Thymus pseudoatticus — вид матерка од семејството Lamiaceae (устоцветни растенија).
Опис и распространетост Thymus pseudoatticus е повеќегодишно тревесто растение, со дрвенеста основа, високо од 10 до 20 см. Стеблото е полегнато и ползечко, а на врвот завршува со неплодни гранчиња. Цветните гранчиња се наредени во редица долж полегнатото стебло, свртени наназад, прилепени или истакнати, со кратки влакненца околу четириаголните гранчиња. Листовите се тесни, линејни или копјести, на врвот благо заострени или тапи, без дршки, со јасно видливи паралелни жили од долната страна, голи или со цилии по рабовите, а од горната страна влакнести со жлезди; долги 7-12 мм и широки 0,5-1,5 мм. Цветовите се групирани во врвни, главичести соцветија или во издолжени, прекинати соцветија составени од повеќе прешлени. Листовите кај соцветието се во основата јајцевидни и постепено издолжени, долги 6-9 мм и широки 2-3 мм, голи или со кратки влакненца одоздола, со жлезди и рабови со долги цилии. Чашката е во форма на ѕвонче, долга 4-5 мм, со бледожолта трубичка, гола или со кратки влакненца одоздола; долните запци се долги околу 2,5 мм со цилии, а горните се триаголни, долги 1-1,2 мм, со кратки четинести израстоци; сите запци се бледожолти до зеленикави. Венчето е долго околу 6 мм, белузникаво или розово, и малку подолго од чашката. Оревчињата се долги 1мм, округли и темнокафеави.
Расте на суви тревни површини, планински пасишта на варовник и лапор, како и во деградирани шуми од габер и даб, до 900 метри надморска височина.
Варијабилност Thymus pseudoatticus var. pseudoatticus - Цветовите се групирани во врвни, компактни, главичести соцветија. Листовите на стеблото се голи, само по рабовите имаат цилии. Се среќава во Скопје - Гази Баба, Водно, с. Ракотинци, с. Сопиште, Марково Крувче, с. Долно и Горно Нерези, Матка, с. Љубин, „Марков Манастир“, с. Рашче, Жеденска Клисура, с. Кучково, Скопска Црна Гора - с. Кучевиште, с. Бањани, Катланово, Таорска Клисура; Куманово - с. Краста, с. Доброшане, с. Долно Коњаре, с. Кучкарево; Кратово - Куклица; Крива Паланка - с. Ранковци; Велес - Тополка, с. Оризари, Бабуна; Штип; пл. Серта; Неготино - Криволак; Демир Капија; Кавадарци - Љубаш, с. Драдња, с. Ресава, с. Возарци, Полошки манастир, клисурата на Раец Река; Прилеп - с. Тројаци, Козјак, Плетвар, Сивец; Мариово - р. Сатока, с. Манастир, с. Бешиште; Македонски Брод - Барбарас; Кичево - Илиница. Thymus pseudoatticus var. vardarensis - Цветовите се групирани во врвни, компактни, главичести соцветија. Листовите на стеблото од горната страна се влакнести. Се среќава во Скопје - Катланово, Таорска Клисура, Кадина Река; Куманово - с. Драгоманце, с. Пчиња; Велес - с. Новачани, Гроот, Отовица, Башино Село, Раштани; Овче Поле - Богословец; Штип – Плачковица; Кратово - с. Филиповце, с. Коњу, с. Шопско Рударе, Куклица, Кетеново, Крива Паланка - с. Опила, Ранковце, Радибуш. Thymus pseudoatticus var. stachyoides - Цветовите се групирани во долги, испрекинати соцветија, образувани од повеќе меѓусебно разделени прешлени. Се среќава во Скопје - Водно, с. Ракотинци, с. Сопиште, с. Кучково, Таорска Клисура; Куманово - с. Кучкарево, Краста, с. Доброшане, с. Орашец; Велес - клисурата на р. Бабуна, Пешти, с. Раштани, Уланци, с. Ногаевци; Градско; Свети Николе - Богословец, с. Делисинци; Штип - Плачковица; Крива Паланка - Ранковци, с. Опила; Криволак, пл. Серта, над с. Пепелиште, Кавадарци - Љубаш, клисурата на Раец Река; Прилеп - Плетвар, Козјак, Дебреште; Мариово - с. Мелница, с. Витолоште. Галерија
Наводи
Категорија:Матерка Категорија:Флора на Македонија