Поврзано Прва балканска војна
Писмо на македонскиот сепаратистички кружок
Непосредно пред објавувањето на Балканската војна по дознавањето за Српско-бугарската спогодба, македонското национално јадро од Битола, односно македонскиот сепаратистички кружок, на 15 август 1912 година испратил Програмско писмо до Другарството и до високи раководни органи во Русија, во кое се наведува дека Балканскиот сојуз е создаден заради поделба на Македонија од страна на Србија, на Бугарија и на Грција, а не за нејзино ослободување. Тие не ја признаваат македонската националност, па сакаат да ја србизираат, бугаризираат и грцизираат.
На Македонија, на потомците на Кирил и Методиј може да ѝ помогне само Русија, и тоа на следниов начин: #енергично застапување на братска Русија во полза на Македонците; уништување на бугарската, на српската и на грчката пропаганда во Македонија; обновување на црковната независност; слободен развиток на националната свест, т.е. на свеста дека Словеномакедонците се еден и неделив народ; отворање училишта на македонски јазик; македонската интелигенција треба еднаш засекогаш да ја прекине срамната продажба на својата совест и чест на бугарските, на српските и на грчките пазари и широка внатрешна самоуправа на Македонија...
Во писмото на крајот се наведува дека во Македонија мириса на смрт. Дека единствениот спас за нашето дело, за нашата независност, а со тоа и за спасот на Европа од војна е вмешувањето на Русија, но не во вид на поддршка на словенскиот сојуз против Турција, туку како морална поддршка на Македонија и брз, решителен притисок врз Турција за неодложно спроведување реформи во Македонија. Ако Русија му даде поддршка на Балканскиот сојуз, тогаш ќе избувне балканска воја, а Србија, Бугарија и Грција ќе ја поделат Македонија.
Македонците во бугарската војска
На 17 септември 1912 година, бугарската влада објавила сеопшта мобилизација. На сите мобилизациски места пристигнувале Македонци од разни места.
Партизански чети и одреди
Поради нивната голема бројност, началникот на Штабот на бугарската армија генерал-мајор Иван Фичев, наредил да се формираат партизански (доброволни) чети и одреди за дејство од зад грбот на противникот. Задачата му ја доверил на потполковник Александар Протогеров и на мајор Петар Дрвингов. За создавањето на овие чети и одреди, Штабот на бугарската армија доделил 600 пушки и 60.000 лева. На предлог на Протогеров и на Дрвингов, во организирањето на партизанските одреди се приклучиле потполковник Стефан Николов, капетан Димитар Атанасов и капетан Стојан Величков. Од тој состав бил формиран Штаб на партизанските одреди (ШПО).
Петар Дрвингов во Седмичниот билтен за изучување на Турција и нејзината армија бр. 3 од 10 февруари 1911 година, меѓу другото, напишал: Денес македонската емиграција, повеќе од кога и да е порано, завладеана е со мислата дека слободата на Македонија може да се постигне само преку силата на бугарското оружје. Поради тоа, таа емиграција не е за потценување, зашто во време на војна може да одигра решавачка улога. Може да се тврди смело дека не може да се пронајде Македонец, млад или стар, кој не би посакал да влезе во македонските доброволни дружини, кои во војна сигурно ќе се формираат.
Со оглед на тоа дека се работи внатре во Македонија, т.е. во тилот на турската војска, бугарската Влада од македонската емиграција формирала доброволни формации што ќе мора сами да се снабдуваат и за чии дела одговорност не сноси Владата. Доколку тие формации бидат примени во редовната армија, Владата ќе мора да се грижи за нив, а тоа би било осудено и од Турција и од другите големи сили и особено од соседните земји што се подготвувале за поделба на Македонија.
На 19 септември 1912 година, односно вториот ден по објавувањето на мобилизацијата, генералот Фичев испратил наредба до Протогеров и до Дрвингов да формираат мали партизански одреди. Дрвингов изготвил Правилник за доброволните чети кои ќе дејствуваат во Македонија и Одринско во ослободителната војна. Во Правилникот, покрај другото, се предвидувало четите да дадат заклетва за верност пред бугарското отечество и пред бугарскиот цар. Клетвата имала двојно значење за македонските четници. Од една страна му се колнат на царот, а не се регуларна војска. Од друга страна, биле обврзани како полноправни војници на бугарската армија, за евентуални престапи да одговараат пред бугарските воени судови.
Според Правилникот на Дрвингов, основна задача на партизанските чети и одреди била да уриваат мостови, железнички пруги, телеграфски и телефонски линии и други објекти од витално значење во тилот на турската војска. Се предвидувало создавање на 52 партизански чети, секоја од по 20 до 30 души, односно вкупно со околу 1.250 души. Војводите имале обврска да го организираат снабдувањето од месни извори и да формираат месни чети. На тој начин, да создаваат мрежи на селски чети по примерот на илинденската ВМРО. Од објавувањето на мобилизацијата на 17 септември, па до 26 септември 1912 година, биле создадени 59 партизански чети. Секоја од нив имала свој редовен број. Паралелно со нив, бил формиран и еден партизански баталјон (составен од две чети) и четири специјални партизански чети.
Македонско-одринско ополчение
Види Македонско-одринско ополчение
Македонци во српската војска
Во почетокот на Првата балканска војна во Македонија биле формирани два четнички одреди, кои биле под српската Врховна команда - Козјачкиот, кој дејствувал во реонот на Скопска Црна Гора, па сè до Крива Паланка со 11 чети; Прекувардарскиот, кој се состоел од 16 чети;
Четнички одреди
Во летото 1912 година, во Македонија бил формиран Горски штаб на српските чети. Овој штаб извршил реорганизација на српските чети. За командант на Горскиот штаб во Македонија е поставен капетанот Воин Поповиќ-Вук, членови на штабот биле поручник Светозар Ранковиќ, поручник Никола Брзаковиќ, поручник Миливое Чолак Антиќ и потпоручник Милан Ковиниќ. Во Горскиот штаб влегле и поранешните членови на српската четничка организација Народна одбрана. Во почетокот на Балканските војни овој штаб бил засилен со седум подофицери од српската армија и со 15 нови војводи.
Со Горскиот штаб непосредно раководела Врховната команда, а бил стациониран на територијата на која дејствувала Првата армија и бил потчинет на штабот на Првата армија. Во штабовите на Втората и на Третата армија имало оддели за комитски работи. Со оглед на тоа дека Горскиот штаб бил стациониран на Козјак и се движел на релацијата Скопска Црна Гора-Крива Паланка, единиците (11 чети) што му припаѓале го нарекувале Козјачки одред. По Кумановската битка, станал Кумановски одред, а најпознат е како четнички одред на Воин Поповиќ-Вук. Штабот на одредот го сочинувале Срби, односно српски офицери, а четниците и локалните војводи главно биле Македонци.
Покрај Козјачкиот горски штаб кој станал главен за цела Македонија, биле создадени горски штабови за Порече и за Азот. Командант на Поречкиот штаб бил потпоручникот Милан Ковиниќ, а во Азот, Милан Ѓокиќ. Со оглед на тоа дека Поречкиот и Азотскиот штаб формирале чети и во околиите на Кичево и на Дебар, таа формација (16 чети) е наречена Прекувардарски одред. Составот на четите бил од 10 до 15 луѓе. Вкупната бројна состојба на четниците според формацискиот состав на двата одреда изнесувала околу 400 луѓе.
ВМРО во Првата балканска војна
Види ВМРО во Првата балканска војна
Кумановска битка
Види Кумановска битка
Ослободување на Скопје
При повлекувањето, командантот на 7. корпус Фети-паша се задржал пред Скопје, со намера да ја организира неговата одбрана. Во градот веќе дошло до пресметки меѓу Македонците и муслиманското население, во кои имало и жртви. Особено во тешка положба биле Македонците затвореници во Скопскиот затвор. Месните власти ги заплашувале христијаните. Согледувајќи ја положбата во Скопје, а со цел да го спасат градот од разурнувања, странските конзули заедно со месните првенци извршиле дипломатски притисок и заканување врз Фети-паша и успеале да го наговорат наместо да се стационира во Скопје, да се повлече кон Битола.
Меѓу конзулите најактивен бил рускиот конзул Калмиков, кој неколку дена пред повлекувањето на Фети-паша во соработка со градските македонски првенци успеал да организира месна власт и стражи и да ги спречи безредијата во градот. На негова интервенција биле ослободени сите Македонци од затворот. Откако корпусот на Фети-паша се повлекол кон Велес, странските конзули, на чело со Калмиков, отишле во штабот на Првата српска армија во Бучар Хан и му го предале градот, во кој српските единици влегле без борба, а потоа воспоставиле српска власт.
Во турската армија, во духот на прокламираната рамноправност уште во времето на Младотурската револуција, биле мобилизирани младинци без оглед на верата и националноста. Така, во Кумановската битка се појавиле бројни дезертерства. Не бегале само Македонците кои во согласност со пропагандите не сакале да се борат против христијанските браќа, туку дезертирале и Турци, Албанци, Јуруци и други од месното население. Тие дезертерства особено биле големи по повлекувањето од Куманово кон Велес и кон Битола.
Српската врховна команда, во согласност со Српско-бугарската спогодба и особено по повлекувањето на турската војска и освојувањето на Скопје без борби, на 26 октомври 1912 ја упатила Втората. армија преку Крива Паланка во Ќустендил, а потоа со воз до Одрин на помош на бугарската војска. Во почетните дејства бугарската 7. Рилска дивизија ѝ била потчинета на српската Втора армија, но фактички таа и натаму била под команда на Родопскиот одред и на бугарската Врховна команда, што дејствувала по долината на Струма кон Егејското Море.
Повлекувајќи се по Кумановската битка, Вардарската армија имала цел да ја брани Битола. Со таква цел Зеки-паша со 5. корпус го затворил правецот Велес-Прилеп кај Присад и правецот Градско-Прилеп кај Плетвар, а со 7. корпус, кој отстапувал од Скопје, го затворил правецот Кичево-Битола. На 30 октомври 1912 година српската армија тргнала во напад во следните правци: Коњаничката, Моравската и Дринската дивизија настапувале од Велес кон Прилеп, а Дунавската од Штип кон Криволак. Тимочката дивизија од вториот повик останала во Велес како армиска резерва. Во пробивот кон Прилеп, на Присад, на 3 и на 4 ноември се развиле остри борби, во кои македонските чети и овозможиле на српската војска да ги заземе сртовите на Бабуна. Исто така, македонските месни чети и четите на ВМРО дале силен придонес на 5 ноември 1912 година српските сили да ги заземат позициите кај село Алинци и да се префрлат на десниот брег на Црна Река. На тој начин, македонскиот народ кој бил мобилизиран во разни воени формации, а често и самиот се организирал, дал голем придонес во прогонувањето на турската војска кон Битола.
Ослободување на Прилеп
Турски сили
Турските сили по поразот во Кумановската битка се повлекувале кон Битола. Штабот на Вардарската армија изработил план за решителна одбрана во реонот на Битола, а на Плетвар и Присад одбраната да ја организира само еден корпус со цел да го забави пробивот на српската војска. Планината Бабуна пружала поволни услови за да се организира одбраната на Прилеп. Турските позиции биле поставени на линијата Плетвар-Козјак (кота 1745)-село Крстец-караула Присад-Планина Мукос (кота 1445), а оттаму се протегале преку сртот на планината Бабуна.
Преку овие позиции минувале само два патни правци кои воделе од средното Повардарие кон Пелагонија. Едниот минувал преку Присад кон Велес и Прилеп, а вториот преку Плетвар кон Криволак и Прилеп.