките екстремисти и бил против секакви промени во епархијата. Будно ги следел учителите што му биле сомнителни. Заедно со охридскиот владика Мелетиј во 1860 година го оцрниле Димитар Миладинов како руски соработник и царски душман, поради што Миладинов бил затворен. Венедикт и Мелетиј подоцна, кога се подготвувало ослободување на Миладинов со поткуп (90–150 лири преку браќата Робеви), успеале со 60 лири да издејствуваат тој да остане уште во затвор уште некоја недела. Тоа време им било потребно за да го спроведат својот план. Направиле махзир во кој Мелетиј предложил лицето Сали Демир како заштитник на населението од насилства. Махзирот бил пратен по селата да го потпишат селските старешини. Откако собрале доволно потписи, го пресекле махзирот, ја отстраниле оригиналната молба, а на нејзино место ставиле нова, лажна молба. Во неа се тврдело дека Охридската Каза се жали од Димитар Миладинов, дека тој го поттикнувал населението на востание против царот и им ветувал соединување со Русија (каде се наоѓал и неговиот брат Константин), па се барало да биде отстранет. На лажната молба ги прилепиле собраните потписи, ставиле нови печати и ја испратиле до Патријаршијата во Цариград, која ја препратила до Високата Порта. Уште истата ноќ било наредено Миладинов да биде префрлен во Цариград. Според католичкиот мисионер Фавериал, Венедикт раздал околу 600 илјади пијастри (околу 140.000 франка) за поткуп на судски и други лица за да се засили обвинението против Миладинов. Исто така по негова достава бил затворен и учителот Васил Манчев од Свиштов, кој работел како учител за католичката мисија.
Венедикт оклеветил и други: Јордан Хаџи Константинов-Џинот бил испратен на робија во Мала Азија; свештеникот Константин одлежал месец и половина; осуммина граѓани (меѓу нив двајца свештеници) биле предадени на власта под измислено обвинение за заговор и обид за убиство на митрополитот и останале околу три години во затвор. На учителите во Прилеп им се заканувал со заточение во Азија ако се мешаат во народното движење. Кузман Шапкарев, кој глумел наклоност кон него, бил поставен за грчки учител во Прилеп и бил задолжен да ги следи другите учители.
Венедикт ја осветил црквата „Св. Недела“ во Битола на 13 октомври 1863 година (по грчки ја нарекол Κυριακή; која пак месното население почна да ја нарекува по славјански, Св. Недела). За дозволата битолчани платиле 3.000 гроша. Првобитно ветил богослужба на славјански, но ја ставил под власт на катедралната црква „Св. Димитрија“ и богослужбата била на грчки. Кога во негово отсуство населението донело свештеник што служел на славјански, тој наредил црквата да се затвори. На Велигден околу 500 луѓе останале без причест. Во 1862 година ја осветил и црквата „Св. Атанасиј“ во Витолиште.
Тој цврсто ги застапувал интересите на Патријаршијата. Кога битолчани барале учител на народен јазик и славјанско пеење, револтирано одговорил: „Овде не е Русија и не е Србија, овде не е Босна и не е Црна Гора, не е Бугарија; земјата се вика Македонија во која живеат Грци…“ и се заканил со затвор. Сепак, под притисок бил принуден да стане поотстапчив: се сложил таткото на Рајко Жинзифов, Иван, да биде учител на мајчин јазик и да се врши богослужба на славјански во „Св. Недела“.
Венедикт бил познат по алчност и среброљубие. Според англискиот конзул Калверт, согласно одлуките донесени со Хатихумајунот од 1856 год., на митрополитот Пелагониски му бил доделен фиксен приход од 86.000 пијастри годишно (од кои само 6.000 биле одделени за Патријаршијата), но чистиот приход од такси, дозволи, казни и други извори изнесувал околу 200.000 пијастри (околу 4.000 фунти годишно). Ниту еден пијастер не дал за добротворни цели, училишта или болници; систематски ги ограбувал сиромашните. Според Шапкарев, кога одел во Прилеп (два пати годишно), селските свештеници морале да носат прасе или јагне, кокошки, гуски, кафе, шеќер итн.; кој носел помалку бил казнуван. За вула (печат) земал двојно или тројно (150 и повеќе гроша), за ракоположување на еден поп 60 лири, а за енорија 300 лири. Преку роднини водел финансиски трансакции во Цариград и на Виенската берза. Се зборувало дека поседува милиони пијастри.
Уште при назначувањето христијанската заедница упатила петиција против него (тој наводно ја подмитил). Во 1859 година повторно петиција потпишана од речиси сите жители и еснафи; Патријаршијата испратила комисија која (според гласини) била потплатена и извештајот бил во негова полза. Елинизираните битолчани тогаш престанале да ја посетуваат катедралната црква и некои минале кон католицизмот; Венедикт им ветил нова црква со славјанска богослужба за да ги задржи. Од Велигден 1865 до Велигден 1867 бил отсутен (повикан во Патријаршискиот синод). По враќањето носел писмо од патријархот со кое се обидел да ја обнови хармонијата, но набрзо повторно избил конфликт околу женско училиште на мајчин јазик.
Во 1869 година, по нови петиции и изјави против него, Патријаршијата решила да го повлече од Битола. Во негово отсуство и со назначувањето на нов митрополит наклонет кон елинизацијата, спротивностите уште повеќе се заостриле. На 5 мај 1869 година била воспоставена паралелна општина, одделна од грчката, што овозможило отворање училишта на народен јазик и воведување на црковнославјански во „Св. Недела“ и во новата црква „Св. Богородица“ (осветена 1870).
Наводи
Литература
Категорија:Грчки свештеници Категорија:Македонски стопанственици