Дулица — село во Општина Македонска Каменица, во областа Осоговија, во околината на градот Македонска Каменица.

Географија и местоположба Дулица се наоѓа во областа Осоговија, од десната страна на реката Брегалница, односно езерото Калиманци. Селото е ридско и е сместено на надморска височина од 700 метри. Селскиот атар зафаќа површина од 23,6 км2. Оддалечено е околу 5 км јужно од Македонска Каменица. Во атарот на селото се наоѓа островот Калата на којшто има остатоци од градиште од доцноантичко време кога местото било возвишение на копно.

Селото е од разбиен тип и се состои од повеќе маала. Маалата се познати како: Пашковци, Невенска Маала, Ќосеска Маала, Катанци, Газијанска Маала, Шопска Маала, Колевска Маала, Бачовци, Парапушево Маало и Мековско Маало.

Историја Селото се споменува во пописните опширни дефтери од 1570 година како село во Ќустендилскиот Санџак, нахија Пијанец, со 11 христијански семејства.„Турски документи за историјата на македонскиот народ, опширен пописен дефтер за Ќустендилскиот Санџак од 1570 година“, том V, книга V, Архив на Македонија, Матица Македонска, стр. 200.

Во Првата балканска војна, шест лица од селото биле доброволци во Македонско-одринските доброволни чети.„Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 845.

Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.

Стопанство Селото има мешовита земјоделска функција. Во рамките на селскиот атар, шумите зафаќаат површина од 963,2 ха, обработливото земјиште 757,7 ха, а на пасишта отпаѓаат 396,4 ха.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Дулица живееле 450 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 229. По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Дулица имало 400 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 140-141.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Македонци.

Според пописот од 2002 година, во селото Дулица живеат 305 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 190 жители, од кои 176 Македонци, 2 Албанци и 12 лица без податоци.

Родови Според истражувањата на Бранислав Русиќ, во 1953 година во селото биле затапени следните родови:

Староседелци: Катанци со Гагалевци (17 к.), Клембовци (2 к.), Чуковци (7 к.), Дочијите (5 к.), Колевци (5 к.), Тасковци (3 к.), Уковци (2 к.), Медарето (9 к.), Ѓоревци (4 к.), Нанчевци (2 к.), Црвениковци (3 к.), Цоцевци (6 к.), Чортањето (5 к.), Рајповци (2 к.), Јуруци (1 к.), Бачовци (2 к.). Доселеници: Газјанци (8 к.) доселени се во 1834 година од некое село на Осогово од бугарската страна (Трсаново или Тишаново); Кебовци (4 к.) доселени се во 1889 година од селото Безиково кај Кочани; Шопјето (3 к.) доселени се во 1870 година од селото Костин Дол; Ќосевци (4 к.) доселени се во 1894 година од селото Калиманци кај Виница; Дулќерето (2 к.) доселени се во 1900 година од селото Тишаново кај Ќустендил во Бугарија.

Општествени установи Во селото работи подрачното основно училиште „Кирил и Методиј“, каде што се изведува настава до петто одделение.

Самоуправа и политика Селото влегува во рамките на Општина Македонска Каменица од 1996 година.

Во периодот 1955-1996, селото било дел од Општина Делчево.

Во периодот 1950-1955, селото било дел од Општина Каменица.

Во XIX век, селото било дел од Малешевската каза на Отоманското Царство.

Избирачко место Во селото постои избирачкото место бр. 613 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.

На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 262 гласачи.

Културни и природни знаменитости Археолошки наоѓалишта Бегов Даб — базилика од старохристијанско време; Градиште — градиште од доцноантичко време; Калата — градиште од доцноантичко време; Манастир — населба од римско време и црква и некропола од старохристијанско време; Селиште - Св. Илија — населба од римско време; Ќерамидница — црква од старохристијанско време; Црква — црква од старохристијанско време.

Езера Калиманци.

Острови Калата.

Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Делчевски села Категорија:Села во Општина Македонска Каменица