Матеја Матевски (Константинопол, 13 март 1929 - Скопје, 6 јуни 2018) — македонски поет, книжевен и театарски критичар, есеист, преведувач. Завршил филолошки изучувања на Филозофскиот факултет во Скопје. Работел во Македонската радио-телевизија како новинар, уредник на културните и книжевните програми, потоа како главен уредник и директор на Телевизија и генерален директор на Радиотелевизија Скопје. Бил член на МАНУ и негов претседател во периодот 2001 - 2004 година.

Животопис Матеја Матевски е роден 13 март 1929 година во Константинопол, Турција во печалбарско семејство. Во 1930 година, неговото семејство се вратило во Гостивар од чија околина (Беличица) потекнуваат неговите родители. Во Гостивар завршил основно учлилиште и два класа од тогашното „Граѓанско училиште“. Неговото школување било прекинато за време на војната, а во 1942 година активно се вклучил во Народноослободителната војна. Во 1945 година го продолжил школувањето во гимназијата во Тетово и во Скопје, каде матурирал во 1948 година. Во 1949 година заминал за Белград, каде своето школување го продолжил на Високата новинарско-дипломатска школа. Студиите ги прекинал во мај 1949 година поради нарушеното здравје, а потоа се запишал на Филозофскиот факултет во Скопје на групата македонски јазик и југословенска литература, а дипломирал во 1956 година. По завршување на студиите, во 1953 година се вработил како новинар во Радио Скопје, а во 1954 година работел како наставник во стопанското училиште „Крсте Мисирков“ во Скопје. Есента 1955 година се вратил во Радио Скопје, како соработник во литературно културната програма, а подоцна станува главен продуцент и директор на Радио телевизија Скопје. Исто така, ја извршувал функцијата претседател на комисијата за културна реализација и бил уредник на издавачката куќа „Кочо Рацин”. Како студент, (1951-1958) бил уредник на списанието „Млада литература“, а потоа повеќе година на „Разгледи“. Во 1960 година се вработил во издавачката куќа „Кочо Рацин“, како уредник на едициите: „Поетска плејада“, „Светски класици“ и „Драма“. Во 1962 година заминал во Париз, каде го проучувал современиот француски театар. Во 1963 година бил избран за претседател на Друштвото на писателите на Македонија, а истовремено станал и главен уредник на културно-уметничката програма на Телевизија Скопје. Во 1965 година бил назначен за директор, а во 1967 и за генерален директор на Радио-телевизија Скопје. Во 1974 година бил избран за вонреден професор по историја на светската драма и театар на Факултетот за драмски уметности, а во 1980 година бил избран за редовен професор. Во 1977 година бил именуван за претседател на Републичката комисија за културни врски со странство. Во 1979 година станал дописен а во 1983 година и редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Во 1985 година бил одликуван со францускиот орден „Легија на честа“. Во 1986 година бил избран во претседателството на СР Македонија.Македонски писатели, Друштво на писатели на Македонија, Скопје, 2004, стр. 155.„Животопис, во: Матеја Матевски, Подготовки за патување: избор од поезијата, Македонска книга, Скопје, 1987, стр. 305-310.

Матеја Матевски членувал во многу книжевни друштва и различни книжевни здруженија. Тој станал член на Друштвото на писателите на Македонија во 1956 година, и бил негов подоцнежен претседател, како и претседател на „Струшките вечери на поезијата“, на „Рацинови средби“, на Бигорските научно-културни собири, на Охридско лето и на Македонската литературна фондација. Исто така, бил член на Македонската академија на науките и уметностите и потпретседател на МПЕН.Службен весник на Социјалистичка Република Македонија 18/1986, 1 стр.

Матевски починал ноќта на 6 јуни 2018 година, на 89-годишна возраст во Скопје.М., Н.. „[novamakedonija.com.mk/makedonija/почина-академик-матеја-матевски/ Почина академик Матеја Матевски]“. Нова Македонија. 7 јуни 2018.

Творештво Со пишување стихови почнал да се занимава уште во гимназијата. Првите песни ги објавил во 1951 година во „Млада литература“, списание на Клубот на младите писатели на Филозофскиот факултет во Скопје. По неколку месеци станал уредник на ова списание и оваа функција ја извршувал до 1958 година, кога тоа се споило со списанието „Разгледи“. Во 1956 година ја објавил првата стихозбирка „Дождови“ во издание на Култура од Скопје, а втората бирка, „Рамноденица“, се појавила во 1963 година, повторно како издание на Култура. Во 1967 година, издавачката куќа Мисла објавила избор од неговата поезија со наслов „Празнична романса“, а две години подоцна уште еден избор со наслов „Залез“. Во 1976 година, во издание на Мисла излегла од печат збирката „Перуника“ со цртежи на Ордан Петлевски.„Животопис, во: Матеја Матевски, Подготовки за патување: избор од поезијата, Македонска книга, Скопје, 1987, стр. 305.

Освен со поезија, Матевски се занимавал и со театарска критика и со превод. Преведувал претежно од албански, словенечки, српскохрватски и француски јазик. Меѓу другите, тој ги превел следниве книги:„Животопис, во: Матеја Матевски, Подготовки за патување: избор од поезијата, Македонска книга, Скопје, 1987, стр. 306-309. Едвард Кардељ, „Развој на словенечкото национално прашање“ (Култура, 1959) Драготин Кете, „Приказна за шивачката и ножиците“ (1961) Ела Пероци, „Очилата на тетка Бајаваја“ (1961) Херман Кестен, „Децата на Герника“ (1962) Прежихов Воранц, „Момина солза“ (1962-1965) Иван Минати, „Сè бега со облаците и птиците“ (1966) Андре Френо, „Во мрачното стебло“ (Мисла, 1970). Пабло Неруда, „Поезија“ (Струшките вечери на поезијата, 1972, заедно со Влада Урошевиќ и Луан Старова) Федерико Гарсија Лорка, „Поезија“ (Македонска книга, 1974) Рафаел Алберти, „Триаголник на убавината“ (Џем Јајиневи, Истанбул, 1978, во превод на Неџати Зекирија) Адем Гајтани, „Лебедовата песна“ (Култура, 1982) Франце Прешерн, „Сонети на несреќата“ (Македонска книга и Цанкарјева заложба, 1982) Тоне Павчек, „Светлината на сенката“ (1983) Луис Пастори, „Земјата на чадот“ (1983) Алојз Градник, „Поезија“ (1983) Антологија на поезијата на Венецуела (заедно со Александар Митевски и Илија Чашуле, 1983) Цирил Злобец, „Клас“ (1984) Хорхе Хусто Падрон, „Во сончевите води“ (1985) Хенрик Ибзен, „Драми“ (заедно со Загорка Матевска, 1985) Александар Пушкин, „Руслан и Људмила“ (Наша книга, Скопје, 1986) Иван Минати, „Болката на недоживеаното“ (1986) Хусто Хорхе Падрон, „Круговите на лекарот“ (Наша книга, Скопје, 1987)

Поезијата на Матевски е преведена на неколку јазици: „Дождови-Кише“ (Просвета, Белград, 1962, во препев на Влада Урошевиќ) „Магли и квечерини“ (Маја Сиена, 1969, во превод на Џакомо Скоти) „Песни-Песме“ (Народна книга, Белград, 1974, во препев на Влада Урошевиќ). „Поезија“ (Липа, Копер, 1975, во препев на Иван Минати) „Балада за времето“ (Флака е влазеримит, Скопје, 1975, во препев на Адем Гајтани) „Перуника“ (Просвета, Белград, 1977, во препев на Влада Урошевиќ) „Круг“ (Флака е влазеримит, Скопје, 1978, во препев на Адем Гајтани) „Круг“ (Рилиндија, Приштина, 1979, во препев на Адем Гајтани) „Езеро“ (Факла, Темишвар, 1978, во препев на Каролина Илика) „Моќта на светулката“ (Дифрос, Атина, 1981, во препев на Васко Караџа) Постер со стихови на хинду (Индија, 1981) „Обраќање до предокот“ (Словенски списовател, Братислава, 1985, во препев на Франтишек Липка) „Скаменетиот Орфеј“ (избор на стихови на дански јазик, 1985, заедно со песни на Славко Јаневски и Блаже Конески, во препев на Јане Кабел и Ингер Кристенсен) „Откривање на пустината“ (Македонска книга, Скопје и Цанкарјева заложба, Љубљана, 1985, во превод на Иван Минати) „Раѓање на трагедијата“ (Сен Жермен де Пре, Париз, 1986, во препев на Мира Чепинчиќ и Андре Домс) „Залез“ (Европа, Будимпешта и Форум, Нови Сад, 1986, во превод на Паскал Гилевски и други)

Неговите творби се застапени во повеќе антологии, како: „Вратата на времето. Повоените Југословенски поети“ на Иван В. Лалиќ и Јосип Пупачиќ (Загреб, 1958), „Современа Југословенска поезија“ на Зоран Мишиќ (на француски јазик, Париз, 1959), „Антологија на светската поезија“ (УНЕСКО, Париз, 1959), „Повоени македонски поети“ на Димитар Митрев (Скопје, 1960), „Југословенска лирика“ на Танасие Младеновиќ, Новак Симиќ и Драго Шега (на полски јазик, Варшава, 1960), на „Современа македонска поезија и проза“ на Александар Спасов, Милан Ѓурчинов и Димитар Солев (на српскохрватски јазик, Белград, 1961), „Млада југословенска лирика“ на Иван Ивањи (на германски јазик, Франкфурт на Мајна, 1961-62), „Понова југословенска поезија“ на Димитар Митрев, Фран Петре, Владимир Поповиќ и Шиме Вучетиќ (Загреб, 1962 и 1966), „Светска поезија“ на група автори (на француски јазик, УНЕСКО, Париз, 1963), „Современа македонска поезија“ на Александар Спасов (на словенечки јазик, Љубљана, 1963), „Современа југословенска лирика“ на Херберт Готшалк (на германски јазик, Гитерслоу, 1964), „Современа југословенска поезија“ на Аурел Гаврилов и Раду Флора (на романски јазик, Панчево, 1964), „Антологија на современата југословенска поезија“ на Јанко Лаврин (на англиски јазик, Лондон, 1964), „Антологија на македонската поезија“ на Џакомо Скоти (на италијански јазик, Сиена, 1965), „Песна на нашите денови. Антологија на модерната југословенска поезија“ на Карољ Ач (на унгарски јазик, Нови Сад, 1965), „Балкански писатели. Зборник со дела од учесниците во првата средба на балканските писатели“ на Лилјана Ацева и Николај Јанков (на бугарски јазик, Софија, 1965), „Нова југословенска поезија“ на Кирил Злобец, Славко Михалиќ и Александар Спасов (на италијански јазик, Парма, 1966), „100 дела од литературите на југословенските народи“ на Влатко Павлетиќ (на српскохрватски јазик, Загреб, 1966), „Снимци на пејзажите на поезијата. Мал избор од југословенските поети од XX век“ на Ирена Венигова и Душан Карпатски (на чешки јазик, Прага, 1966), „Современа македонска поезија“ на Александар Спасов (на српскохрватски јазик, Белград, 1967), „Антологија на македонската поезија“ на Милан Ѓурчинов (на српскохрватски јазик, Белград, 1968), на „Антологија на светската љубовна поезија“ Никола Милечевиќ (на српскохрватски јазик, Загреб, 1968), „Светска поезија. Од најстарите времиња до денес“ на Илхан Берк (на турски јазик, Истанбул, 1969), „Раѓање на зборот. Современи македонски поети“ на Золтан Чука (на унгарски јазик, Будимпешта, 1969), „Десет македонски поети“ на Неџати Зекерија (на турски јазик, Истанбул, 1971) и „Современи југословенски поети. Мала антологија“ на Костас Асимапокулос (на грчки јазик, Атина, 1971).

Осврт кон творештвото