Мекларен Рејсинг Лимитид ( англиски: McLaren Racing Limited), познат под брендот како Водафон Мекларен Мерцедес (англиски: Vodafone McLaren Mercedes) е Формула 1 тим со база во Вокинг, Сари, Велика Британија. Мекларен е најпознат како Формула 1 конструктор, но се натпреварувал и во Индијанаполис 500 (англиски: Indianapolis 500), како и во Канадско-американскиот челинџ куп (англиски: Can-Am Challenge Cup). Тимот е втор најстар активен тим (после Ферари) и еден од најуспешните тимови во Формула 1, победувајќи на 169 трки, притоа освојувајќи 12 титули во конкуренција на возачи и 8 титули како конструктор. Мекларен, основан во 1963 година од Новозеланѓанецот Бруc Мекларен (англиски: Bruce McLaren), за првпат бележи победа на Големата награда на Белгија во 1968 година, но неговиот најголем почетен успех беше во Канадско-американскиот челинџ куп, каде што доминира од 1967 до 1971 година. Следуваа и понатаму успеси на Американско тло. Во Индијанаполис 500 победија Марк Донохју во 1972 година и Џони Радерфорд во 1974 и 1976 година. Откако Брус Мекларен загина во несреќа при тестирање во 1970 година, контролата врз тимот ја презема Теди Мајер и го водеше тимот до нивнато прво учество во формула 1 првенството на конструктори во 1974 година. Истата година Емерсон Фитипалди ја освојува титулата во конкуренција на возачи, а две години подоцна истото го прави и Џејмс Хант. Во 1974 година се одбележува и стартот на едно долгогодишно спонзорство со познатиот бренд за цигари Марлборо, на Филип Морис. Во 1981 година Мекларен се спојува со „Проектот рејсинг четири“ (англиски: Project Four Racing) на Рон Денис, кој пак кратко потоа ја презема улогата на главен шеф, откако договорил откуп со главните акционери на Мекларен за преземање на целосна контрола врз тимот. Оттука започнува најуспешната ера на тимот, користејќи ги моторите на Порше и Хонда. Ники Лауда, Алан Прост и Аиртон Сена заедно освоија шест шампионски титули и седум титули во конкуренција на конструктори. Возачкото дуо Прост – Сена беше особено доминантно. Доказ за тоа е 1988 година, кога тие двајца победија на сите освен на една од трките. Нивното соперништво стана големо и Прост прејде во редовите на Ферари. Колегите од англискиот тим на Вилијамс беа постојани претенденти за шампионската титула, така овие два тима освојуваа титули во периодот од 1984 до 1994 година. Меѓутоа, во средината на деведесеттите Хонда се повлече од формула 1, Сена се пресели во Вилијамс, па тимот во следните три сезони остана без титула. Понатамошни освојувања на шампионски титули следуваа во 1998 и 1999 година, со Мика Хакинен. Од почетокот на новиот милениум па сè до денес, тимот е постојано на врвот во спортот, еден од најконкурентните тимови, а последната титула им ја донесе Луис Хамилтон во 2008 година. Во 2009 година Рон Денис се пензионираше и со тоа местото главен шеф на тимот му го отстапи на долгогодишниот технички директор Мартин Витмарш.
Почетоци
Брус Мекларен е основач на „Мекларен“ и беше шеф на тимот од 1966 година сè до неговата смрт во 1970 година.
Брус Мекларен Мотор Рејсинг (англиски: Bruce McLaren Motor Racing) е основан во 1963 година од Новозеланѓанецот Брус Мекларен. Во 1960 година, Брус возеше за Британскиот формула 1 тим Купер, со кого победи на три Гран При трки и заврши втор во генералниот пласман. Сакајќи да се натпреварува во Австралиско-азиските „Тасман“ серии (англиски: Australasian Tasman Series), Брус се обраќа до луѓето од неговиот тогашен тим, но сопственикот на Купер инсистира користење на 1,5 литарската формула 1 спецификација на мотори, наместо онаа 2,5 литарска, утврдена по „Тасман“ правилата. Па така, Брус се решава за основање на свој сопствен тим, за кого ќе вози заедно со тимскиот колега Тими Мајер, во болиди по нарачка од Купер. Брус ја освои серијата во 1964 година, во која Мајер загинува на еден од тренинзите на последната трка, а со тоа подоцна го поттикнува својот брат и менаџер Теди Мајер да биде инволвиран при водењето на тимот. Во 1964 и 1965 година, Мекларен беше заснован во Њу Мелден, потоа Фелтам, пред да се преселат во просториите на Колнбрук. За време на овој период Брус Мекларен се натпреваруваше за неговиот тим на трки со спортски автомобили во Велика Британија и Северна Америка, а исто така во 1965 година учевствуваше и во „Тасман“ сериите заедно со Фил Хил, но не победи. Тој продолжи да вози Гран При трки за Купер, но поради опаѓачката форма на тимот, во 1966 година решава да се трка со свои болиди.
Натпреварувачка историја: Формула 1
Шеесеттите
М7 болидот на Мекларен им ја донесе првата победа на овој тим во Формула 1. На сликата вози Брус Мекларен на патеката во Нирнбургринг во 1969 година.
Брус го имаше своето деби на трката во Монако, во 1966 година. (од сегашните формула 1 тимови, само Ферари е постар) Неговата трка заврши по само 9 круга поради излевање на масло од моторот. Болидот од сезоната 1966 беше М2Б, дизајниран од Робин Херд, но целиот план беше отежнат поради лош избор на мотори кои беа користени и тоа: 3.0 литарска Фордова верзија на мотор од Индијанаполис 500 и Серенисима V8. Овие мотори му го донесоа првиот освоен бод на тимот, но и двата беа недоволно моќни и несигурни. За сезоната 1967, Брус одлучи да ги користи V12 моторите на Бритиш рејсинг (англиски: British Racing Motors) (BRM), но поради одложување со моторите, беше принуден од почетокот да користи изменет формула 2 болид, наречен М4Б, придвижуван од 2.1 литарски BRM V8 мотор, а подоцна беше лансиран и малку поголем болид наречен М5А за V12 моторите. Ниеден од овие болиди не донесе голем успех. Најголем резултат беше четвртото место во Монако.
Оригиналното лого на Мекларен беше дизајнирано од Мајкл Тарнер, окарактеризирано со Киви-птица – икона на Нов Зеланд.
По двегодишното самостојно учевство на Мекларен, во 1968 година Брус Мекларен беше придружен од шампионот за 1967 година и негов сонародник – новозеланѓанецот Дени Халм, кој веќе возеше за Мекларен во Кан-ам купот. Новиот М7 болид од таа година – дизајн на Херд, беше придвижуван од Косвортовите двојни четиривентилски мотори (англиски: DFV-double four valve), кои наскоро во Ф-1 ќе бидат сепоприсутни и распространети. Овие мотори Мекларен ги користеше сè до 1983 година, со кои бележи голем пресврт во тркачка форма. Брус победи на Трката на шампионите на патеката Брендс Хеч, а Халм го освои меѓународниот трофеј во Силверстоун. Победите на двајцата возачи беа надвор од Ф-1 првенството, пред Брус да ја освои првата победа на Белгиското Гран При, воедно и прва победа на Мекларен во Формула 1 првенството. Дени Халм исто така забележа победи за Големата Награда на Италија и Канада во истата 1968 година, помагајќи му на тимот да заврши на второто место во генералниот пласман на конструктори. Понатаму, во 1969 година следеа три подиум финиши за Брус Мекларен, користејќи изменета „Ц“ верзија на М7 болидот. Меѓутоа, тимот мораше да почека за нивната петта победа сè до последната трка, каде Халм победи на Мексиканското Гран При. Таа година Мекларен екпериментираше уште и со М9А болидот со погон на четири тркала, но истиот имаше само едно излегување на патеката и тоа на Британското Гран При со кого управуваше Дерек Бел. Брус го опиша возењето на тој болид исто како „да пробате да пишувате нешто, а некој отстрана да ве удира по лактот“.
Седумдесеттите
1970 година започна со по едно второ место на првите две Гран При трки за Дени Халм и Брус Мекларен. На втори јуни истата година Брус Мекларен загина при излетување на патеката Гудвуд тестирајќи го новиот М8Д Кан-ам болид. По неговата смрт, Теди Мајер ја презема целосната контрола на тимот. Дени Халм продолжи да се натпреварува со новите тимски колеги Ден Гарни и Питер Гетин, но никој од нив не победи на трка таа година. 1971 година започна надежно откако Халм водеше на првиот круг во Јужна Африка, но потоа се откажа од трката поради скршена суспензија. На крајот на таа натпреварувачка сезона Халм и Џеки Оливер (на средината од сезоната Питер Гетин премина во БРМ тимот) повторно не успеаја да победат на трка. Во 1972 година беа постигнати напредоци. Халм победи на Гран Прито во Јужна Африка по двеипол годишна пауза. Тој и Питер Ривсон се искачија на десет други подиуми со што тимот заврши на третото место во конкуренција на конструктори. За Мекларен таа година дебитираше Џоди Шектер на последната трка во Воткинс Глен.
Емерсон Фитипалди со Мекларен го освои првенството на возачи во 1974 година.
За 1973 година, Мекларен М23, дизајниран од страна на Гордон Копак, беше новиот болид на тимот во Формула 1. При дизајнирањето на овој болид, беа користени делови од Мекларен М19 и Индијанаполис М16 болидите (инспирирани од Лотусовиот 72), па така овој болид беше потпора за наредните четири години. Дени Халм победи со него на Шведското Гран При, а Питер Ривсон со овој болид на трките во Велика Британија и Канада ги забележа единствените победи во својата кариера. Во 1974 година, Емерсон Фитипалди му се приклучи на Мекларен, кој беше светски шампион со Лотус две години претходно. Дени Халм победи на отворањето на сезоната на Аргентинското Гран При во својата последна Формула 1 кампања, додека Фитипалди со победите во Бразил, Белгија и Канада, стана светски шампион. Тоа беше тесна победа за Фитипалди, кој ја обезбеди титулата на завршницата од сезоната со четвртото место на Гран Прито на Соединетите Држави, со преденост од 3 бода пред Клеј Регацони на Ферари. Тој со Халм и повеќекратниот шампион со мотоцикли Мајк Хеилвуд исто така ја запечатија и првата титула на Мекларен, во првенството на конструктори. 1975 година беше помалку успешна за тимот. Фитипалди заврши на второто место во првенството, позади Ники Лауда, а замената на Дени Халм – Јохен Мас победи само на Шпанското Гран При. На крајот на 1975 година Фитипалди си замина од тимот, приклучувајќи му се на „Фитипалди/Коперсукар“ тимот на неговиот брат. Со заминувањето на топ-возачите, Мајер го свртува вниманието кон Џејмс Хант, возач, чиј негов биограф Гералд Доналдсон вели дека има „сомнителен углед“. Во 1976 година, Лауда повторно беше брз во Ферари. На средината на сезоната тој водеше во првенството со 56 бода, додека Хант имаше освоено само 26 и покрај победите во Шпанија (трка во која отпрвин беше дисквалификуван) и Франција. Меѓутоа, на Германското Гран При Ники Лауда доживеа тежок судар, каде што речиси ќе загинеше, па така ги пропушти следните две трки. Хант го искористи отсуството на Лауда и ја капитализираше разликата на 3 бода со кои влезе во финалната трка во Јапонија. Обилниот дожд го натера Лауда да се повлече од трката поради безбедносни причини, а третото место на Хант беше доволно за да ја освои шампионската титула. Мекларен изгуби во Битката за титулата на контруктори. Ферари беше победникот во оваа конкуренција.