Станислас "Стан" Вавринка (; роден на 28 март 1985 г. во Лозана, Швајцарија) е професионален швајцарски тенисер.
Во кариерата има освоено три Гренд слем титули: Отвореното првенство на Австралија 2014, Отвореното првенство на Франција 2015 и Отвореното првенство на САД 2016. Највисокиот пласман на АТП листата кој го имал е 3. место, кое го постигнал на 27 февруари 2014. Тој, исто така, го освоил Мастерсот во Монте Карло во 2014, и бил финалист на Мастерсот во Рим во 2008 и на Мастерсот во Мадрид во 2013. Покрај тоа, тој освоил златен медал за Швајцарија на Летните олимписки игри 2008, во двојки, заедно со Роџер Федерер, и бил дел од швајцарскиот тим кој го освоил Дејвис купот во 2014.
Тој е еден од ретките активни играчи кој стигнал до четвртфиналната рунда на сите четири Гренд слем турнири и е еден од само тројцата играчи (заедно со Томаш Бердих и Жо-Вилфрид Цонга) кој има остварено Гренд слем победи против секој од играчите од Големата четворка (односно против Роџер Федерер, Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ и Енди Мари).
Омилена подлога на Вавринка е земјената, а негови омилени удари се сервисот и бехкендот. Џон Мекинро смета дека Вавринка го има еден од најсилните бекхенди коишто тој ги видел и го опишува како "најдобар еднорачен бекхенд во тенисот во денешнината".
Кариера Јуниор Вавринка започнал да игра тенис на меѓународни јуниорски натпреварувања на 14 годишна возраст. Тој го прекинал своето образование на 15 годишна возраст фокусирајќи се на тенисот. Сепак тој го продолжил своето образование со помош на француската организација за далечинско образование, која му понудила поголема флексибилност. Тој станал професионален тенисер во 2002 година. Во 2003, на 18 годишна возраст, тој ја освоил јуниорската гренд слем титула на Отвореното првенство на Франција. Вавринка годината ја завршил на 14-то место на светската јуниорска листа. Тој соработувал со тренерот Димитри Завиалоф од осум годишна возраст. Нивната соработка завршила по Вимблдон 2010. Wawrinka Splits With Coach op atpworldtour.com, 26 јуни 2010.
2003 - 2004 Во јули 2003, Вавринка го одиграл својот прв натпревар на АТП турнирите, на турнирот во Гштад. Tој бил поразен уште во првото коло од Жан-Рене Лиснард. Една недела подоцна, тој ја остварил својата прва победа на еден турнир од АТП серијата, во Амерсфорт каде бил поуспешен од американецот Хуго Армандо. Во август, тој освоил две челенџер титули, негови први во кариерата, во Сан Бенедето и Женева.
Во април 2004, Вавринка ја освоил третата челенџер титула, во Барселона, совладувајќи го во финалето белгиецот Кристоф Флиген. Потоа во јули, на турнирот во Гштад, тој стигнал до финалето во двојки заедно со Марк Росе каде биле поразени од Леандер Паес и Давид Рикл. Во август, тој втора година по ред ја освоил челенџер титулата во Женева победувајќи го овојпат во финалето Кристоф Рохус. Истата година, Вавринка дебитирал и во Дејвис купот со швајцарската репрезентација во натпревар против Романија. Иако, тој загубил во својот натпревар против Виктор Ханеску, сепак, Швајцарија победила во соочувањето со романците со 3-2 и се пласирала во четвртфиналето на Светската група. Годината ја завршил на 162-рото место на АТП листата.
2005 Благодарение на пласманот во четвртфиналето на турнирот во Барселона, во април 2005, Вавринка за првпат влегол во првите 100 тенисери на АТП листата. Во мај, го направил своето деби на Гренд слем турнирите, играјќи на Отвореното првенство на Франција каде тој стигнал до третото коло, победувајќи ги Николас Масу и Џејмс Блејк во првото и второто коло, пред да биде поразен од подоцнежниот финалист Маријано Пуерта во четири сета. На Вимблдон, Вавринка бил поразен уште во првото коло од Фабрис Санторо. Во јули, тој се пласирал во своето прво АТП финале, на домашен терен на турнирот во Гштад каде бил поразен од Гастон Гаудио со 4–6, 4–6. На Отвореното првенство на САД, тој стигнал до третото коло, каде бил поразен од Николас Масу. Вавринка ја завршил годината во најдобрите 100 на АТП листата, на 55-то место.
2006 Вавринка ја започнал годината со пораз во полуфиналето во Оукленд од Марио Анчиќ. Една недела подоцна, на Отвореното првенство на Австралија, тој бил поразен во второто коло од Давид Налбандијан откако во првото коло остварил победа над Алберт Монтањес. Во април, со победите над Давид Ферер и Иво Карловиќ, тој стигнал до полуфиналето во Барселона, каде бил поразен од Томи Робредо со 6–4, 6–4. На Отвореното првенство на Франција, тој бил поразен уште во првото коло од Давид Налбандијан.
Еден месец подоцна, на Вимблдон, тој стигнал до третото коло каде бил поразен од Марио Анчиќ со 6–7, 7–6, 1–6, 3–6. Потоа на турнирот во Штутгарт, тој стигнал до третото коло каде бил поразен од Давид Ферер. Вавринка конечно стигнал до својата прва АТП титула, во Умаг откако во финалето при резултат 6–6 во првиот сет, Новак Ѓоковиќ се повлекол поради проблеми со дишењето. Тоа лето тој за првпат влегол во најдобрите 50 на АТП листата.
На Отвореното првенство на САД, во првото и второто коло тој забележал победи над Хуан Игнасио Чела и Робин Седерлинг, но во третото коло тој загубил од Томи Робредо. Потоа тој стигнал до четвртфиналето во Виена, каде загубил од Иван Љубичиќ со 6–3, 6–2, откако во првото и второто коло остварил одлични победи над Марин Чилиќ и Новак Ѓоковиќ. Вавринка продолжил со добрите игри, и стигнал до полуфиналето во Базел каде бил поразен од Фернандо Гонсалес. Тој ја завршил годината на 30-то место на АТП листата.
2007 Вавринка ја започнал сезоната уште на првиот ден од годината, на турнирот во Доха како осми носител, но бил поразен уште во првото коло од белорусинот Макс Мирњи. Потоа тој се појавил на турнирот во Оукленд каде што и покрај тоа што бил осми носител, тој повторно доживеал пораз во првото коло, овојпат од Николас Алмагро. Една недела подоцна, тој стигнал до третото коло на Отвореното првенство на Австралија, каде во три сета бил поразен од Рафаел Надал со 2–6, 2–6, 2–6.
Во февруари, за време на тренинзите на Швајцарскиот Дејвис куп тим, Вавринка ја скинал тетивата на десното колено, при што оваа повреда го оддалечила од тениските терени три месеци. Тој се вратил на терените на Мастерсот во Рим каде бил поразен во првото коло од Алберт Монтањес. Една недела подоцна, на Мастерсот во Хамбург, тој повторно загубил во првото коло, овојпат од Хуан Карлос Фереро.
Вавринка се појавил на Отвореното првенство на Франција без победа откако се вратил на терените по повредата, и во првото коло остварил победа над Рубен Рамирес Идалго. Во второто коло тој бил поразен од хрватот Иван Љубичиќ. На Вимблдон, Вавринка бил поразен уште во првото коло од Микаел Лодра. Во јули, тој остварил одлични победи над Гуљелмо Кањас и Хуан Игнасио Чела на патот до финалето на турнирот во Штутгарт, каде бил поразен од Рафаел Надал со 4–6, 5–7.
На последниот гренд слем во годината, на Отвореното првенство на САД, Вавринка стигнал до четвртото коло, откако претходно остварил победи над Евгениј Корољов, Марат Сафин и Роби Џинепри. Во оваа фаза, тој бил поразен од Хуан Игнасио Чела во неверојатен натпревар кој траел 3 часа и 40 минути со 6–4, 2–6, 6–7, 6–1, 4–6. Вавринка стигнал до своето четврто финале во кариерата, во Виена, каде бил поразен од првиот носител на турнирот, Новак Ѓоковиќ со 6–4, 6–0. Последниот турнир на кој Вавринка настапил во годината бил Мастерсот во Париз, каде откако успешно ги поминал првото и второто коло, бил поразен од Рафаел Надал. Тој ја завршил годината на 36-то место на АТП листата.
2008
Швајцарецот одлично ја започнал 2008, пласирајќи се во финалето на турнирот во Доха, каде што бил поразен од Енди Мари во три сета со 4–6, 6–4, 2–6. На Отвореното првенство на Австралија, како 26-ти носител, стигнал до второто коло, откако во првото коло бил поуспешен од Жулијен Бенето со 6-3, 6-3, 6-3. Сепак во второто коло, тој бил принуден да го предаде натпреварот во четвртиот сет против Марк Гикел. Во февруари, на АТП Марсеј, Стен во првото коло бил подобар од Себастијан Гросјан, но во второто коло бил поразен од Енди Мари, кој подоцна го освоил турнирот.
Еден месец подоцна, на Тениското првенство на Дубаи, Вавринка бил елиминиран во првото коло, од чешкиот квалификант Јан Херних. На првиот мастерс во годината, на Индијан Велс Мастерс, тој на патот до четвртфиналето ги победил Џеси Левин, Томаш Бердих, Маркос Багдатис и Ли Хјен Таик редоследно, пред да биде поразен од Новак Ѓоковиќ. Две недели подоцна на Мастерсот во Мајами, Вавринка турнирот го започнал и го завршил во второто коло со поразот од Робин Седерлинг.
Вавринка одлично ја започнал сезоната на Земјина подлога, пласирајќи се во полуфинлаето на турнирот во Барселона, каде бил поразен од Давид Ферер со 6–7, 3–6. Следен турнир за Вавринка бил Мастерсот во Рим, каде неочекувано стигнал до самото финале, кое било прво негово мастерс финале во кариерата. На патот до финалето, тој во првото и второто коло остварил победи над Марат Сафин и Енди Мари, а потоа во третото коло и во четвртфиналето забележал победи над Хуан Карлос Фереро и Џејмс Блејк. Во полуфиналето, при водство од 3-0 за Вавринка, Енди Родик го предал натпреварот поради повреда на грбот. Во финалето, Вавринка бил поразен од Новак Ѓоковиќ со 4–6, 6–3, 6–3.
На Отвореното првенство на Франција, Вавринка го започнал турнирот како 9-ти носител. Тој во првото коло забележал победа над Филип Колшрајбер, а потоа во второто коло бил подобар од Марин Чилиќ. Во третото коло, тој бил поразен од Фернандо Гонсалес во пет сета. Еден месец подоцна, на Вимблдон, Вавринка бил елиминиран во четвртото коло од Марат Сафин. Следен турнир на кој Вавринка се појавил бил турнирот во Гштад, каде во полуфиналето бил поразен од Виктор Ханеску.
На Летните олимписки игри 2008, Вавринка бил елиминиран во 1/16 финалето од Јирген Мелцер, но и покрај разочарувачкиот пораз, тој станал олимписки шампион во двојки заедно со Рожер Федерер, откако во финалето успеале да го победат шведскиот пар Симон Аспелин/Томас Јохансон со 6–3, 6–4, 6–7, 6–3.
По олимпискиот успех, Вавринка стигнал до четвтото коло на Отвореното првенство на САД каде бил поразен од финалистот Енди Мари. Како прв носител, тој се појавил на турнирот во Виена и уште во првото коло бил поразен од Филип Печнер, кој подоцна и го освоил турнирот. На Мастерсот во Мадрид, Вавринка бил поразен во третото коло од Фелисијано Лопес со 4–6, 4–6. Како петти носител, тој го започнал турнирот во Базел, но забележал разочарувачки пораз во првото коло од Бенџамин Бекер. Последен турнир во годината за Вавринка бил Мастерсот во Париз, каде откако бил слободен во првото коло, тој во второто коло бил поразен од Томаш Бердих. И покрај слабите резултати на последните турнири, Вавринка ја завршил годината на 13-то место на АТП листата.
2009
Вавринка ја започнал сезоната со турнирот во Ченај, каде како втор носител бил поразен уште во првото коло од квалификантот Флавио Чипола. Сепак заедно со Жан-Клод Шерер тој успеал да стигне во финалето во двојки во кое биле поразени. На Отвореното првенство на Австралија, како 15-ти носител, Вавринка стигнал до третото коло во кое бил поразен од Томаш Бердих во четири сета.
По еден месец пауза, швајцарецот се вратил на терените играјќи за својата држава во првото коло од Дејвис Купот против САД. Во отсуство на Рожер Федерер, Вавринка бил главниот адут на швајцарскиот дејвис куп тим. Во првиот натпревар, Вавринка успеал да го порази Џејмс Блејк во четири сета. Два дена подоцна, тој бил поразен од Енди Родик со 4–6, 4–6, 2–6. Следен турнир за Вавринка бил Мастерсот во Индијан Велс, каде како 16-ти носител бил поразен во четвртото коло од Новак Ѓоковиќ со 6–7, 6–7. Две недели подоцна, Вавринка играл на Мастерсот во Мајами, каде повторно како 16-ти носител бил поразен во четвртото коло, овојпат од Рафаел Надал.