Trifolium tenuifolium — едногодишен вид на детелина опишан од Микеле Тенор.

Опис Растението е едногодишно, високо 10–25 см, слабо разгрането или разгрането уште од основата. Стеблото е исправено, во долниот дел покриено со раширени влакна, а во горниот дел со прилегнати влакна. Базалните листови имаат дршки подолги од листната плочка, додека најгорните листови се речиси приседнати. Лисните дршки се покриени со раширени влакна. Базалните листови се обратнојајцевидно-клиновидни, со ретки влакна по работ и по средната жила, со заоблен врв и ситно остро назабен раб. Стеблените листови се долгнавести, а најгорните линејни. Прилисниците се ланцетовидни, со долг линејно-шиловиден слободен дел, по површината покриени со прилегнати влакна, а по работ со раширени влакна.

Соцветијата се јајцевидно-цилиндрични до цилиндрични, долги 10–15 (до 18) мм и широки 7–8 мм, густи, со голем број цветови. Најчесто се приподигнати и обично се подолги од најгорниот лист. Цветовите се долги 6–7 мм и се без прицветници.

Чашката е долга околу 4 мм и покриена со долги, ретки прилегнати влакна. Нејзиниот трубест дел е долг 1,75–2 мм, а запците се линејно-шиловидни и со различна должина: горните се долги околу 1 мм, средните околу 1,5 мм, а долниот околу 2 мм. Венчето е розово или црвенкаво, долго 6–7 мм. Барјачето е линејно-копјесто и околу 2 мм подолго од крилцата. Плодот е мала мешунка која обично содржи едно семе.

Распространетост во Македонија Trifolium tenuifolium расте на брдски пасишта и камењари на надморска височина до 1200 метри. Растението се среќава во: селото Ногаевци во Велес, селото Истибања во Виница, Кочани, селото Луковица во Делчево, Македонска Каменица, Радовиш, селото Банско во Струмица, селото Загорани, Маркови Кули и помеѓу селото Чепигово и Бакарно Гумно во Прилеп, селото Церово во Демир Хисар, селата Лознени и Кукуречани во Битола, Црновршка Река, Гевгелија, Богданци, на планината Јакупица пред селото Алдинци, во селото 'Ржаново на планината Кожуф.

Наводи

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Детелина