мини|Два пара кавали на две арбии од с. Седларево, Тетовско (во Музејот на Македонија)Кавалот е македонски народен дувачки инструмент отворен од двете страни, изделкан од едно јасеново парче и орнаментиран низ целата должина. Горниот крај на кавалот е малку стеснет и со остар раб. Овој инструмент има 7 дупки за прстите на лицето и една за палецот на опачината. Дупките се рамномерно распоредени (со 2 см раздалеченост), со тоа што шестата дупка е отприлика при средината на инструментот. При свирење, кавалот се држи со двете раце под агол од околу 45° во однос на телото, со тоа што четири прста од едната рака работат со долните купки, а со горните три дупки и задната палечна дука работи другата. Устата покрива ~ од крајот на кавалот. Промената на притисокот при дување во него го менува и висината на звукот.

Зависно од клучот (тоналитетот), кавалот може да биде во повисок регистар (C, C#), среден регистар (D, H) или низок регистар (A, B). Кавалот може да свири 2 октави од хроматичната скала. Звукот му е топол, меланхоличен и пријатен.

Додека во минатото ова бил овчарски инструмент, денеска се користи во народни песни и ора како дел од ансамбл или соло. Кавалот често се свири во парови. Првиот кавалџија (или водач) го води другиот (полагач), со тоа што кавалот е во истиот клуч, обично понизок, како C, C#, D, иако се користат и други клучеви. Калибарот на кавалот е 16мм, но постојат и кавали со калибар од 17mm кои се препорачуваат на поискусни кавалџии од изработувачот Стојанче Костовски.

Кавалот обично стои на дрвен држач (арбија), кој го штити од искривување и ја чува внатрешноста замастена. Опис на изработка на македонскиот кавал Македонскиот кавал ѝ припаѓа на групата самоправски музички инструменти кои служат пред сé за лична, поединечна употреба. Неговата изработка претставува навистина бавен и макотрпен процес кој бара големо трпение, прецизност и концетрација, се разбира и квалитетен материјал (дрво) кој ќе се употреби за таа намена. мини|Пар кавали изложени во музејот на Битола (истиот пар бил изработени во ХХ век) Кавалот по конструкција (изградена целина) е изработен во еден дел (едноделен) и како традиционален музички инструмент ѝ припаѓа на групата аерофони инструменти од типот на надолжно-странични свирки (флејти). Во суштина тој претставува дрвена цилиндрична цевка со должина која се движи од 670-835 мм. Внатрешните димензии по целата цилиндрична должина (звучното тело) на кавалот се движат од 14-18 мм, додека димензиите на надворешната површина од 16-20 мм. Должината на кавалот и неговата цилиндрична структура, исто како и кај другите инструменти од групата на надолжни флејти кои во примитивните средини се изработувале од дрво, трска, бамбус или животински коски, има фалусна симболика и магиско-обредно значење, кое традиционално се поврзува со плодноста, раѓањето и обновувањето на животот. Гледано од технички, односно звучно-функционален аспект, на инструментот се моделирани 12 перфораци, од кои 8 се мелодиските отвори: седум на предната страна и осмиот на задната страна на инструментот и 4 отвори кои се од резонатен (акустичен) карактер. Во традиционалната инструментална практика на тлото на Република Македонија примена наоѓаат три основни вида на кавали кои се одликуваат со различни звучни особености: длабоки, средни и високи. Таквата генерална поделба е условена пред сé од должината на звучното тело на кавалот. Димензиите по основ на должината на инструментот се движат од 670 до 835 мм:

- Длабок кавал 790 мм (h-246.2 Hz, ха-штим) - 835 мм (ais-233.5 Hz, бе-штим)

- Средeн кавал 730 - 742 мм (c-261.7 Hz, це-штим)

- Висок кавал 670 мм (d-293.5 Hz, де-штим) - 710 мм (cis-277.0 Hz, цис-шт).

Карактеристики на македонскиот кавал

Кога говориме за застапеноста на кавалот во народните умотворби и поединечното книжевно творештво во Република Македонија, истражувањата покажале дека тој е еден од најопеаните народни музички инструменти. Високо изградениот естески израз на народните умотворби и уметничката зрелост на националниот литературен јазик, на извонредно описен и суптилен начин, како ретко друг инструмент, кавалот најмногу го толкуваат по два основа: 1. неговите звучни вредности, и 2. естетско - декоративните вредности. Звучните вредности што ги поседува македонскиот кавал, изразени преку карактерната топла и меланхолична боја на тонот, кај слушателот предизвикуваат чувства на радост, тага, копнеж по родното огниште и духовната слобода, носталгија по широките планиски простори во родниот крај итн. Ќе наведеме неколку примери: “Во кавал песна пееше”, ”Овчар по брег одиhttps://www.youtube.com/watch?app=desktop&v=MThQMbsSL7M, сиво стадо паси, сиво стадо паси, с’меден кавал свири, с’меден кавал свири, с’кавал разговара, с’кавал разговара на мома говори…”. Естетско-декоративните особености на македонскиот кавал се исто така многу опеани во народните умотворби. Познато е дека појавата на симболизмот во фолклорното творештво воопшто, претставува препознтлива и употребна своина на една културно развиена заедница. Таа креира свои карактеристични шари и бои, употребувајќи ги за украсување на сето она што ја опкружува во сеокојдневието и ја прави препознатлива како етникум. Еве неколку примери кои се однесуваат на орнаментиката на македонскиот кавал: “Да си зема писан кавал да посвире милно, жално, милно, жално дури тажно”. ”...ој ти вие арамији пуштете ми десна рака, подајте ми шарен кафал, да зеам да засвирам, тогај бело стадо ќе киниса”. Украсните елементи во везовите на машката и особено женската традиционална облека, ткаенините и плетивата за потребите на домаќинството, претставуваат огромен материјално-културен инвентар на народната декоративна уметност на македонскиот народ. На тој начин колоритот на националниот идентитет автентично се прнесувал од генерација на генерација, а орнаментиката присутна на чорапите и ткаените изработки како скутини, појаси и други елементи од традиционалната носија, изразена низ разновидни геометриски композитни решенија дадени од традиционалната селска жена, без да ги познава сложените правила на геометријата, во полна виталност се одржала до денешни дни, а како таква, на многу суптилен начин се одразила и врз препознатливата орнаментика на македонскиот кавал, кој изработувачот соодветно го украсува на начин и во зависност од неговата функција во секојдневната културно-звучна, односно употребна функција. Треба да се напомене дека во народните умотворби често пати е опеан и самиот процес на иработка на кавалот. Еве еден таков пример: “ ...пушти мене змијо, дома да си ида, мојте девет брата, сé кавали правјат, ама с’тех не свират, мене жива жаљат….”. На крајот, ако говориме од гледиште на културно-естетско вреднување, според критериумите на историјата на уметноста и нејзиниот уметничко-критички приод кон културното наследство, епитетите оргиналност, автентична старина итн. во потполност му прилегаат на кавалот, еден од најомилените музички инструменти на Mакедонецот кој до денес ја задржал својата оргинална намена: солистички инструмент, но и звучна придружба на традиционалните песнопојни и ороводни мелодии. Еволутивниот развој на македонскиот кавал, од гледиште на репродуктивно-техничките можности и особености (овде се подразбира и негово групирање во традициски оркестарски форми), изразени низ еден културно-историски континуитет, е од исклучително значење за македонскиот националнен музички идентитет. Наследенататрадиција налага истовремена изработка на два иденични кавали со исти димензии и нивна интонативна усогласеност. Од гледна точка на звучната функција, што при практикувањето на традиционалните мелодии ја имаат двата музички инструменти, или чифт кавали (во пар), народната терминологија во фигуративна смисла ги поистоветува со двата основни принципи: машки и женски, коишто се одразени во секоја манифестација на животот и природата и се повторување на двата Божестевени принципи, создатели на сè.

Потекло на кавалот Иако потеклото на овој древен музички инструмент не може со прецизност да се одреди, сепак многу етномузиколози сметаат дека неговото потекло треба да се бара далеку пред доаѓањето на Словените на Балканот, односно во културата на старите источни цивилизации. Сепак, сведоци сме, денес археологијата како научна дисциплина постојано доаѓа до нови сознанија, како за материјалното, така и за духовното културно наследство на овие простори. Така, на територијата на Р Македонија последните 20 години пронајдени се неколку инструменти изработени од прочистена глина и кои датираат од неолитскиот период. Треба ли да веруваме дека сточарството и неговиот стожер овчарот, биле непознаница, за, веќе знаеме, високо развиените цивилизации, кои во минатото опстојувале на овие простори. Напротив! Притоа и историјата нé учи дека човекот во сите времиња и места на неговиот физички опстој, покажува исклучителна способност од материјалите кои непосредно го опкружуваат и му се при рака, да изработи такви звучни предмети-инструменти од кои крајниот резултат ќе биде музика (пријатна или непријатна сеедно), истите со тек на време технолошки ќе ги надградува, или ќе конструира некој нов, посовршен, на кој ќе може да покаже и свое поголемо музичко умеење. Од тие причини, сметаме дека овој древен музички инструмент недвосмислено се наметнува како естетски препознатлив и звучно автентичен белег низ долгата историја на македонскиот музички фолклор. Нематеријално културно наследство Со одлука на Владата на Македонија македонскиот кавал како нематеријално (духовно) е значајно културно наследство и е прогласено за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење. Кавалот како мотив во книжевноста „Чудотворен кавал“ — расказ на македонскиот писател Ванчо Николески.Ванчо Николески, Чудотворен кавал, Мисла, Наша книга, Детска радост, Култура, Македонска книга, Скопје, 1993, стр. 24-26. Вредности на македонскиот кавал Македонскиот кавал, носител на специфичноста и оргиналноста на музиката изродена од синкретичната целина: кавалсвирач-музика е извршена според критериумите коишто се однесуваат за нематеријалните добра, наведени во членот 3 од Правилникот за валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство и тоа конкретно според неговата историска, уметничка и социолошка вредност. Од критериумите што се однесуваат на вредноста, функцијата и значењето на македонскиот кавал земено е во предвид неговата:

1.Автентичност - изразена преку оригиналните звучноинтерпретациски особености

2.Реткост - изразена во однос на ерголошкиот процес-изработка и традиционалните форми на изведба.

3.Разновидност - изразена низ богатството на техничко-звучната емисија, во поново време често застапена во разни музички жанрови.

4.Интегралност - изразена преку степенот на единството на формите и функциите на традиционалната инструментална практика. Кавалот е интегрален дел од македонскиот музички фолклор.

5.Старост - Кавалот е древен музички инструмент чиј што долг еволутивен процес физички и звучно-естетски има силно влијание на македонскиот музички фолклор, недвосмислено наметнувајќи се како негов препознатлив и автентичен белег. Ниту еден друг народен музички инструмент во толкава мерка и со толку голем пиетет не е опеан во народните песни и умотворби, како што е тоа случај со кавалот. И покрај тоа што домашното (автохтоно) именување на овој музички инструмент е свирóл, свирéл, свирáл итн., во текстовите на македонските народни песни паралелно го сретнуваме со неговиот ориентален синоним и во неколку форми кои настанале како резултат на особеностите на различните регионални говорни (јазични) специфичности, на пример: кáвал, кáфал, кáвел, кáфел, или кавáл, кафáл, кафáу, кавул.