Илија Алушевски (Ѓавато, – , ) — македонски фолклорист, етнолог, просветен деец, публицист, кореограф и запишувач на усната книжевност во битолскиот крај и пошироко, поттикнувач и организатор на јавни манифестации исполнети со фолклорен жанр, учесник во развојот на аматеризмот во Македонија, меѓу македонските иселеници во Германија, Шведска и на други места.

Животопис Алушевски е роден во 1928 година во битолското село Ѓавато. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Најпрво работел како средношколски професор во учителската школа во Штип, во гимназијатаво Кочании на крајот во Електро-машинскиот училиштен центар во Битола. Извесен период бил и научен советник во Институтот за фолклор во Скопје. Собирал песни на панаѓурите, повеќе од половина век започнувајќи веднаш по педесеттите години на XX век, па сè со крајот на животот, најпрво во својство на организатор на тие манифестации во Битола и Битолско. Црпел од неисцрпните изворишта на непресушните фолклорни врутоци, бележел делови од душата на народот, да не исчезне од македонското помнење, само и само да не останеме фиданка без корен. Несебично се ангажирал во аматерските самодејности и сесрдно помагал во работата на следните КУД: „Стив Наумов“, „Илинден“, „А. Турунџев“, „Гоце Делчев“. Тој е еден е од иницијаторите за формирање на Фестивалот за народни песни и игри „Илинденски денови“. Починал во 2004 година на својата 72 годишна возраст.

Библиографија

Години на ред своите макотрпни собирани записи ги објавувал во списанија и книги. Бил редовен уредник на Радио Битола на „Фолклорната плетеница“. Во 1982 година ја обелоденил неговата прва збирка собрани народни стихови под наслов „Залуде лудо полуде“ - вкупно 224 македонски народни песни речиси од секој вид - епски, лирски, лирско-епски (балади и романси). Втората збирка „Цвилит коњче во гора зелена“ (1997), содржи вкупно 715 песни.

Награди

Добитник е на низа признанија и награди: награда на КПЗ по повод месецот на книгата, „Особено истакнат педагошки работник“, „Ѓуро Салај“, републичката награда за истакнат просветен работник „Кирил и Методиј“, општинската награда „4 ноември“, Орден за труд со сребрен венец од Претседателот на поранешната СФРЈ, сребрена плакета на ДНУ - Битола и други.

Наводи

Категорија:Луѓе од Ѓавато (Битолско) Категорија:Македонски фолклористи Категорија:Македонски етнолози Категорија:Македонски публицисти Категорија:Македонски кореографи Категорија:Југословенски фолклористи Категорија:Југословенски етнолози Категорија:Југословенски публицисти Категорија:Југословенски кореографи Категорија:Апсолвенти на Филозофскиот факултет - Скопје Категорија:Добитници на наградата „4 Ноември“