Горно Барбарево — село во Општина Пробиштип, во Злетовско-пробиштипскиот регион, во околината на градот Пробиштип.
Географија и местоположба
мини|300п|лево|Куќи во селото
Селото се наоѓа во крајниот северозападен дел на територијата на Општина Пробиштип, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Кратово. Селото е ридско. Од градот Пробиштип, селото е оддалечено 14 километри.
До селото се стигнува преку регионалниот пат 1205, преку исклучување во самиот град Пробиштип, а потоа патот продолжува преку селата Плешенци, Долни и Горни Стубол.
Селото е сместено во подножјето на планината Црни Врв. Во негова непосредна околина е некогашниот Секулички Превој, преку кој во минатото минувал караванскиот пат Стоби-Пауталија, односно денешен Ќустендил.
Соседно, а и најблиско село е селото Долно Барбарево. Потоа други соседни села се: Горни Стубол од север, Долни Стубол од исток и Строиманци од запад.
Историја
Подрачјето на Горно Барбарево е населено уште од доцната антика, за што сведочи наоѓалиштето Грамада во неговата околина.
Според народното предание селото Горно Барбарево е многу старо село. Тоа во минатото било едно село со Долно Барбарево, но потоа се поделиле.
Народното предание Барбарево го смета за многу старо село. Дека во неговиот простор постоела населба уште во многу далечпото минато сведочи фактот што на конусниот рид Градиште се сочувани остатоци од старовремската тврдина, за која А. Керамидчиев смета дека потекнува уште од времето на Римјаните. Карактеристично е името на ова село, кое несомнено потекнува од грчкиот збор „варварис“ од што може да се заклучи дека го основале Варвари, односно Словени, (како што Византијците ги нарекувале) при своето доселување во оваа област. Преданието вели дека во средниот век Барбарево се наоѓало во месноста Селиште и дека тогаш неговите жители биле мадемџии (рудари) и работеле во рудниците на преседлината Џгури. На денешното место тоа било преместено за време на некое безредие (веројатно за време на Карпошовото востание). И по преместувањето на селото барбаревци не било претворени во чифчии, туку останале раети — мадемџии и доганџии.
Стопанство
Атарот на селото има средна големина и зафаќа простор од 15,2 км2, при што преовладуваат пасиштата со површина од 752,5 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 511,2 хектари, а на шумите 116,4 хектари.
Во основа, може да се каже дека селото има полјоделско-сточарска функција.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Барбарево (Горно и Долно) живееле 780 жители, сите Македонци.Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 222. Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Барбарево (Горно и Долно) имало 848 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 130-131.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500Македонци.
Во 1961 година селото броело 343 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 49 жители, македонско население.
Според пописот од 2002 година, во селото Горно Барбарево живееле 37 жители, сите Македонци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 15 жители, од кои 13 Македонци и 2 лица без податоци.
Родови
Горно Барбарево е македонско село.
Според истражувањата од 1970-тите, родови во селото се:
Староседелци: Шуќевци (6 к.), Чуљанци (3 к.), Тасевци (5 к.) и Дејановци (3 к.). Доселеници: Топтанци (2 к.) и Нековци (2 к.), доселени се во првата половина на XVIII век од Прилепско; Балабановци (3 к.), Барборковци (9 к.), Тодоровци (6 к.) и Чинговци (4 к.), првите два рода потекнуваат од ист предок, и останатите два рода се од еден предок. Сите заедно се доселени во средината на XVIII век од областа Матија во Албанија; Балабановци (5 к.) и Уртовци (2 к.), се еден род. Тие се доселени од околината на Истанбул во Турција во втората половина на XVIII век; Сатчиевци (4 к.), доселени се кога и претходниот род од селото Стрисовци; Стојанчевци (3 к.), доселени се во XIX век од селото Секулица кај Кратово.
Самоуправа и политика
Кон крајот на век, Горно Барбарево било село во Кратовската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Пробиштип, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што биле споени поранешните општини, Пробиштип и Злетово. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Пробиштип.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Пробиштип. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Пробиштип.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Немањици, во која покрај селото Горно Барбарево, се наоѓале и селата Арбасанци, Долно Барбарево, Макреш, Мечкуевци, Немањици, Орел, Патетино, Равници и Стануловци. Некогашната општина Немањици постоела и во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Горно Барбарево, Долно Барбарево, Макреш, Немањици и Орел.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1562 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватен објект.
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 18 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 21 гласач.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Грамада — градиште од доцноантичко време.
Цркви Црква „Св. Петка“ — заедничка селска црква со Долно Барбарево, сместена на половина пат меѓу двете села.
Галерија
Поврзано Општина Пробиштип Пробиштип
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Пробиштипски села Категорија:Села во Општина Пробиштип