Николај Владимирович Давиденко () — поранешен руски професионален тенисер. Негово највисоко место на АТП листата било 3. место кое го постигнал во ноември 2006. Давиденко четири пати играл полуфинале на Гренд слем турнирите: двапати на Отвореното првенство на Франција и двапати на Отвореното првенство на САД, и трипати бил поразен од Роџер Федерер.
Негов најголем успех во кариерата е победата на АТП завршниот Мастерс во 2009. Во кариерата тој освоил вкупно 21 АТП титула, од кои 3 на Мастерс 1000 турнирите. Во средината на октомври 2014, Давиденко се повлекол од тенисот.Российский теннисист Николай Давыденко официально завершил спортивную карьеру. itar-tass.com. 15 October 2014 Давиденко е познат како единствениот играч кој има позитивен резултат против Рафаел Надал на најмалку 10 натпревари, со резултат од 6 победи и 5 порази против шпанецот.
Личен живот Давиденко е роден на 2 јуни 1981 година во Северодоњецк, Украина, како син на Владимир и Татјана. Тој започнал да игра тенис на 7 годишна возраст а на 11 годишна возраст ги напуштил своите родители во Украина и заминал да живее со својот постар брат Едуард во Волгоград, Русија, верувајќи дека во Русија ќе има поголеми шанса да стане професионален тенисер. Давиденко добил руско државјанство во 1999 година, и од тогаш игра за Русија.
Неговите навивачи го нарекувале „Коља“, што е руски прекар за Николај. Исто така го нарекувале и „Човек од железо“, поради тоа што играл на повеќе турнири во годината од било кој друг тенисер, исто како и неговиот сонародник и поранешен првопласиран играч на АТП листата, Евгениј Кафелников. Тој исто така бил нарекуван „Машина“, поради неговиот агресивен, доследен стил на игра.
Давиденко се оженил со својата девојка Ирина на 25 ноември 2006 во Москва. Тие имаат една ќерка, Екатерина.
Кариера Почетоци Давиденко започнал да игра тенис на седум годишна возраст со неговиот постар брат Едуард кој бил тениски тренер. Додека бил јуниор, тој и неговиот брат се преселиле во Залмтал, Германија за повеќе да напредува и да учествува на повеќе турнири.
Тој станал професионалец во 1999 година. Во 2000, тој главно играл на фјучерс турнири, на кои освоил една титула и играл уште три финалиња. Давиденко својот прв АТП настап го имал во Амстердам, каде стигнал до полуфиналето. Подоцна во август, тој ја освоил својата прва челинџер титула во Менхенгладбах.
2001–2003 Во 2001, Давиденко заиграл на својот прв Гренд слем во кариерата, на Отвореното првенство на Австралија, каде стигнал до второто коло во кое загубил од поранешниот светски бр. 1, Патрик Рафтер во четири сета. Подоцна во февруари, тој добил повреда на долниот дел на грбот на челинџерот во Далас и бил надвор од терените шест недели. По повредата, тој се вратил на терените победувајќи на челинџер турнирите во Улм и Истанбул. Тој ја завршил сезоната со четвртфинале на АТП турнирот во Базел.
Во 2002, Давиденко продолжил да игра на АТП и челинџер турнири. Тој имал солидна сезона со четвртфинални настапи на АТП турнирите во Баштад и Виена, и исто така ја освоил својата четврта челинџер титула, во Шчеќин. Тој настапил на сите четири Гренд слем турнири, и стигнал до второто коло на Отвореното првенство на Франција и Отвореното првенство на САД.
Давиденко направил огромен напредок на АТП турата во 2003. Тој ја започнал сезоната со својата прва АТП титула на турнирот во Аделаида, победувајќи го Кристоф Флиген во финалето. Неколку месеци подоцна, на турнирот во Есторил, на земја, тој ја освоил својата втора АТП титула, победувајќи го Агустин Калери. Тој стигнал до четвртфиналето на Отвореното првенство на Барселона, каде бил поразен од Карлос Моја и до финалето на турнирот во Санкт Пелтен, каде бил поразен од Енди Родик. Давиденко сезоната ја завршил на 44. место на АТП листата, за првпат во најдобрите 50 во кариерата.
2004: Пробив Давиденко ја започнал променливо новата сезона и сè до април не успеал да врзе две победи во серија. Сепак во средината на април, тој стигнал до четвртфиналето на Мастерсот во Монте Карло, каде бил поразен од Карлос Моја. На патот до таму, тој забележал победи над Маријано Забалета, Алекс Кореча и Иван Љубичиќ редоследно. Тој продолжил со исто темпо и следната недела на турнирот во Минхен, каде успеал да ја освои својата трета титула во кариерата победувајќи го Мартин Веркерк во финалето. Подоцна во сезоната, тој стигнал до полуфиналето на Отвореното првенство на Штутгарт, каде бил поразен од Гуљелмо Кањас
Во август, на Летните олимписки игри 2004, Давиденко бил поразен во првото коло од Роџер Федерер во три сета. На Отвореното првенство на САД, Давиденко забележал победи над Марк Филипусис и Робин Седерлинг во првите две кола, но во третото коло загубил од Карол Бек. Кон крајот на сезоната, тој успеал да ја освои четвртата титула во кариерата, откако бил подобар од Грег Руседски во финалето на турнирот во Москва. Заедно со Игор Андреев, тој во Москва ја освоил и титулата во двојки. Давиденко сезоната ја завршил на 28. место со резултат од 33 победи и 29 порази.
2005–2009: Најдобри сезони 2005 Давиденко ја започнал новата сезона со полуфинале на Отвореното првенство на Катар, каде бил поразен од Роџер Федерер. Тој заиграл за првпат во Гренд слем четвртфинале, на Отвореното првенство на Австралија, но загубил од Енди Родик. На турнирот во Ротердам, Давиденко забележал победи над Фернандо Вердаско и Томаш Бердих во првите две кола, но во четвртфиналето повторно бил запрен од Федерер. Една недела подоцна, тој стигнал до четвртфиналето и на турнирот во Дубаи, но таму бил поразен од Андре Агаси.
Сезоната на земјена подлога, Давиденко ја започнал со пораз од Ришар Гаске во третото коло на Мастерсот во Монте Карло. Потоа тој стигнал до полуфиналето во Барселона, каде бил поразен од Хуан Карлос Фереро. Тој одиграл одлично на Мастерсот во Хамбург каде забележал неколку одлични победи и стигнал до полуфиналето во кое бил поразен од Роџер Федерер. Сепак следната недела, на турнирот во Санкт Пелтен, тој ја освоил петтата титула во кариерата победувајќи го во финалето домашниот фаворит, Јирген Мелцер. Најголемиот успех во сезоната, Давиденко го доживеал на Отвореното првенство на Франција, каде стигнал до полуфиналето, во кое загубил во пет тесни сета од Маријано Пуерта. На патот до таму, тој забележал победи над Томи Хас, Гуљелмо Корија (финалист во 2004) и Томи Робредо.
Давиденко го повторил успехот од минатата година и повторно стигнал до полуфиналето на Отвореното првенство на Штутгарт, каде овојпат бил поразен од Гастон Гаудио. Тој ја завршил сезоната со четвртфиналните настапи на Мастерс турнирите во Синсинати и Париз. По одличната сезона, тој се квалификувал за тенискиот Мастерс куп во Шангај за првпат во кариерата. Тој завршил прв во својата група забележувајќи победи над Андре Агаси, Гастон Гаудио и Маријано Пуерта, но во полуфиналето бил поразен од Давид Налбандијан. Тој годината ја завршил како најдобар руски тенисер на 5. место на АТП листата.
2006 По неговото брзо искачување во најдобрите пет на АТП листата во 2005, Давиденко останал таму и во 2006 година. Тој повторно стигнал до четвртфиналето на Отвореното првенство на Австралија, каде бил поразен од Роџер Федерер во четири тесни сета, 4–6, 6–3, 6–7, 6–7.
Тој повторно имал солидна сезона на земјена подлога. Најпрво, тој стигнал до финалето во Есторил во кое загубил од Давид Налбандијан, а потоа до третото коло на Мастерсот во Рим каде бил запрен до Николас Алмагро. Тој забележал победи над Николас Масу, Андреас Сепи и Јарко Ниеминен редоследно и се пласирал во четвртфиналето на Мастерсот во Хамбург, каде бил поразен од Марио Анчиќ. Тој ја одбранил титулата во Санкт Пелтен и втора година по ред стигнал до четвртфиналето на Отвореното првенство на Франција, каде бил запрен од Давид Налбандијан. По воведните порази на трите турнири на трева, вклучувајќи го и Вимблдон, Давиденко ја повратил својата форма и стигнал до финалето во Баштад, каде загубил од Томи Робредо.
Тој ги продолжил одличните игри и ја освоил седмата титула во кариерата на турнирот во Сопот, победувајќи го Флоријан Мајер, а на само два дена пред Отвореното првенство на САД тој ја освоил и осмата титула во кариерата, победувајќи на турнирот во Њу Хејвен. Во њујорк, тој вторпат во кариерата заиграл Гренд слем полуфинале но загубил од Роџер Федерер. На патот до полуфиналето тој забележал победи над Николас Мау, Лукаш Кубот, Енди Мари и Томи Хас редоследно. Во средината на октомври, тој освоил нова титула на турнирот во Москва, победувајќи го Марат Сафин во финалето, а потоа за првпат во кариерата освоил АТП Мастерс 1000 титула, победувајќи го Доминик Хрбати во финалето на Мастерсот во Париз.
Тој по вторпат во кариерата заиграл на тенискиот Мастерс куп во Шангај, но не успеал да ја помине групата откако загубил од Џејмс Блејк и Рафаел Надал, а единствената победа ја забележал над Томи Робредо. Во декември, тој му помогнал на рускиот тим да победи во финалето на Дејвис купот против Аргентина. Давиденко годината ја завршил на 3. место на АТП листата.
2007
Новата сезона Давиденко ја започнал со полуфинале на Отвореното првенство на Катар, каде бил поразен од Енди Мари. Тој третпат последователно стигнал до четвртфиналето на Отвореното првенство на Австралија и бил поразен во пет сета од Томи Хас. На турнирот во Ротердам, Давиденко го одиграл второто полуфинале во годината и повторно бил поразен, овојпат од Иван Љубичиќ.
Тој играл променливо на турнирите на земјена подлога, но конечно се вратил во форма и стигнал до полуфиналето на Мастерсот во Рим, каде загубил од Рафаел Надал во неверојатен натпревар со 6–7, 7–6, 4–6. Тој ја продолжил одличната форма и за вторпат во кариерата стигнал до полуфиналето на Отвореното првенство на Франција, во кое повторно загубил од Роџер Федерер со 5–7, 6–7, 6–7. На Вимблдон, тој го изненадил тенискиот свет со пласманот во четвртото коло на неговата најмалку омилена подлога.
Американската сезона на тврда подлога, Давиденко ја започнал со одлични настапи на Мастерс турнирите во Монтреал и Синсинати, каде стигнал до четвртфиналето и полуфиналето редолседно. Давиденко потоа вторпат последователно стигнал до полуфиналето на Отвореното првенство на САД каде бил поразен од Роџер Федерер со 5–7, 1–6, 5–7. До полуфиналето тој немал загубено ниту еден сет. Тој ја освоил единаесеттата титула во кариерата во Москва, победувајќи го Пол-Анри Матје во финалето.
Во ноември, тој третпат последователно се квалификувал за тенискиот Мастерс куп во Шангај. Во групната фаза, тој загубил од подоцнежниот победник Роџер Федерер со 2:0 во сетови и од Енди Родиик со 2:1 во сетови, а единствената победа ја забележал над Фернандо Гонсалес со 2:0 во сетови, со што завршил на третото место на табелата и не се пласирал во полуфиналето. Давиденко ја завршил сезоната на 4. место на АТП листата, трета година последователно во најдобрите пет.
2008 Како и во 2007, Давиденко сезоната ја започнал на Отвореното првенство на Катар, каде повторно во полуфиналето бил поразен од Енди Мари. На Отвореното првенство на Австралија, тој бил четврти носител, и во првите три кола ги победил француските тенисери Микаел Лодра, Николас Мау и Марк Жикел редоследно. Сепак, во четвртото коло тој загубил од својот сонародник Михаил Јужни. На турнирот во Дубаи, тој во четвртфиналето му се реванширал на Енди Мари за поразот во Доха, но во полуфиналето загубил од Фелисијано Лопес во три сета.
Тој ја освоил својата втора мастерс титула, и вкупно дванаесетта во кариерата на Мастерсот во Мајами. Како четврти носител, тој во четвртфиналето забележал лесна победа над Јанко Типсаревиќ, а во полуфиналето ја остварил својата прва победа над Енди Родик. Во финалето тој го победил Рафаел Надал со 6–4, 6–2, со што за првпат во кариерата успеал да го победи шпанецот.