Меѓукултурна комуникација — претставува средство за општење и пренос на информации од една култура на друга, кои се остваруваат во сите сфери на културата врз основа на почитување на самобитноста на секоја од нив.
Определби Определбата за меѓукултурна комуникација дадена од А. П. Садохин гласи: „Меѓукултурната комуникација е збир од разновидни форми на односи и општење меѓу поединци и групи што припаѓаат на различни култури“.
Според определбата на Т. Б. Фрик: „Меѓукултурна комуникација е општење на луѓе што претставуваат различни култури“. И. В. Денисова и А. П. Еременко даваат слична определба, издвојувајќи ја притоа „меѓуетничката комуникација“ како „општење меѓу лица што претставуваат различни народи (етнички групи)“.
В. С. Библер, говорејќи за меѓукултурната комуникација, забележува дека таа на некој начин раѓа „нов општ социум на културата“, посебна социјалност, поточно форма на слободно општење на луѓето во силното поле на дијалогот меѓу културите. Во оваа смисла, сѐ поактуелно станува прашањето за бариерите на патот на таквото општење и начините за нивно надминување или отстранување.
Т. Н. Персикова ја разбира меѓукултурната комуникација како „културно детерминиран процес, каде сите составни делови се во тесна врска со културната (националната) припадност на учесниците во процесот на комуникација“.
Авторката издвојува три правила на меѓукултурната комуникација:
1. Информациите што се пренесуваат на невербално ниво претставуваат најголеми тешкотии за интерпретација од страна на членовите на друга култура.
2. За да се постигне разбирање при општењето, потребно е учесниците во меѓукултурното заемодејство да се обучат за активно слушање.
3. Потребно е да се умее да се предвидат и да се спречат евентуалните грешки при комуникацијата со претставници на различни култури, инаку планираниот меѓукултурниот контакт може да пропадне поради негативниот впечаток.
Исто така, треба да се имаат предвид проблемите на вербалното општење, како и формите и начините на симболизација на општењето во овој поглед.
Историја Поимот меѓукултурна комуникација бил воведен во 1950-тите од американскиот културен антрополог Едвард Хол во рамките на програмата за адаптација на американските дипломати и стопанственици во странство, изработена по налог на Државниот департмент на САД. Г. Трејгер и Е. Хол со овој поим ја означиле „идеалната цел кон која треба да стреми човекот во својата желба што е можно подобро и поефикасно да се прилагоди кон светот што го опкружува“.
Првично, за опис на меѓукултурната комуникација се користело т.н. класично разбирање на културата како повеќе или помалку стабилен систем на свесни и несвесни правила, норми, вредности, структури и артефакти, кои ја сочинуваат националната или етничката култура. Во овој случај, станува збор претежно за стереотипизација во разбирањето на претставниците на различни култури.
Денес, сѐ почесто во прв план се истакнува т.н. динамично разбирање на културата како начин на живот и систем на однесување, норми, вредности итн. на која било социјална група (на пример, градска култура, култура на поколенија, организациска култура). Динамичното разбирање на културата се концентрира на можностите за промена на културниот систем во зависност од одредена социјална ситуација.
Значењето на истражувањата за меѓукултурната комуникација се засилува со процесите на глобализација, вклучувајќи ја и сѐ поинтензивната миграција на населението.
Како научна дисциплина, меѓукултурната комуникација е во фаза на формирање и се одликува со две карактеристични особини: применет карактер (цел — олеснување на комуникацијата меѓу претставниците на различни култури, намалување на конфликтниот потенцијал) и мултидисциплинарност.Hall E. T. Hidden Differences: Studies in International Communication. — Grunder & Jahr, 1983. — P. 24.
Наводи
Категорија:Културна антропологија Категорија:Човечко општење Категорија:Социолингвистика Категорија:Интерлингвистика