мини|Жолт лабрадор Лабрадор ретривер (лабрадор) — еден од неколкуте видови ретривери кои спаѓаат во класата на ловечки кучиња (птичари). Карактеристични за оваа раса се шепите кои се приспособени за пливање , кои се корисни за првобитната намена на оваа раса — извлекување и враќање рибарски мрежи од водата. Лабрадорот е најпопуларната раса на кучиња во Канада, Обединетото Кралство и САД (уште од 1991 година). Исто така, лабрадорот е една од најпопуларните раси на кучиња за помош на луѓе со инвалидитет во Австралија, Канада, Обединетото Кралство и САД , како и во многу други држави. Истовремено полицијата масовно ја користи оваа раса поради нејзините способности за откривање на траги. Вообичаено, лабрадорите се спортски настроени и многу сакаат да пливаат, да играат игри во кои треба да го фатат и донесат предметот кој им е фрлен од сопственикот, добро се однесуваат во близина на мали деца и постари луѓе и можат да пружат заштита.

Историја

Предците на денешната раса Лабрадор потекнуваат од островот Newfoundland, кој сега е дел од областа Newfoundland и Labrador во Канада. Расата која е основа на Лабрадорот е „St. John’s Water dog“, раса која настанала со ad-hoc размножување во 16 век. Предците на кучињата од расата ,,St. John’s Water dog,, не се познати, но најверојатно тие се мешавина од англиски, ирски и португалски кучиња кои се користеле за работни цели. Кучињата од расата Њуфаундленд ( тогаш познати и како Голем Њуфаундленд) најверојатно се добиени со вкрстување на кучиња од расата „St. John’s Water dog“ со кучиња од расата Мастиф, кои биле донесени на островот од страна на португалски рибари кои таму ловеле риби уште во 16 век. Кучињата со пократко крзно и помал раст (познати под името „Мал Њуфаундленд“) се користеле за пронаоѓање на рибарски мрежи и нивно вадење од водата. Овие помали кучиња се предци на кучињата од расата „лабрадор ретривер“. Белата површина на градите, стапалата, брадата и муцката се одлики на кучињата од расата „St. John’s Water dog“, кои често може да се забележат кај денешните мешани Лабрадори , а повремено ги има и кај чистокрвните лабрадори во вид на мали бели точки на градите (познати под името медалјон) или бели влакна на стапалата и муцката. Областа „Св. Џон“ (St. John’s) во Њуфаундленд најповеќе била населена од Англичани и Ирци. Локалните риболовци првобитно ги користеле кучињата од расата ,,St. John’s Water dog,, за влечење јажиња меѓу рибарските чамци, за влечење на рибарски мрежи и чамци како и за враќање на рибарските мрежи во водата. Верноста и трудољубивоста биле одлики на кучињата од расата Лабрадор кои риболовците ги ценеле.

На почетокот на 19 век во областа Пул во Англија ( која тогаш била лулка на трговијата со риба) од страна на благородништвото биле донесени голем број кучиња од расата „St. John’s Water dog“, кои подоцна станале ценети како ловечки кучиња. Во Англија се појавиле неколку одгледувачници кои се занимавале со размножување на кучињата од оваа раса. Истовремено политиката за заштита на овците во Њуфаундленд и карантинот против беснило во Англија довело до постепено исчезнување на оваа раса во државата од каде потекнува.

Првиот и вториот Гроф од Malmesbury кои одгледувале кучиња од оваа раса за помош при ловењето патки на нивниот имот, како и 5-от и 6-от војвода од Buccleuch, но и неговиот син – лордот Џорџ Вилијам Монтагу-Даглас-Скот, биле одговорни за добивањето и распространувањето на кучињата од денешната раса Лабрадор во 19 век во Англија. Кучињата Авон и Нед кои му биле дадени на војводата Buccleuch за неговата програма за рамножување во 1880 години се сметаат за предци на денешниот лабрадор.

Се смета дека првото куче од расата „St. John’s Water dog“ е донесено во Англија околу 1820 година, но сепак угледот на оваа раса почнал да се шири низ Англија многу порано од тоа. Постои приказна според која Грофот од Malmesbury видел куче од расата „St. John’s Water dog“ на рибарски чамец и веднаш се договорил со трговците, во Англија да се увезат кучиња од оваа раса. Предците на Лабрадорот толку многу го импресионирале грофот поради нивните способности да враќаат работи од водата , што тој ја преиначил својата одгледувачница за стабилизирање и развивање на оваа раса.

Првобитен опис

Постојат неколку првобитни описи на кучињата од расата ,,St. John’s Water dog,,. Во 1822 година, истражувачот В. Е. Кормак го изодел островот Њуфаундленд. Тој во неговиот дневник напишал : кучињата се совршено обучени за носење на пленот при лов и се мошне корисни....Се претпочитаат кучиња со мазно и кратко крзно бидејќи во услови на мраз долгото крзно станува тешко при излегување од вода. Во друг извештај на полковникот Hawker кучињата од оваа раса се опишуваат како : „досега најдобра раса за каков било тип на лов“. Тие се црни и не се поголеми од Поинтер (вид ловечки кучиња), имаат фини тенки нозе и кратко и мазно крзно и не ја носат опашката свиткана како други видови кучиња. Оваа раса е екстремно брза при пливање, трчање и во борба , а има и одлично сетило за мирис. Геологот Joseph Beete Jukes вака ја опишува расата ,,St. John’s Water dog,, во својата книга ,, Екскурзија во Њуфаундленд во текот на 1839 и 1840 година : Денес на брегот дојде црно куче со кратко крзно. Животното беше од раса која многу се разликува од расата Њуфаундленд во Англија. Имаше тенка и остра муцка, долга опашка, тенки ,но силни нозе, тенок и исправен труп и кратко и мазно крзно,, , напишал Jukes. ,, Овие кучиња се најбројни во државата.....Тие во никој случај не се убави, но генерално гледано се поинтелигентни и покорисни од другите....гледав како еднаш или двапати го стави стапалото во вода и го помрднуваше наоколу. Тоа стапало беше бело, а Харви рекол дека кучето го направило тоа за да намами риби. Целата процедура беше извонредна, посебно откако ми рекоа дека никогаш порано не го имаат научено на такво нешто.

Име на расата

Првобитната раса на кучиња која денес ја знаеме како Лабрадор Ретривер била позната под името „St. John’s Water dog“, „St. John’s dog“ или помал њуфаундленд. Кога подоцна кучињата биле донесени во Британија, тие биле именувани по името на географската област Лабрадор, со цел да се разликуваат од расата Голем Њуфаундленд, иако расата потекнува од јужниот остров Авалон.

Историски одлики

Првите писмени податоци за оваа раса датираат од 1814 година (од полковникот Peter Hawker), првата слика датира од 1823 година (Кора, Лабрадорка од Edwin Landseer), и првата фотографија датира од 1856 година (домашното куче на грофот од Хоумс-Нел, опишано како Лабрадор и куче од расата St. John’s dog). До 1870 година, името на расата лабрадор често се употребувало во Англија. Според податоците првиот жолт Лабрадор е роден во 1899 година, а расата била признаена од Клубот Кенел во 1903 година. Првиот Американски Кенел клуб за расни кучиња е регистриран во 1917 година. Чоколадниот Лабрадор се појавил за време на 1930-те години иако има податоци дека кучиња со пепеласто кафена боја биле родени во одгледувачницата на Buccleuch во 1892 година. Расата St. John’s Dog преживеала до почетокот на 1980-те години. Постојат фотографии од 1981 година од последните 2 преживеани кучиња на постара возраст.

Подвидови

Низ историјата , повремено се појавувале кученца од оваа раса со жолта или кафена боја, но тие биле убивани, сè додека не биле признаени во 20-от век. Првиот Лабрадор со жолто крзно бил Лабрадорот Бен на Хајд, кој е роден 1899 година, додека Лабрадорите со кафено крзно започнале да се појавуваат во 1930-те години.

Жолта боја на крзното (и слични нијанси)

Од првите години на појавувањето на оваа раса па сè до средината на 20-от век, Лабрадорите со жолта боја на крзното (златеста) , кои всушност имале темна боја на крзното (слична на карамела) што можело да се види на првите фотографии од Лабрадори. Оваа нијанса на крзното била позната под името златна, но друштвото за кучиња на Обединетото Кралство побарало тоа име да се промени велејки дека златната боја всушност не е боја. Во текот на 20-от век преовладувала побарувачка за посветли нијанси ,од жолтата боја, па сè до кремастата боја на крзно, па затоа денес повеќето Лабрадори ја имаат оваа нијанса на крзното. Исто така и жолто-кафената боја била доста честа боја на крзното на Лабрадорите. Интересот за потемните нијанси на златна и црвеникава боја бил повторно воспоставен од одгледувачите во Англија во текот на 1980-те години, а за оваа промена клучни биле 3 кучиња: Balrion King Frost (црна боја, родено во 1976 година) , чие потомство постојано имало темножолта боја на крзното , па затоа се смета дека го имал најголемото влијание за повторното појавување на оваа боја на крзното, како и неговиот внук, исто толку познатиот Wynafaul Tobasco (роден во 1986 година) за кој се смета дека е ,,таткото на Лабрадорите со црвеникава боја, и кој е единствениот шампион на изложбата за кучиња во Обединетото Кралство со црвеникава боја. И други кучиња како што се Red Alert и Scrimshaw PLacido Flamingo, се заслужни за понатамошно пренесување на гените на обновената раса.

Лабрадори со кафена боја на крзното

Jack Vanderwyk го следи потеклото на Лабрадорите со кафена боја на крзното обележани во базата на податоци LabradorNet ( во која има околу 34,000 Лабрадори од сите нијанси на крзно), велејки дека потекнуваат од 8 првобитни лози на потекло. Сепак , различните нијанси во бојата на крзното не се сметале за различни бои (типови Лабрадори) сè до 20-от век, кога според Vanderwyk можело да им се следи потеклото на овие кучиња , но тие не биле признаени. На почетокот на 20-от век било воведено и рангирање на кучињата добиени со вкрстување на Лабрадорите со рамно крзно и Chesapeake Bay ретриверите, што било важно за нивно признавање. Лабрадорите со кафена боја на крзното биле широко распространети во одгледувачниците на Грофот од Feversham и Lady Ward од Chiltonfoliat. Крвните линии според Vanderwyk потекнуваат од 3 црни Лабрадори од 1880-те години- Buccleuch Avon и неговите потомци Лабрадорот Malmesbury Tramp и Лабрадорката Malmesbury June. Morningtown Tobla исто така се смета за важен претставник, бидејќи според книгата со педигреа потекнува од лозата на Peter на Faskally.

Опис

Изглед

Лабрадорите се прилично голема раса на кучиња кај која мажјаците достигнуваат тежина од 29 до 41 кг., додека женките се со тежина од 25 до 32 кг. Според стандардите на Американскиот Кенел клуб за расни кучиња Лабрадорите со тежина од повеќе од 45 кг. се сметаат за кучиња со прекумерна тежина иако некои Лабрадори тежат и повеќе од тоа. Поголемиот дел од одликите на оваа раса, освен бојата на крзното се добиени како резултат на одгледување со цел да се добие куче кое е погодно за работа. Како и кај другите раси на кучиња, лозите на Лабрадорот се разликуваат во Англија и во Америка, но , во овие држави се одгледуваат и двата типови на Лабрадори. Сепак, во целина луѓето од англиските клубови за расни кучиња се обидуваат да одгледуваат Лабрадори кои имаат среден раст, пократко тело и пошироки муцки и имаат помирен карактер, за разлика од Лабрадорите со потекло од Америка кои имаат поголема висина, полесна конструкција, потесни муцки и подолг нос. Сепак, дури и Лабрадорите со потекло од Америка треба да имаат пропорции во согласност со стандардите на Американскиот клуб за расни кучиња. Според нив Лабрадорите со претерано долг нос , тенка глава, долги нозе и слабо тело не спаѓаат во стандардите. Овие два типа Лабрадори не се кодифицирани и се сметаат за нестандардни. Американскиот клуб за расни кучиња нема направено споредба, но се смета дека овие два типа Лабрадори потекнуваат од различни одгледувачки лози. Постојат и лози на Лабрадори со потекло од Австралија кои често може да се сретнат во Азија.