Карпински манастир — средновековен манастир во кумановското село Орах.
Се смета дека е еден од најстарите манастирски комплекси во североисточниот дел на Македонија.
Манастирскиот комплекс е во очајна состојба и постои ризик од целосно трајно губење на придружните објекти, особено на изгледот на главните влезни порти и објектите од јужната страна.
Потекло и значење на името
Манастирот го добил името Карпино по карпестите гребени кои се наоѓаат околу него.
Местоположба
Манастирот се наоѓа во североисточниот дел на атарот на селото Орах, оддалечен од селото 2-3 километри. Претставува осамен објект во ридско-планинскиот предел.
До манастирот води земјен пат, кој до неодамна беше во катастрофална состојба, но истиот во 2025 година е посипан со чакал.
Историја
Според едно предание тој бил подигнат уште во 1100 година.
Манастирот бил основан средниот век, односно во 14 век, од страна севастократорот Дејан, зет на царот Стефан Душан. Денешниот изглед на манастирот e од XVI/XVII век, а повторно бил обновен во XIX век.
Црквата била изградена или обновена во XVI/XVII век, заедно со еднокорабната припрата и се претпоставува дека тоа било направено на темели од постара црква од XIV век.
Манастирот бил четири пати опожаруван за време на отоманскиот период и бил запустен сѐ додека не бил откупен од кратовскиот бег Ахмед Чолма. Сепак, селаните со продажба на сребрените накити на своите жени го откупиле манастирот назад и управувале со него.
Во Втората светска војна, германската војска во 1944 година ги запалила старите манастирски конаци и зградата Владичина Куќа.
Комплексот се наоѓа во очајна состојба и пред распаѓање, а моментно не се презема ништо тој да се зачува.
Карпино скрипторски центар
Карпино бил позната скрипторска школа од XVI век, според податоците од Институтот за македонска книжевност, во манастирот Карпино живееле над 300 калуѓери и тој важел како црковно-духовно и културно јадро за овој регион. Оригиналните ракописи, кои сега се наоѓаат во Москва, Софија и во Белград, сведочат за препишувачката школа и за постоење на ќелијно училиште.
Всушност, Карпинскиот манастир за првпат се споменува во 1592 година, кога било напишано Карпинското евангелие, во кое во една преписка се вели дека тоа е напишано „во манастирот Карпински, во храм Воведение на Пресвета Богородица, во лето 1592“. Околу препишувањето на евангелието во 1592 се потрудил еромонахот Јоаникие.
Во средината на XVIII век е напишан и Карпинскиот триод од чии ракописни белешки се дознава за историјата на манастирот како на пример дека во 1745 година во манастирот Карпино дошол еромонахот Стефан, запишано од ерејот Стојко од Нагоричино, додека од друга рака е запишано дека света книга пеел поп (папа) Димитрија од село Врбен во Дебарска Каза. Карпинскиот триод денес се чува во Софиската народна библиотека.
За најзначајни книжевни дела се сметаат Карпинското евангелие и Апостол со ирмологиум, кои сега се наоѓаат во Москва. Постојат и документи за 11 пергаментни ракописи, но и хартиени, како што се евангелија, апостоли, псалтири.
XIX век
За манастирот Карпино опис и податоци во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија од 1896 година, дал и македонскиот револуционер Ѓорче Петров кој запишал дека во една вдлабнатина по тој ред од чуки во почетокот Голем Дол е Карпинскиот Манастир. Тој е еден од најстарите манаситри. Според мислењето на околните жители, тој бил направен пред 1000 години. Стариот натпис каде што било запишано дека бил основан пред 1000 години, бил уништен при обновувањето на манастирот. По доаѓањето на Турците манастирот бил запустен и присвоен од некој бег, којшто во црквата ги затворал своите кози. Околните селани откако го откупиле манастирот, го возобновиле. Сега манастирот е тесен. Во средината на округлестиот двор е црквата, а наоколу се наредени 32 соби во двокатна зграда. Манастирот бил под духовенство на егзархијата и во него немало калуѓери.
Градби во манастирот
Манастирскиот комплекс е составен од: главната манастирска црква, конаците, камбанаријата, чешмата и помошните објекти.
Конаците во манастирскиот комплекс се во исклучително лоша состојба. Најстарите објекти се девастирани во поново време, додека обновениот и недовршениот двокатен конак од западната страна е во фаза на пропаѓање. Во функција е само обновениот конак од северозападната страна.
Западниот конак бил комплетно обновен со нов покрив во 1991 година.
Црква „Воведение на Пресвета Богородица“
Главната манастирска црква е посветена на Воведението на Пресвета Богородица.
Параклис
Пред манастирот се наоѓа мал параклис.
Ликовна колонија
Во манастирот започнала да се одвива ликовна колонија „Карпино“ од 2002 година.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Манастир „Карпино“ Детален извештај за мониторинг од ИКОМОС Македонија
Категорија:Орах Категорија:Манастири во Македонија Категорија:Манастири на МПЦ Категорија:Манастири во Кумановско-осоговската епархија Категорија:Манастири во Кумановско-кратовското архијерејско намесништво
