Владеjачките институции на Европската унија (ЕУ) не се концентрирани само во еден главен град, туку се распространети во три градови (Брисел, Луксембург и Стразбур), каде што се сместени и другите агенции и тела на ЕУ. Меѓутоа, Брисел стана главно седиште, бидејќи во овој град се наоѓаат поважните институции, а сега и Европскиот совет е целосно или делумно сместен таму.

Седиштата на институциите станаа политички спор, откако државите не успеаја да постигнат договор за основање на Европската заедница за јаглен и челик во 1952 година. Меѓутоа, во 1992 година беше постигнат конечен договор, подоцна додаден на Договорот од Амстердам. И покрај тоа, прашањето за седиштето на Европскиот парламент остана спорно. Работата на Парламентот е поделена помеѓу трите главни градови, што изгледа како проблем поради големиот број членови на Европскиот парламент, персонал и документи што треба да се префрлат. Поради тоа што локациите на главните седишта се заштитени со договорите на Европската унија, Парламентот нема право да одлучува за своето седиште, за разлика од другите национални парламенти.

И одредувањето локации на нови тела не е без политички спорови. Седиштето на Европската централна банка (ЕЦБ) треба да ја означува нејзината независност од политичка контрола и затоа таа е сместена во град во којшто нема национална влада или европска институција. Од 2004 година, исто така, сместени се нови агенции во Источна Европа, со цел да ја урамнотежат распределбата на агенции низ ЕУ.

Локации

Во договорите на Европската унија се наведени локациите на следниве институции: Европскиот парламент, чие седиште е во Стразбур, е домаќин на дванаесет месечни пленарни седници (вклучувајќи ја и седницата за буџетот). Брисел е домаќин на дополнителни седници и комитети (вклучувајќи ги и тие од септември 2008 година за вообичаени заседавања кога домот во Стразбур беше оштетен). Луксембург е домаќин на Секретаријатот на Европскиот парламент. Седиштето на Советот на Европската унија е во Брисел, освен во текот на април, јуни и октомври, кога состаноците се одржуваат во Луксембург.

И седиштето на Европската комисија се наоѓа во Брисел, иако Луксембург е домаќин на некои нејзини оддели. Европскиот суд на правдата, Судот од прв степен и Судот на ревизори се наоѓаат во Луксембург , заедно со Европската инвестициска банка. Економскиот и социјален комитет и Комитетот на региони се целосно сместени во Брисел, Европската централна банка се наоѓа во Франкфурт, а Европол е единствената агенција чие седиште е одредено од договорите и се наоѓа во Хаг.

Договорот од Ница го утврди Брисел како место на сите формални самити на Европскиот совет по 2004 година. Меѓутоа, некои вонредни седници понекогаш се одржуваат надвор од градот. Седиштето на Европскиот совет е утврдено со декларација, а не со протокол, што значи дека е помалку обврзувачко од другите седишта.

Неутврдени седишта

Постојат голем број тела и агенции чиишто седишта не се утврдени со договори. Брисел е домаќин на Европската агенција за одбрана (бидејќи НАТО и Западноевропската унија се, исто така, во градот). Луксембург е домаќин на Центарот за преведување за телата на Европската унија и Европската инвестициска банка. Во Стразбур е канцеларијата на Европскиот народен правобранител. Другите агенции се распространети низ Европа и од проширувањето во 2004 година, има стремеж повеќе агенции да се лоцираат во новите земји – членки за да се постигне поеднаква распределба.

Меѓуота, произлегоа проблеми во врска со основните агенции во источните земји. На пример, ФРОНТЕКС, новата гранична агенција, има проблеми при наоѓањето квалификуван кадар, бидејќи многу луѓе не сакаат да живеат во градот – домаќин на агенцијата, Варшава, поради многу ниските плати и нискиот животен стандард. Дополнително, плановите за сместување на седиштето на системот за навигација “Галилео” во Прага се соочија со спротивставувања во врска со безбедноста, односно се сметаше дека градот не е доволно безбеден за таква важна агенција.

Оддели на Комисијата

Иако Комисијата главно е сместена во Брисел, со договорот од 1965 година беше потребно некои од нејзините оддели да бидат сместени во Луксембург и тоа: финансиските оддели на ЕЗЈЧ, Генералниот директорат за кредит и инвестиции, одделот што го собира данокот на ЕЗЈЧ и одделите за додатни сметки, Официјалната канцеларија за објави со поврзаните служби и преведувачки услуги, Статистичката служба на ЕЕЗ и одделот за обработка на податоци, одделите на ЕЕЗ и ЕЗЈЧ за хигиенска и индустриска безбедност, Генералниот директорат за ширење информации, Генералниот директорат за здравје, Генералниот директорат за заштита на Евроатом и каква било соодветна управна и техничка инфраструктура за овие оддели.

Со текот на годините, одделите се менуваат, некои од нив се укинати или споени и најмногу оддели, главно, се наоѓаат во Брисел, а останатите во Луксембург. Меѓутоа, има некои оддели што се сè уште во градот, според договорот од 1965 година. Луксембуршките канцеларии на Комисијата се сметаат како непожелно место за работа и служат како казна за непожелните членови на администрацијата.

Главен град

Во договорите или декларациите на ЕУ не се наведува ниту еден град како “главен град” на ЕУ во која било форма. Но, неформално, овој збор најде примена и покрај тоа што не се усогласува со нормалните сфаќања на една меѓунационална/наднационална единка. Брисел е често предмет на натписи, особено во изданијата од локалните власти, Комисијата и печатот. Навистина, Брисел го толкува договорот за седишта од 1992 година (види детали подолу), во којшто Брисел се прогласува за главен град. Властите во Стразбур и организациите сместени таму, пак, го сметаат Стразбур за “главен град” на Европа (често поширока Европа поради тоа што и седиштето на Советот на Европа е таму), а исто така и Брисел, Стразбур и Луксембург се однесуваат на заеднички главни градови на Европа, на пример во врска со проектот “Eurocap−rail”, железница што би ги поврзала “трите европски главни градови”.

Историја

За основањето на Европската заедница за јаглен и челик (ЕЗЈЧ), државите не можеа да се согласат кој град треба да биде домаќин на институциите на новата заедница. Луксембург беше избран за привремен домаќин на сите институции, освен на Собранието (Парламентот), коешто требаше да биде сместено во Стразбур. Во 1957 година беа формирани уште две заедници и повторно во еден привремен договор се наведуваше дека Собранието ќе се состанува во Стразбур, Судовите во Луксембург, а Комисиите и Советите ќе бидат поделени помеѓу Луксембург и Брисел. Подоцна овие институции започнаа да се концентрираат во второспоменатиот град.

Со постигнувањето различни договори, активностите од Луксембург постепено се преместија во Брисел и Парламентот, иако беа обврзани да останат во Стразбур, и започнаа со работа во Брисел, а судовите останаа во Луксембург. Конечниот договор од 1992 година го постави сегашниот договор, вклучувајќи ја и поделбата на работата на Парламентот помеѓу трите градови. Во 2002 година, Европскиот совет, којшто претходно се менуваше во трите градови, одлучи да се лоцира во Брисел.

Почеток

ЕЗЈЧ е основана со Договорот од Париз (1951 година), но не беше одлучено каде да се лоцираат институциите на новата заедница. Со договорите беше дозволено да се одлучи за седиштата со заедничка согласност на владите, но на конференцијата на членовите на ЕЗЈЧ, што се одржа на 23 јули 1952 година, не се одлучи за постојано седиште .

За седиште беа земени предвид Лиеж, Луксембург, Стразбур и Торино. И покрај тоа што Сарбрикен имаше статус на “европски град” (европско присуство и контрола), поради тековниот спор околу покраината Сар овој град беше проблематичен избор. Брисел ќе беше прифатен во тоа време, но поради поделбите помеѓу тогашната нестабилна белгиска влада, таа можност беше исфрлена.

За да најде решение, Џозеф Бех, тогашниот Премиер на Луксембург, предложи Луксембург да биде привремено седиште на институциите (вклучувајќки ги и Советот и Врховната власт), додека да се постигне постојан договор. Но, наместо тоа, беше одлучено Заедничкото собрание, кое подоцна стана Парламент, да се лоцира во Стразбур, каде што веќе беше сместен и Советот на Европа, во Домот на Европа. Домот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, можеше, исто така, да му служи на Заедничкото собрание, а така беше до 1999 година, кога беше изграден нов комплекс згради наспроти Палатата од другата страна на реката.

Привремен договор

Со формирањето на Европската економска заедница (ЕЕЗ) и Европската заедница за атомска енергија (ЕЗАЕ или Евроатом) во 1957 година, се формираа нови исти институции на ЕЗЈЧ (освен Парламентарното собрание и Судот на правдата, кои ги делеа). На 7 јануари 1958 година, беше одлучено Брисел, Луксембург и Стразбур повторно да бидат привремени седишта, до донесувањето конечна одлука. Стразбур го задржа Собранието, Луксембург Судот, а во Брисел и Луксембург се одржуваа средби на Советите и Комисиите (или Врховната власт). Дискрецијата за точното место на средбата му беше доделена на Претседателот на Советот. Во практика, тоа беше во “Замокот на долината на војвотката” ( Castle of the Valley of the Duchess), до есента 1958 година, кога се премести на улицата “2 Rue Ravensteinstraat” во Брисел. Во меѓувреме, Советот на ЕЗЈЧ сè уште беше сместен во Луксембург и ги одржуваше своите средби во Општинскиот круг на вооружените сили. Неговиот секретаријат се преместуваше во градот за бројни настани, но во периодот помеѓу 1955 и 1967 година, беше сместен во реонот Ферлоренкост.

На 21 јуни 1958 година, Парламентарното собрание му препорача на Советот седиштето на Собранието да биде на исто место со другите институции, иако прифаќаше пленарните седници да се одржуваат и на друго место. Исто така, Собранието предложи три градови за седишта на институциите (Брисел, Стразбур и Милано), но не беше постигнат постојан договор.

Привремениот договор беше повторен на 8 април 1965 година со “Одлука за привремена локација на одредени институции и оддели на Заедниците”. Ова беше по Договорот за спојување, којшто ги спои извршните власти на трите Заедници во единствена институционална структура. Меѓутоа, со спојувањето на извршните власти, Комисијата и повеќе оддели беа групирани заедно во Брисел, а не во Луксембург. Прво, Комисијата беше сместена на булеварот Avenue de la Joyeuse Entrée/Blijde Inkomstlaan, пред да биде преместена во зградата Брејдел на Шумановиот кружен тек, а нејзината сегашна локација е во зградата Берламонт. Секретаријатот на ЕЗЈЧ, од Луксембург, се премести во секретаријатот на Советот сместен во бриселската зграда Равенштајн. Во 1971 година, Советот и неговиот секретаријат се преместија во зградата Шарлемањ, веднаш до зградата на Комисијата, Берламонт. Брзо се покажа дека овие простории се недоволни и управниот сектор на секретаријатот се премести во една зграда на улицата 76 Rue Joseph II/Jozef II-straat. За време на 1980-тите години, одделите за јазици се преместија во зградите Нервиенс, Фрер Орбан и Гуимард.

Луксембург спроведе некои одредби, со цел да ја надомести загубата на Комисијата и Советот. Најпрво, според одредбите, Судот на правдата би останал во градот. Некои оддели на Комисијата и Собранието, вклучувајќи го и Секретаријатот на Собранието би останале заедно со Европската инвестициска банка (понатаму, особено финансиски, институциите, исто така, би имале предност за Луксембург). И Советот би одржувал седници во Луксембург за време на април, јуни и октомври. Тој, исто така, го потврди Стразбур за седиште на Парламентот. Со предноста на Луксембург за идните институции, во 1977 година Судот на ревизори беше привремено сместен во Луксембург.

Договорот од Единбург