Мокрино — село во Општина Ново Село, во областа Подгорје, во околината на градот Струмица.

Селото е скоро целосно споено со соседното Мокриево.

Потекло и значење на селото

мини|300п|лево|Сретселото со чешмата „Липата“

Старото име на Мокрино не е познато.

До ден денешен се пренесува легендата дека селото Мокрино името го добило по своето мокро поле и мочурливите места во својот атар, па така кога другите жители се преселиле на тоа место започнале селото да го нарекуваат Мокрино.

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во јужниот дел на Струмичкото Поле, а во средишниот дел на територијата на Општина Ново Село. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 340 метри. Од градот Струмица, селото е оддалечено околу 33 километри.

Низ селото поминува регионалниот пат 1402.

Селото е сместено во подножјето на планината Беласица и е скоро целосно споено со соседното село Мокриево.

Мокрино е познато по своите Мокрински Извори, кои имаат капацитет од стотина литри во секунда, како и по селската чешма Липата, која била собиралиште на претходните генерации. Многу куќи во Мокрино сведочат за старата селска струмичка архитектура.

Историја

На атарот на селото се наоѓаат повеќе археолошки наоѓалишта од средниот век и од римското време, а како најзначајна се издвојува населбата од римско време Ќерамидарка.

Според археолошките споменици и архивските материјали уште пред новата ера тука живееле тракиски племиња меѓу кои попознати се: Добери, Астраи и Џори кои главно ги населувале повисоките места, подножјата на Беласица, Огражден и Еленица. Ваквата поставеност на населените места се променила по доаѓањето на Словените, кога настанало најголемо мешање помеѓу староседелското и новото словенско население.

Поверодостојно е претпоставката, преместувањето на новата локација да се случила после прочуената Беласичка битка во 1014 година помеѓу војските на цар Самоил и византискиот цар Василиј II. Имено по оваа битка, имињата ги добиле населбите Колешино, Свидовица, Костурино, Сачево, Моноспитово, Мокриево и Мокрино. Во повеќе средновековни документи се споменуваат денешните имиња на повеќе струмички села, меѓу кои спаѓа и селото Мокрино, кое се споменува како посед на некој Рудл, кој живеел во Струмица.

Селото првпат е споменато во повелбите на браќата Јован Драгаш и Константин Дејановиќ и нивната мајка Евдокија од 1376 и 1377 година, кога било подарено на светогорскиот манастир „Свети Панталејмон“. Ваквиот статус селото го задржало до Битката кај Ровине во 1394 година што се одржала меѓу Османлиите и влашкиот војвода Мирче каде што загинале: Крали Марко и струмичкиот феудалец Константин Дејановиќ и по нивната смрт господари на нивните поседи станале Турците.

Важно е исто така што се одбележи дека меѓу сите села само во Мокрино не се населиле турски колонисти, односно селото за цело време во турско ропство останало христијанско и највероватно ги обавувало сите христијански обреди и обичаи во црквата „Св. Константин и Елена“.

Бидејќи дел од жителите биле под грчката црква, а селото влегло во составот на Царството Бугарија, тие заминале кон териториите под контрола на Грција и се населиле во селото Рошлово, кукушко. Најголем дел од овие семејства подоцна се враќаат во Мокрино, но некои останале.

По крајот на Првата светска војна, според Нејскиот мировен договор, селото било вклучено во составот на Кралство СХС, заедно со Струмичкиот регион, додека по крајот на Втората светска војна, во рамките на СФРЈ.

Стопанство

Атарот на селото зафаќа простор од 9,9 километри квадратни. На него шумите заземаат површина од 514 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 341 хектар, а на пасиштата само 46 хектари.

Во основа, селото има полјоделско-шумарска функција. Во минатото во селото работела земјоделска задруга, а денес услужни објекти.

Население

Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ во 1873 година, Макриево е наведено како село со 80 домаќинства и 304 жители Македонци.„Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 186-187.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Макрино живееле 640 жители Македонци.Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 160.

Селото било под влијание на Цариградската патријаршија. Според податоците на секретарот на егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото живееле 240 Македонци, патријаршистиD.M.Brancoff. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905. рр. 106-107 и функционирало грчко училиште.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци.

Мокрино во 1961 година било големо село со 915 жители, додека во 1994 година преминало во средно село со 781 жител, македонско население.

Според пописот од 2002 година, селото Мокрино броело 748 жители, од кои 747 Македонци и 1 останат.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 449 жители, од кои 417 Македонци и 32 лица без податоци.

Општествени установи

мини|300п|десно|Поглед на основното училиште

ПУ „Видое Подгорец“ - подрачно основно училиште за ученици од прво до петто одделение во состав на ОУ „Видое Подгорец“ - Колешино Дом на културата Месна заедница

Самоуправа и политика

Во век, Мокрино било село во Струмичката Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Ново Село, која била една од ретките што останала непроменета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Ново Село.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струмица. Селото припаѓало на некогашната општина Ново Село во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Мокриево, во која покрај селото Мокрино, се наоѓале и селата Борисово, Габрово, Колешино и Мокриево.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1778 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 785 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 776 гласачи.

Културни и природни знаменитости

мини|300п|десно|Поглед на главната селска црква

Археолошки наоѓалишта Крај — средновековна некропола; Селски Гробишта — средновековна црква; Тумба — некропола од римското време; и Ќерамидарка — населба од римското време и средновековна некропола.

Цркви Црква „Св. Константин и Елена“ — главна селска црква, изградена во 1876 година.

Природни знаменитости Мокрински Извори — извори покрај регионалниот пат 1402; и Мокрински платани — заштитени споменици на природата од 1988 година.

Редовни настани

Слави Свети Константин и Елена (3 јуни) — селска и црковна слава; и 2 август — собир на кој се коле курбан (говедо) и целото население се собира на Мокринските Извори, со цел тие да не пресушат, како што тоа се случило еднаш во минатото.

Личности

Родени во или по потекло од Мокрино Лазар Бараков (p 1954) — македонски легендарен глумец, од Македонските народни приказни.

Галерија

Поврзано Општина Ново Село Подгорје

Наводи

Надворешни врски

Профил на Мокрино на општинскиот портал Страчинарски игри

Категорија:Села во Македонија Категорија:Струмички села Категорија:Села во Општина Ново Село Категорија:Беласица