thumb|right|Моделот на Карл Бенц „Вело“ од 1894 thumb|right|Број на возила на 1.000 луѓе во разни земји во светот. Автомобил (од — сам, и — подвижен, брз) или разговорно кола — возило за превоз на патници што има сопствен погон. Повеќе определувања за овој израз нагласуваат дека автомобилите се направени да се движат по сувоземни патишта, да обезбедат место за седење за патници — од еден до осум патници, да имаат главно четири тркала и да бидат изработени првенствено за превоз на патници. Сепак, изразот „автомобил“ не е воопшто точен, затоа што постојат многу видови на возила што извршуваат слични задачи.
Во светот се користат околу 1 милијарда автомобили.
Потекло на поимот Зборот „автомобил“ потекнува од францускиот збор „automobile“, кој пак потекнува од грчките — „αὐτός“ (autós, „сам“) и латинскиот — „mobilis“ („мобилно, се движи“); што значи возило што се движи самостојно. Второто име „кола“ потекнува од латинскиот збор — „carrus“ или „carrum“ (возило на тркала) или „karros“ (галска приколка).
Историја Иако Никола Кињо често се споменува како првиот што направил механичко возило на сопствен погон или автомобил уште во 1769 година, со неговата преправка на коњска кола, многумина го оспоруваат ова тврдење, сметајќи дека неговото возило на три тркала никогаш не било во состојба да се движи или да одржи рамнотежа. Други сметаат дека Фердинанд Вербист, член на Исусовската мисија во Кина, го изградил првото возило на парен погон околу 1672 година, кое всушност било играчка направена за кинескиот цар со која не можеле да се превезуваат патници, но тоа било првото возило на парен погон кое функционирало (автомобил).
Нема сомнение дека Ричард Тревитик ја изградил и покажал неговата локомотива „Ѓаволот што чади“ (Puffing Devil) во 1801 година година, која според многумина била првото јавно претставено возило на парен погон, но за жал пареата не создавала доволно притисок за да може возилото да работи подолг период и со тоа не било практично. Во 1780 година во Русија, Иван Кулибин направил кочија на три тркала, на погон преку педали (човечки погон), со модерни додатоци, како замавник, кочници, менувач и лагери, но не ја развил понатаму.
Франсоа Исак де Риваз, швајцарски пронаоѓач, го дизајнирал првиот мотор со внатрешно согорување во 1806 година, кој се напојувал со мешавина од водород и кислород и го искористил за да го развие, иако непотполно, првото возило на погон со таков мотор. Оваа замисла не била многу успешна, како што бил случајот и со Семјуел Браун, Семјуел Мори и Етин Леноа со неговиот хипомобил. Секој од нив направил возило (тоа обично биле преправани кочии) со погон од нескладни мотори со внатрешно согорување. Во ноември 1881 година, францускиот пронаоѓач Гистав Труве претставил исправен автомобил на три тркала со електричен погон. Тоа било на меѓународната изложба на електрика во Париз.
Иако уште неколку германски инженери (вклучувајќи ги Готлиб Дајмлер, Вилхелм Мајбах и Зигфрид Маркус) речиси истовремено работеле на проблемот, Карл Бенц е признат како пронаоѓач на модерниот автомобил. Автомобилот со погон на четири-тактен бензински мотор бил направен во 1885 година во Манхајм од страна на Бенц, кој го добил патентот во јануари наредната година под покровителство на неговата матична компанија Benz & Cie. основана во 1883 година. Тоа бил потполн дизајн, без преправки и прилагодувања на постоечки компоненти, со вклучени бројни технолошки елементи за да се создаде нов концепт. Бенц започнал да го промовира своето возило на 3 јули 1886 година, а околу 25 возила биле продадени помеѓу 1888 и 1893 година. Емил Рожер од Франција, кој веќе произведувал Бенц-мотори со лиценца, ги додал и Бенц-автомобилите на својата линија на производи. Поради тоа што Франција била отворена за првите автомобили, на почеток повеќе биле правени и продавани во Франција преку Рожер отколку што Бенц продавал во Германија. Во 1896 година, Бенц го дизајнирал и патентирал првиот бокс-мотор со внатрешно согорување. Во последните години од 19 век, „Бенц“ станал најголемата автомобилска компанија во светот, со 572 единици произведени во 1899 година.
thumb|right|Оригиналниот патент на Карл Бенц
Во 1890 година, во Канштат, Дајмлер и Мајбах ја основале „Автомобилска компанија Дајмлер“ (Daimler Motoren Gesellschaft), а под името „Дајмлер“ го продале првиот автомобил во 1892 година, кој претставувал коњска кочија направена од друг производител, а тие ја осовремениле со нивниот мотор. До 1895 година, Дајмлер и Мејбах направиле околу 30 возила во работилниците „Дајмлер“ и во хотелот „Херман“ каде тие поставиле работилница откако останале без финансиска поддршка. Бенц и Мејбах и Дајмлер не биле свесни за претходните дела едни на други. Тие никогаш не работеле заедно затоа што кога двете компании се соединиле, Дајмлер и Мејбах веќе не биле дел од ДМГ.
Дајмлер починал во 1900 година, а подоцна истата година Мејбах дизајнирал мотор наречен „Дајмлер – Мерцедес“ за посебно направен модел по нарачка на Емил Јелинек. Тоа било производство на мал број на возила на Јелинек за трки и продажба во неговата земја. Две години подоцна, во 1902 година, бил направен нов модел на автомобилот ДМГ, наречен „Мерцедес“ по моторот на Мајбах со 35 коњски сили. Мајбах набрзо го напуштил ДМГ и отворил свој бизнис, а правата на името „Дајмлер“ биле продадени на други произведувачи. Кога економијата во Германија почнала да опаѓа поради Првата светска војна, Карл Бенц предложил соработка помеѓу „ДМГ“ и „Benz & Cie.“, но директорите на „ДМГ“ одбиле и да ја разгледаат понудата. Преговорите помеѓу двете компании се оствариле неколку години подоцна и во 1924 година тие потпишале Спогодба за заеднички интерес која важела до 2000 година. Двете фирми имале стандарден дизајн, производство, набавка и продажба и заеднички ги рекламирале и продавале своите автомобилски модели, но сепак ги задржале своите заштитни имиња. На 28 јуни 1926 година, „Benz & Cie.“ и „ДМГ“ конечно се соединиле во една компанија „Дајмлер – Бенц“ и своите автомобили ги нарекле „Мерцедес Бенц“, во чест на најважниот модел на „ДМГ“, дизајниран од Мајбах, познат како „Мерцедес 1902“. Карл Бенц бил член на директорскиот одбор во „Дајмлер – Бенц“ до смртта во 1929 година, а во меѓувреме и неговите два сина биле дел од управата на компанијата.
Емил Левазо и Арман Пежо од Франција, во 1890 година започнале со производство на возила со дајмлеровите мотори и со тоа ги удриле темелите на автомобилската индустрија во Франција. Првиот дизајн на американски автомобил со бензински мотор со внатрешно согорување бил направен во 1877 година од Џорџ Селдон од Рочестер, Њујорк, кој во 1879 година се пријавил за патент, но пријавата му истекла затоа што возилото не било направено и не докажал дека работи (што било неопходно за да добие патент). Шеснаесет години подоцна, по многубројни дополнувања, Селдон добил патент од САД на 5 ноември 1895 година (САД патент 549,160) за двотактен автомобилски мотор, кој повеќе го спречил отколку охрабрил развојот на автомобилите во САД. Неговиот патент бил предизвик за Хенри Форд и други, кои во 1911 година му го презеле истиот.
Во Британија биле направени неколку обиди да се изгради возило со погон на пареа, а солиден успех имал Томас Рикет кој дури се обидел да направи производна линија во 1860 година. Ветеранскиот автомобилски клуб од Велика Британија го признал автомобилот на бензински погон од 1894 година на Сентлер од Малверн како прв во земјата, а по него следел автомобилот на Фредерик Вилијам Ленчестер од 1895 година, но и двата биле уникати (немало сериско производство). Првото сериско производство на возила во Велика Британија било направено од Компанијата „Дајмлер Мотор“, основана во 1896 година од Хери Ј. Лосон, кој успеал да го добие правото на името на моторите. Компанијата на Лосон го направила својот прв автомобил во 1897 година и го именувале „Дајмлер“. Во 1892 година, германскиот инженер Рудолф Дизел добил патент за „Нов рационален мотор со внатрешно согорување“. Во 1897 година тој го направил првиот дизел-мотор. Возила на парен, електричен и бензински мотор се натпреварувале со години, но од 1910 години моторите со внатрешно согорување со бензински погон предничеле. Иако разни дизајни на ротациски мотори без клип се обидувале да го надминат општо познатиот дизајн со клип и коленесто вратило, само верзијата на моторот „Венкел“ на „Мазда“ имала барем мал успех.
Производство thumb|right|Рансом Е. Олдс Масовното производство на достапни автомобили го започнал Рансом Олдс во својата фабрика „Олдсмобил“ во 1902 година. Во почетокот на 1914 година, Хенри Форд значително го проширил ваквиот начин на работа. Автомобилите на Форд излегувале од производната линија на 15 минути, многу побрзо од претходните начини, зголемувајќи ја продуктивноста осум пати (го скратил потребното време од 12,5 на 1,33 часа) користејќи помалку работна сила. Но и покрај големиот успех, бојата станала тесно грло. Само јапонската црна боја се сушела доволно брзо, па компанијата морала да ги отфрли разните бои достапни пред 1914 година, сё до појавата на боите Дуко Лакер во 1926 кои се сушеле брзо. Оттаму потекнува апокрифот на Форд „не е важна бојата, само да е црна“. Во 1914 година, работник на производна линија можел да купи „Модел Т“ за четири месечни плати.
thumb|left|Хенри Форд
Форд имал процедура за безбедност – секој работник имал одредена локација во која се движел и не можел да го преминува тој простор поради опасност од повреди. Комбинацијата на високи плати и продуктивност се нарекувала „Фордизам“ и била пример за многу други големи индустрии. Зголемената продуктивност на производната лента се совпаднала со економскиот раст на САД. Производната лента ги натерала работниците да работат со одредена брзина и со повторливи движења со што се добил подобар резултат по работник, за разлика од другите земји кои не го користеле овој начин на работа. Тој имал доминантен успех во автомобилската индустрија и набргу се проширил во светот основајќи ги Форд Франција и Форд Британија во 1911 година, Форд Данска во 1923 година и Форд Германија во 1925 година. Во 1921 година, „Ситроен“ бил првиот европски производител кој го прифатил овој начин на работа. Набргу, сите компании морале да имаат производна лента или ризикувале да банкротираат. До 1930 година, 250 компании кои не го направиле тоа исчезнале.
thumb|right|Модел на Форд Т
Развојот на автомобилската технологија се забрзувал поради стотиците мало-производители кои се бореле да го привлечат вниманието на светот. Клучниот развој се достигнал со појавата на електричното запалување и електричниот стартер (двете дела на Чарлс Кетеринг, за компанијата за мотори „Кадилак“ од 1911 година), независни погонски мостови и кочници за четири тркала.
Моделот на Форд „Т“ од 1927 година се смета за прв достапен американски автомобил. Од 1920-тите, речиси сите коли биле масовно произведувани за потребите на пазарот, па автомобилскиот дизајн имал големо влијание на маркетинг планирањето. Алфред П. Слон имал идеја за различни модели на коли од една компанија, со цел купувачите да можат да „напредуваат“ како што расте нивната купувачка моќ.
Следејќи го брзиот развој и промените, направил заеднички делови па со зголеменото производство се добиле помали трошоци. На пример во 1930-тите години, за возилото на „Кадилак Ласал“ се користеле поевтини делови од „Олдсмобил“; во 1950-тите години, „Шевролет“ делел хауби, врати, покриви и стакла со Понтиак; до 1990-тите години станале вообичаени заедничките погонски системи и платформи (размен на кочници, погонски мостови и други делови). Сепак, само големите производители можеле да си дозволат високи трошоци, а дури и компании кои работеле со децении, како: Аперсон, Кол, Дорис, Хејнс или Премиер не можеле да опстанат. Од околу 200 американски производители на автомобили во 1920, само 43 опстанале до 1930, а поради Големата криза од 1929, во 1940 само 17 од нив постоеле и понатаму.