Смолари (понекогаш и како Смоларе) — село во Општина Ново Село, во областа Подгорје, во околината на градот Струмица.
Селото е познато по Смоларскиот Водопад, сместен на реката Ломница, кој е највисок постојан водопад во Македонија.
Потекло и значење на името
мини|300п|лево|Сретселото
Името на селото е изведено од зборот „смолар“ или човек што се занимава со собирање смола.
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во југоисточниот дел на Струмичкото Поле, чиј атар се издига до северниот срт на планината Беласица, каде што се допира со државната гранична линија со Грција. Селото е сместено во источниот дел на подрачјето на Општина Ново Село. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 360 метри.
Низ селото поминува регионалниот пат 1402.
Селото Смолари се наоѓа во северното подножје на планината Беласица во областа позната како Подгорје. Селото е оддалечено 28 километри од градот Струмица во југоисточна насока и 6 километри од центарот на општината, Ново Село. Јужно од селото се наоѓа реката Ломница, на која се наоѓа познатиот Смоларски Водопад, до кој се пристигнува преку еко-патека. Вкупната височина на вертикалниот отсек на Смоларскиот Водопад изнесува 39,5 метри, што го прави највисок постојан водопад во Македонија.
Среде село порано се наоѓале два стари јавори, високи околу 30 метри. Денес е останат помладиот јавор, чија старост се проценува на околу 300 години. Во селото се наоѓаат и две познати селски чешми: Баба Тренината и Трајковата.
Историја
За првпат во историските извори, ова село е споменато во пописот на населението од 1519 година. Во 1570 година селото било споменато во османлиски дефтер под името Свилани. Во истата година во селото живееле 12 христијански семејства.Турски документи за историјата на македонскиот народ. Опширни пописни дефтери од XVI век за Кустендилскиот санųак, Т.V/3, Скопје, 1982, стр. 638-639.
По крајот на Балканските војни, селото било вклучено во составот на Царство Бугарија. По крајот на Првата светска војна, според Нејскиот мировен договор, селото било вклучено во составот на Кралство СХС, заедно со Струмичкиот регион, додека по крајот на Втората светска војна, во рамките на СФРЈ.
Стопанство
мини|300п|десно|Воздушен поглед на нова фотоелектрична централа и комплексот Лебедово Езеро
Атарот на селото зафаќа простор од 17,8 километри квадратни. На него шумите заземаат површина од 1.018 хектари, a на обработливите површини отпаѓаат 138 хектари.
Во основа, селото има полјоделско-шумарска функција. Во селото работат услужни објекти. Во близина на селото се наоѓа и комплексот Лебедово Езеро.
Во минатото, на реката се наоѓале шест воденици, а денес се останати само две.
Население
Во текот на XIX век, селото било чисто македонско. Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ во 1873 година, Смоларе е наведено како село со 80 домаќинства и 298 жители Македонци.„Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 148-149.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Смолари живееле 750 жители, сите Македонци.Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 187.
Селото било под влијание на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото живееле 784 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија и функционирало бугарско училиште со еден учител и 31 ученик.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 186-187.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 650 Македонци.
Селото е средно по големина и населено со македонско население. Смолари во 1961 година имало 963 жители, а во 1994 година 628 жители.
Според пописот од 2002 година, селото Смолари броело 659 жители, сите Македонци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 312 жители, од кои 290 Македонци, 1 Србин и 21 лице без податоци.
Иселеништво
Намалувањето на бројот на жители се должи на иселувањето на населението во западноевропските земји.
Општествени установи
мини|300п|десно|Поглед на основното училиште
ПУ „Мануш Турновски“ - подрачно основно училиште за ученици од прво до петто одделение во состав на ОУ „Мануш Турновски“ - Ново Село. Училиштето било изградено во 1963 година. Дом на културата Планинарски дом „Беласица“
Самоуправа и политика
Во век, Смолари било село во Петричката Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Ново Село, која била една од ретките што останала непроменета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Ново Село.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струмица. Селото припаѓало на некогашната општина Ново Село во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Ново Село, во која покрај селото Смолари, се наоѓале и селата Бадолен, Барбарево, Бајково, Дражево, Зубово, Ново Коњарево, Ново Село, Старо Коњарево, Стиник и Сушица. Во периодот 1950-1952 постоела Општина Смолари во која влегувале селата Дражево, Коњарево и Смолари.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1782 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 603 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 610 гласачи.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Русилска Чешма — населба од доцноантичкото време
Цркви Црква „Св. Троица“ — главна селска црква, изградена во 1872 година; Црква „Св. Петка“ — помала селска црква кај комплексот Лебедово Езеро; и Црква „Св. Петар и Павле“ — манастирска црква.
Манастири Смоларски манастир — мал манастир во близина на селото.
Водопади Смоларски Водопад — највисок постојан водопад во Македонија.
Реки Ломница — река низ селото, на која се наоѓа Смоларскиот Водопад; и Лутуро — мала река кај Смоларскиот манастир.
Редовни настани
Костенијада
Личности
Родени во или по потекло од Смолари Иван Смоларски (1872-1928) — војвода на ВМРО; и Стојан Костов Анѓов — револуционер од ВМОРО.
Галерија
Поврзано Општина Ново Село Подгорје
Наводи
Надворешни врски
Профил на Смолари на општинскиот портал
Категорија:Села во Македонија Категорија:Струмички села Категорија:Села во Општина Ново Село Категорија:Беласица