Trifolium scabrum — едногодишен вид на детелина опишана од Карл Линеј.
Опис Растението е едногодишно, високо 6–20 см и разгрането уште од основата, со неколку стебленца. Стебленцата се исправени или приподигнати, најчесто неразгранети, со долги интернодиуми, а во долниот дел се густо покриени со раширени влакна, додека во горниот дел се покриени со прилегнати влакна. Базалните листови имаат дршки два до три пати подолги од листната плочка, стеблените листови имаат покуси дршки, а најгорните листови се со многу куси дршки или речиси приседнати. Прилисниците го обвиваат соцветието.
Листовите се долги 6–10 мм, обратнојајцевидни до обратнојајцевидно-долгнавести, поретко јајцевидно-кружести, со заоблен или малку заострен врв и ситно назабен раб. Страничните жилки се јасно испакнати и благо закривени, а од двете страни листовите се покриени со прилегнати влакна. Прилисниците се јајцевидни или јајцевидно-копјести, белузлави, со зелен врв.
Соцветијата се терминални или се развиваат во пазувите на листовите, јајцевидни до јајцевидно-цилиндрични и составени од густо збиени цветови. Во основата обично се опкружени со широки прилисници, а кај најгорните листови се без прицветници. Цветовите се долги 5–5,5 мм.
Чашката е долга 5–5,5 мм и покриена со полураширени влакна. Нејзиниот цилиндричен трубест дел е долг околу 2 мм, има десет изразени жили, кои подоцна се разгрануваат. Запците се триаголесто-копјести, со полураширени влакна по работ и со различна должина: горните се долги околу 1,5 мм, страничните околу 2 мм, а најдолниот околу 3 мм. По прецветувањето, запците се исправаат и се свиткуваат надолу. Венчето е розово или белузлаво, покусо од чашката или долго колку неа. Барјачето е долго околу 5,5–6 мм, а крилцата се малку покуси од него. Плодот е мала мешунка која обично содржи едно семе.
Распространетост во Македонија Trifolium scabrum расте по брдски пасишта и камењари на надморска височина до 1000 метри. Растението е широко распространето низ територијата на Македонија.
Варијабилност
Trifolium scabrum f. scabrum — растение со расперени и прилегнати влакна, што е широко распространето на територијата на Македонија. Trifolium scabrum f. subvillosum — растение со многу густи расперени и прилегнати влакна, познато е дека се среќава во Богданци.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Малта Категорија:Детелина Категорија:Незагрозени видови според МСЗП Категорија:Флора на Македонија Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј