Србите се јужнословенски народ чии татковини се Србија и Босна и Херцеговина. Покрај Србија и Босна и Херцеговина, големи српски малцинства има и во Црна Гора и Хрватска, додека помали, но сепак значајни српски заедници има и во Македонија и Словенија (од поранешните југословенски републики), како и во Романија и Унгарија (особено во нивните делови од Банат). Надвор од Балканот, во дијаспората, значајни српски заедници има во: Германија, Австрија, Швајцарија, САД и Канада.

Србите го говорат српскиот јазик, сроден на хрватскиот и босанскиот и една од стандардизираните норми на српскохрватскиот јазик. Најголем дел од Србите се православни христијани и тие припаѓаат на Српската православна црква.

Потекло и етногенеза

Модерниот српски народ е од словенско потекло, сроден со останатите словенски народи и говори словенски јазик. Според прифатената историја, Србите на Балканот се доселиле во почетокот на 7. век, поточно околу 626. година за време на владеењето на византискиот цар Ираклиј. Територијата од којашто дошле се нарекува Бела Србија или Бојка и се претпоставува дека се наоѓала во полапските краишта, денес позната како Лужица. Поткрепа за е токму името на словенскиот народ кој денес ги населува тие предели - Лужички Срби. Некои теории претполагаат дека тие се „роднини“ на балканските Срби, односно оној дел од жителите на Бела Србија кој не се иселил на југ.

Други теории претпочитаат дека Србите се народ од иранско потекло кој живеел во пределите на северен Кавказ. Овие теории се засноваат на делата на историчарот Такит и на Плиниј Постариот. Исто така, во 2. век Птоломеј во својата Географија го поврзува поимот Срби (Serboi) со племиња кои живеат во долниот тек на Волга и северен Кавказ.

Името Срби, како име за словенско племе на Балканот е првпат забележено во 822. година. Со населувањето на Словените на Балканот може со голема сигурност и точност да се реконструира историјата на српскиот народ.

Популација

Вкупниот број на Србите во светот изнесува околу 7,5 милиони. Најголем дел од нив живеат во Република Србија - околу 6 милиони, каде сочинуваат 83% од населението. Србите се и еден од трите конститутивни народи во Босна и Херцеговина каде сочинуваат 30% од вкупното население или околу 1 милион. Бројни српски малцинства има во земјите на поранешна Југославија: Хрватска - 186,633 (2011), Црна Гора - 178,110 (2011), Словенија - 38,964 (2002), Македонија - 35.939 (2002). Од останатите соседни земји, позначајно српско малцинство има Романија - 18,076 (2011), додека големи српски заедници има и во: Германија, Велика Британија, Франција, Швајцарија, САД, Канада, Австралија итн.

Градови кои имаат најголема српска популација се: Белград (1,500,000), Нови Сад (околу 270,000), Ниш (240,000), Крагуевац (170,000), Бања Лука (165,000), сите во рамките на поранешна Југославија. Надвор од нив, се смета дека најголема српска популација има во Виена, Чикаго и Торонто.

Култура Српскиот народ се одликува со богато и разновидно културно наследство. Културата и традицијата може да варираат според географски параметри. Оваа разновидност се манифестира на многу полиња: музиката, облекувањето, говорот и сл. Како и да е, ова нема пресудно влијание врз колективната свест на Србите. Така на пример Србите од Централна Србија (срп. ужа Србија - потесна Србија, Србија во потесна смисла) со векови биле под ориентално влијание (Византија, Отоманска Турција), Србите во Хрватска и Војводина биле под силно унгарско или австриско влијание, додека Србите од јадранското крајбрежје т.е. Далмација и неговата непосредна околина - под венецијаско. Современата српска култура е мешавина на традиционалната и модерната западна, но со некои изразени „традиционалистичко-модернистички“ црти (на пример турбо-фолк музиката и сл.).

Јазик right|thumb|Српската азбука, споредена со српската латиница, Вук С. Караџиќ, Српске народне пјесме, Виена 1841 Србите говорат на српски јазик, норма на српскохрватскиот. Српскиот јазик е службен јазик на територијата на Република Србија и во Црна Гора и еден од трите службени јазици на Босна и Херцеговина.

Генеалошки, српскиот јазик припаѓа на фамилијата словенски јазици и поточно се класифицира како западнојужнословенски јазик, заедно со словенечкиот, хрватскиот и босанскиот јазик. Во периодот на постоењето на Југославија (1918-1991), последите три јазика биле заеднички именувани како српскохрватски (или хрватскосрпски) јазик. Иако своевремено поголем дел од говорителите го сметале овој јазик за свој мајчин (вклучително и Србите), денес дури и се негира постоењето на оваа јазична заедница. Современата лингвистика смета дека овие јазици се всушност различни стандардизации на ист дијасистем - централниот западнојужнословенски.

Современиот српски јазик настанува како континуант на српската редакција на црковнословенскиот јазик. Зборовниот фонд е доминантно словенски по потекло, но постојат и голем број на заемки - особено турски (претежно во народниот говор), германски (особено во техничката терминологија) и унгарски (особено во Војводина) и во помала мера француски.

Карактеристично за српскиот јазик е тоа што има два официјални изговори и се пишува со две рамноправни писма. Така екавскиот и јекавскиот изговор се сметаат за рамноправни во книжевниот јазик како литературни изговори (за разлика од икавскиот кој не го ужива ова); од друга страна за пишување рамноправно се користат кирилицата и латиницата. Кирилицата била единствено писмо на јазикот (во Србија) до 1945., но во „српскохрватскиот период“ латиницата добива рамноправен статус. Додека во Србија статусот на писмата е повеќе или помалку изедначен, во Република Српска (како српски ентитет во БиХ) кирилицата е единствено писмо, додека во Црна Гора латиницата има предност, особено во поново време .

left|200px|thumb|Вук Стефановиќ Караџиќ, реформатор на српската азбука и правопис Најважна личност за кодифицирањето на современиот српски јазик е Вук Стефановиќ Караџиќ (1787.-1864.) кој е познат како реформатор на српската азбука и правопис и пропагатор за замена на славеносрпскиот јазик (локална норма на србизирана верзија на црковнословенскиот во руска редакција) со народен српски јазик како службен јазик на Кнежевството Србија и Србите воопшто. За таа цел, покрај реформите на писмото, Вук (како што е општо познат меѓу српските јазичари, па и народот) извршил кодификација на народниот јазик врз основа на лозничко-валевските дијалекти и јекавскиот изговор. Дополнително го издал и првиот Речник на српскиот јазик во 1818 (Српски ријечник), како и превод на најголем дел од Светото Писмо.

Меѓу познатите личности кои го учеле српскиот јазик спаѓаат и Јохан Волфганг фон Гете и Џ. Р. Р. Толкин.

Религија

Мнозинството Срби се христијани од православна вероисповед. Нивна помесна црква е Српската православна црква. Постојат мали заедници на неправославни Срби, претежно католици или протестанти, како и муслимани. Припадниците на римокатоличката конфесија се главно во регионите кои низ историјата биле под Австроунгарска власт, а оние на исламската во регионите под власта на Отоманското Царство. Последново особено важи за Босна и Санџак.

125п|thumb|right|Грбот на Српската православна црква Српската православна црква како автокефална е воспоставена во 1219. година со ранг на архиепископија со центар во Охрид, а за прв архиепископ бил поставен свети Сава Српски. Во 1345. царот Душан ја воздига во ранг на патријаршија.

Обичаи Во српската култура е длабоко вкоренет култот кон потесното, па и поширокото семејство. Според традиционалното воспитување, семејството се наоѓа над сѐ. Важноста и поврзаноста кон семејството може да се илустрира со големиот фонд на зборови кои ги содржи српскиот јазик, а се однесуваат на роднинските врски.

Србите, првенствено православните, се традиционално религиозни и нивниот пристап кон религијата е доста сериозен, особено кај (сега веќе) постарите генерации. Широко распространета кај нив е крсната слава, кој се смета за пагански словенски обичај, обред во кој се чествува светецот-заштитник на семејството. Иако се смета за изворно српски обичај, крсната слава (или само слава) се сретнува и кај Македонците (особено во северните и североисточните краишта на Македонија), кај Црногорците, кај дел од Бугарите, па дури и кај дел од католичките Хрвати. Славењето на славата е строго систематизирано и малку комплицирано и за него важат следниве „правила“:

Славата е наследна и се пренесува од татко на син, освен ако семејството нема машки наследник, кога најстарата ќерка ја наследува славата; Секое семејство има само една слава и таа не се менува сѐ додека има кој да ја наследи; Ново семејство може да започне со славење на нова слава. Изборот може да е намерен (благодарност кон некој светец и сл.) или пак случаен; Жената по правило ја слави славата на мажот. Ако таа е воедно и наследник на славата на нејзиниот татко, тогаш тој ден се одбележува свечено, но не „на големо“ како и вистинската семејна слава; Ако светецот во чија чест се слави славата има повеќе денови во негова чест (на пример св. Никола или св. Јован), тогаш само еден од овие денови е слава, додека другиот (другите) се нарекуваат мала слава или преслава. Само славата се одбележува богато, додека преславата поскромно, но сепак се одбележува итн.

Главно обележје на славата се: кољиво (варена и зашеќерена пченица), славски колач (погача) и славската свеќа која гори сѐ додека во куќата има гости. Славата се слави три дена: денот пред славата - заслуг, денот на славата - слава и денот по славата - патерица. Покрај семејната, постојат итн. селски слави односно слави кои ги слават селата, градовите па дури и некои фели (професии) во чест на својот заштитник. Така на пример Белград како своја слава ја слави Спасение Христово - Спасовден.

Прославата на Божиќ (Божић) е многу слична на онаа кај македонскиот народ. Вечерта пред Божиќ, последната вечер од постот е Бадник (Бадњак или Бадње вече) кој се одбележува во семејна атмосфера со посна вечера и кршење на бадничко лепче со паричка (кравајче). Кому падне паричката - нему среќа цела година. Симбол на Бадникот е дабовото гранче. Утрото на Божиќ се посетуваат најблиските, обично не подалечни роднини од најтесното семејство. Божиќниот ручек е богат и (по правило) мрсен. Децата не добиваат подароци за Божиќ, туку (речиси по правило) за Нова Година.

Останати особено важни и за Србите специфични празници се: Православната нова година (14. Јануари) и Видовден (28. Јуни). Прославувањето на Православната нова година е комерцијализирано во последно време (под името Српска нова година), иако одбележувањето на почетокот на новата година датира од многу поодмна. Видовден пак се чествува заради Косовската битка (која се одиграла токму на овој ден) во спомен на српските витези паднати во борбата против Османлиите во 1389.

Стереотипи за Србите Општосрпска одлика според многумина е инаетот. Иако ова е повеќе или помалку себалканска особина, се смета дека кај Србите доживува своевидна кулминација. Оваа особина честопати им носела и среќа, но била и кобна во многу области низ текот на историјата, од спорт па сѐ до бојното поле.

Друга особина која им се припишува на Србите е неслогата. Како кобен пример на неслога се наведува предавството на Вук Бранковиќ за време на Косовската битка (за кое податоци можат да се најдат во голем број народни епски песни, но кое фактички не е забележено од историската наука). И кај самите Срби има шеговити поговорки од типот: Два Србина, три забави или Чувај Боже од сложни Срби. Дури и мотото на српскиот народ посочува на ова: Само слогата ги спасува Србите.