Свети Архангел Михаил — главна селска црква во струшкото село Ташмаруништа, Македонија.
Местоположба
Црквата се наоѓа на рамнина пониско од селото, околу која се наоѓаат гробиштата со стари дабови.
Историја
Јован Трифуноски има запишано дека црквата потекнува од 1860 година, но според натписна табла поставена на самата црква се дознава дека камен-темелникот бил поставен на 19 септември 1858 година. Ова го пишувало и на самиот ктиторски натпис. Нејзината изградба завршила во 1863 година, а била осветена на 21 ноември 1890 година.
Во 1922 година, на западната страна биле доградени припратата и камбанаријата.
Во 2009 година во периодот помеѓу 30 август и 5 септември, црквата била цел на кражба, каде биле украдени девет икони и две позлатени царски порти.
Архитектура
Градбата на црквата е еднокорабна, при што околу нејзе се изградени повеќе придружни објекти. Црквата е во добра состојба. Градена е како еднокорабна базилика од кршен камен со широка калота над наосот и нема никакво декорирање на фасадите.
Фрескоживопис
Во црквата има живопис, кој е насликан во поново време, односно во 1990-тите години. Истиот е присутен само во куполата и во пандатифите и е во добра состојба.
Икони и иконостас
Црквата содржи вредна колекција на икони од Дичо Зограф. Иконите на Свети Јован Претеча и Архангел Михаил се потпишани и потекнуваат од 1862 година.
Икононите на иконостасот се довршени во 1870 година од браќата Јосиф и Јаков Мажовски.
Галерија
Поврзано Струшко архијерејско намесништво Четврта струшка парохија Ташмаруништа
Наводи
Надворешни врски
Детален извештај за мониторинг од ИКОМОС Македонија
Ташмаруништа