А
а - со буквата а - (првата самогласка на лат. глагол affirmo 1. = потврдува), во формалната логика се означува универзално афирмативната реченица (на пр. сите луѓе се смртни). (SaP)
А = А - најуниверзалниот симболичен израз на принципот на идентитетот.
ab alio - a se - (лат. = од друго - од себе), схоластички изрази: ab alio означува дека суштеството нема причина на сопственото постоење ниту од себе ниту во себе, - тоа се контингентни, ненужни суштества; a se означува суштество кое од себе и во себе има принцип и разлог на сопственото постоење, - тоа е нужно суштество, Бог.
ab esse ad posse valet illatio, a posse ad esse non valet - (лат.), схоластичко начело за односот помеѓу можноста за опстојување и стварното опстојување. Имено, ако нешто стварно опстои, тогаш мора да се заклучи дека неговото постоење е можно, но не важи и обратното, т.е. дека она што е можно сигурно и ќе опстои.
ab intrinseco - ab extrinseco - (лат. = одвнатре - однадвор), со тие изрази схоластичките филозофи означуваат каде се наоѓа разлогот на актуалноста на некоја одредница (детерминација) на суштеството, во неговата сопствена суштина (есенција) или вон суштината на односното суштество.
абнормално - (од лат. abnormis = неправилен), она што не е во склад со некое правило, норма.
августинизам – средновековен правец во теологијата, филозофијата и политиката кој првобитно се инспирирал со учењето на св. Августин. Поимот настанал подоцна и прв го користи Ф. Ерл (F. Ehrle (1889).
авероизам - поимот ја означува филозофската и научната мисла на арапскиот филозоф Авероес и неговата школа, особено во толкувањето на Аристотеловата филозофија. Најзначајните ставови на авероизмот се: субординационизам на верата спрема вистините на разумот; вечност на материјата и светот; единството на (воз)можниот ум кај сите луѓе (монопсихизам).
автаркија - (од грч. αὐτάρκεια = потполна самостојност, самодостатност), поимот е присутен веќе кај предсократовците, а во грчката филозофија (особено стоичката) означува етички став на независност од уживањето и нештата. Автаркијата е ознака на мудрецот и сметана е за неопходна во постигнување на среќата.
автентично - она што е изворно, вистинско, некривотворено. Поимот го користат егзистенцијалистите, особено М. Хајдегер (M. Heidegger), за да ја означат човечката внатрешност, "автентичната егзистенција", живеана во полна свесност на сопственото одредување, за разлика од неавтентичноста (баналноста), "неавтентичната егзистенција" која ја претставува секојдневниот живот.
автокинеза - (од грч. αὐτός = сам и κίνησις = движење; самодвижење), според Платон, (Федар, 245 Е), Аристотел (За душата, II, 1, 412) и други виталисти а-та е суштинска ознака на животот кој има моќ на иманентно самодвижење.
autoconscientia - (од грч. αὐτός = сам и лат. conscientia = сознание; самосвест), способност на мислата да се осети самата себе, чин со кој човекот се сознава самиот себе; свест за самиот себе, сопственото опстојување и дејствување. Во филозофска смисла значи свест дека сопственото постоење и дејствување зависат од сознавањето на себеси, присутно во секој чин. А-та не е исто што и знаење за себеси, до кое се доаѓа со рефлексија кај сознавањето на останатите нешта, туку имплицитно е соприсутна во секое свесно дејствување и се препознава како свесно дејствувачки субјект, ЈАС. За Аристотел а-та е мислење на мислењето; за Августин а-та е внатрешна свест, сигурност дека вистината живее во нас. За Р. Декарт (R. Descartes) а-та (свеста за сопственото суштествување) претставува темел на секое сигурно сознавање. Треба да се разликува рефлексивна а., кога се сознава со враќање на некој претходен сознавателен чин; и конкомитантна а., т.е. активност која придружува друго сознавање кое сознава некој одреден и партикуларен објект и истовремено е свесна дека мисли на тој објект.
автомат - (од грч. αὐτόματος = оној што дејствува сам), поимот означува машина/строј кој со својот внатрешен механизам што се движи, го имитира човечкото и животинското дејствување, но без свест и душа. За Р. Декарт (R. Descartes) животните и билките исто така се автомати кои дејствуваат механички.
автономија - (од грч. αὐτός = сам и νόμος = закон), во буквална смисла значи моќ за давање закон на самиот себе, односно слободно дејствување на субјектот без надворешни условувања. Со тој поим Кант ја означува способноста на човечкиот разум да си одреди морални закони, не преземајќи ги од некој авторитет, воопшто од нешто надворешно, туку од себеси. Поимот е важен и во политиката каде означува одвоеност на законодавната, судската и извршната власт.
autopoiesis - (грч. αὐτο-ποίεσις = самотворење, самосоздавање), автопоиетичката организација е составена од делови кои прават единствен, самостоен и самопроизводен систем. Својственостите на системот се одредени со интеракција на сите свои делови, а не само на еден (на пр. еден човек, едно дрво, една станица). Во филозофијата поимот е важен во идеализмот, особено кај Г. В. Ф. Хегел (G.W.F. Hegel).
авторитет - (од лат. auctoritas = углед, јамство, налог, власт), моќ на влијание на некој или нешто на некој друг или нешто друго. Поимот се користи за означување на признаените способности и квалитети на некое суштество (лице, група, институција) кои се кадри да влијаат врз поединците, така што ќе се осигура послушност во остварувањето на некоја цел. Посебна улога има во воспитувањето и политиката, и секаде каде што е важно водењето на лицата или општеството во сознавањето или постигнувањето на некое добро. Поимот понекогаш се поистоветува со поимот власт, па се говори за а-от на државата, судството итн.
агатологија - (од грч. ἀγαθός = добар, благороден), учење за доброто, еден од темелните делови на класичната етика кој ги проучува онтолошките темели на доброто и моралното добро кое се постигнува со вежбање и учење.
агенс - (од лат. ago 3. = работи; дејствувач, дејствител), ја означува дејствувачката сила, со која, во схоластичката филозофија, се означува дејноста на разумот (intellectus agens) со чија помош човечкиот потенцијален ум може да сознава.
agens in quantum est agens, non recipit aliquid - (лат. = дејствувачот, доколку е дејствувач, не прима ништо). Израз на Т. Аквински (I-II, 51, 2 ad 1) со кој сака да се каже дека дејствувачот, активната моќ, доколку дава, не прима. Сета новост при дејствувањето како такво е во она што е активно извршено; значи во учинокот, не во дејствувачот.
agere sequitur esse - (лат. = дејствувањето го следи битието), со тоа начело се изрекува дека дејствувањето го претпоставува битието, најнапред мора да постои суштеството, за потоа да може да дејствува. Изрекува дека природата на дејствувањето соодветствува на суштината на нештата, т.е. секое суштество во својата дејност го следи оној стил, што му го припишува неговата суштина. Ништо не може да дејствува освен ако е во актуалноста, ако постои, а не доколку е во можност.
агностицизам - (од грч. ἀγνωστός = несознавлив), поимот го измислил Т. Х. Хаксли (T.H. Huxley) 1869. во значење "да не се знае ништо" за некој нерешлив проблем. Поимот подоцна попримил значење на "невозможно сознание" особено на метафизичките вистини и опстојностите на надсетилната стварност. Можат да се сознаат само податоците на непосредното искуство, но не и метафизичката стварност (на пр. битието на нештата, бесмртноста на душата, моралните закони, Божјата опстојност,...). Поимот е сличен, но и различен од скептицизмот, имено агностицмот е повеќе "откажување од" одошто негација на можноста за сознавање, како кај скептицизмот.
агрегација - (од лат. aggrego 1. = придружи, придружува), збир единки, од кои секоја во себе поседува своја внатрешна едност, здружени со надворешни врски кои ги обединуваат. Схоластичката филозофија таквото придружување го смета за акцидентално, бидејќи секоја единка ја задржува својата супстанцијална едност и независност. Поимот го користи и социологијата за да ги означи различните општествени групи.
adaequatio - (лат. = изедначување, поклопување), овој поим го користи особено схоластичката филозофија во теоријата на сознавањето за да ја означи прилагоденоста (ускладеноста/усогласеноста) на перцепцијата со восприемениот предмет.
adaequatio intellectus ad rem - (лат. = изедначување на разумот спрема предметот), дефиниција на вистината (настаната во IX-от век), го изрекува мислењето дека вистината во прв ред им припаѓа на изразите, судовите или тврдењата, ако судот ја изрекува објективната состојба на нештата. Во схоластичката терминологија таа вистина се нарекува логичка вистина (veritas logica), т.е. ако потврдува дека постои она што постои, и дека не постои она што не постои. Логичката вистина се израмнува/уредува спрема онтичката, која е критериум на вистинитоста, не и обратно, бидејќи актуалноста не зависи од тоа дали е сознаена од некој створен ум.
adaequatio rei et intellectus - (лат. = изедначување на предметот спрема разумот), дефиниција на вистината на Т. Аквински (De veritate, q. 1, a. 1). Во схоластичката терминологија се употребува поимот онтолошка вистина (veritas ontologica), која му припаѓа на секое суштество и на самото битие. Таа се состои во трансценденталното својство на секое суштество да е отворено за сознавање, т.е. секое суштество може да стане предмет на сознавањето и мислењето, да е интелигибилно, да е разбирливо, т.е. да се поклопува со интелектот, да е во однос со него. Предметот може да се поклопува со разумот во две смисли: - per se: т.е. спрема оној разум од кој зависи суштествувањето на тоа суштество (градителот, писателот... и конечно на сите створенија спрема разумот на Творецот); - per accidens seu secundum quid, т.е. спрема препознавањето и прифаќањето (secundum aestimationem): тука предметот се набљудува во однос спрема поимот, кој искажува некоја суштина, но кој – барем тогаш - не ја управува изградбата на суштествувањето на таквата суштина, а со тој поим се споредува, за односниот објект да се препознае и прифати (или да не се прифати) како таква суштина. (На пр. испитувањето дали некоја ковина, со такви и такви особини, е "вистинско" злато).
адиафора - (грч.), поимот го користеле стоичките филозофи за да ги означат нештата кои не се ни добри ни лоши, кои не побудуваат никаков посебен интерес кај мудрецот (на пр. дали збирот од зрната песок на една плажа е парен или непарен).
a dicto secundum quid ad dictum simpliciter - (лат.), грешка во заклучувањето кога врз основа на тврдењето за нешто што важи под одредени посебни околности ќе се заклучи дека важи обопштено: на пр. пушењето помага кај забоболката – значи пушењето е здраво.
a dicto simpliciter ad dictum secundum quid - (лат.), грешка во заклучувањето кога се тврди дека она што важи обопштено важи и во посебни околности кои не се земени во обѕир: на пр. пливањето е корисно – значи и непливачите треба да пливаат.
адикција - облик на заклучување кој се состои во тоа логички да се собираат повеќе поими или изреки/искази. (На пр. Петар е добар студент; Петар е добар спортист; значи Петар е добар студент и спортист). За разлика од силогизмот, во адикцијата недостига/отсуствува медиумот.
адјункција (вклучителна дисјункција, алтернатива, алтернација) - логичка операција која е невистинита само кога сите составници се невистинити; соодветствува на супконтрарната противречност.
ad hoc - (лат. = за ова), латински израз со кој се означува она што на нешто му соодветствува. К. Р. Попер (K.R. Popper) го користи изразот за да означи некоја хипотеза која може да се контролира само врз основа на феномените кои таа би требало да ги толкува.
aequivocatio - (лат. = повеќезначност), настанува кога повеќе предмети ги обележуваме со ист термин, но во сосема различно значење.
aequivocus - (од лат. aequis = еднаков и vox = глас; збор), разнозначен (а воедно истозвучен), разнороден. Применето на терминот, значи ист збор да им се придаде на разни нешта кои се сосема различни, па затоа истовремено изрекува стварно различна содржина, значење. На пр. со зборот рак – се нарекува животно, болест, соѕвездие, хороскопски знак.