Буково — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.

Во непосредна близина на селото се наоѓа археолошкото наоѓалиште на античкиот град Хераклеја Линкестис, основан од Филип II Македонски.

Во Буково се снимени сцени на серијата Сенки над Балканот.

Поради големиот атар, во него се изградени куќи кои припаѓаат всушност на соседното Кравари, па со издвоениот пописен круг селото има 709 жители, наместо изброените 1.125 жители на целиот атар.

Потекло и значење на името

Името на селото се поврзува со придавското именување на дрвото бука со значење „буково место или место со буки“. Како друга варијанта се споменува дека доаѓа од бук и суфиксот -ови со значење место во река каде што се разбива водата на камења.

Селото го добило името по буковата шума со која била целосно завиткано.

Географија и местоположба

мини|300п|лево|Поглед на дел од селото мини|300п|десно|Традиционална куќа во Буково

Селото се наоѓа во јужниот дел на територијата на Општина Битола, припаѓајќи на групата потпелистерски села на планината Баба, сместено на нејзините источни огранки. Буково се наоѓа на оддалеченост од околу пет километри од градот Битола, со што припаѓа на неговата рурбална зона. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 720 метри.

До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2333 и води преку битолската населба Буковски Ливади.

Буково изобилува со бистра планинска вода. Низ него течат две реки, Стара Река и Киндарка, има 3 селски чешми и извори на сите страни.

Селото се наоѓа во непосредна близина на Битола, на допирот на планинското земјиште, погодно за обработување, на исток и падините на Баба Планина, погодни за сточарство и шумарство, на запад. Секој дел од атарот има извор, а дел од нив се именувани како: Сина Вода, Царев Кладенец, Баџоа Млака и други.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Мулојца, Јанојца, Падиње, Краварско, Честур, Кутлишан, Свињар, Гулејца, Шафкулец, Сува Ливада, Под Лозја, Падарник, Брца, Равниште, Смолевско, Стар Забел, Средно Брдо, Магарешки Ливади, Манастирски Забел, Марково Кале, Шабаница и Неолица.

Селото има 17 маала, чии имиња ги носат имињата на поглавните или постарите родови: Јосифовско, Ѓоревско, Балтановско Маало и други. Маалата не се оддалечени многу едно од друго.

Историја

мини|300п|десно|Историска фотографија од селото (1918 г.) мини|300п|десно|Жители од Буково во народни носии, почеток на XX век

Се верува дека селото е постаро од Битола, па затоа во него има староседелци и постари доселеници кои не знаат од каде се доселени. Буковскиот атар во минатото бил многу простран и се протегал сѐ до житниот пазар во Битола. На местото на битолските касарни, буковчани имале ниви со коноп. Подоцна, селскиот атар бил намален.

Како легенда се пренесува дека првите семејства биле населени од изгореното село Неољани (многу одамна), што се наоѓало во близина од околу еден километар западно од сегашното Буково кај Стар Забел и Неолица,„Буково“ - монографија. Буково, април 1981, стр. 5 покрај реката Киндирка, што се создава од прочуените извори на Дванаесетте Кладенци. Постојат остатоци и од стара црква, за која не постојат податоци.

Се претпоставува дека Горното Десно Маало на Буково било населувано и од жители, од старото, многу одамна иселено село Магарево, од кое и денес можат да се забележат распаднати ѕидишта. Таа месност сега е под ливади и се вика Магарешки Ливади, а се наоѓа покрај Стара Река, што извира во буковско-ореовските планини, на околу 1,5 километри над сегашното Орехово, кое исто така е населено од жителите на Магарево. Ова дотолку повеќе е за верување оти Орехово во ништо не се разликува од Буково, ни по говорни особини, ни по обичаи, ниту по било што друго.

Има верзија што е, исто така за верување, дека сегашното Буково посебно неготово Долно Маало било населено од старото иселено село викано Селиште, што се наоѓа десно од Стара Река, непосредно до сегашната црква „Пречиста“. И тука сега можат да се сретнат остатоци од ѕидишта. За населувањето на долните маала на селото Буково можат да се сретнат остатоци од ѕидишта.

Држи место и претпоставката дека Буково било населувано и од избегани жители од античкиот град Хераклеја по неговиот земјотрес, по кое и територијата од тој град станала сопственост на селото Буково. При крајот на VI век животот во Хераклеја згаснува со доаѓањето на Словените и се создава едно мешање на народите и населување на просторите околу Буково, заради што во подоцнежниот период жителите на Буково стануваат големи земјопоседници, вклучувајќи ја и самата Хераклеја и голем дел од Пелагонија, градот Битола и шумскиот простор над Буково.

Првите пишани историски документи во кои се споменува Буково се турските сиџили од 26 јуни 1607 година, во кој се споменува земањето заем на жител - железар од селото.„Буково“ - монографија. Буково, април 1981, стр. 8

Во еден пишан документ, Буково се споменуван во периодот 1650 и 1750 година.

Буково е познато и големо битолско село, во кое цело време живеело македонско население. Поради близината на битола и под влијание на школите и црквата, до завршувањето на отоманската власт во селото често мештаните се изјаснувале како Грци. Меѓу битолските Грци и Власи имало и погрчени или власизирани словенски родови доселени од Буково.

Македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот во својот напис „Манастир (Битоља)“ објавен во „Цариградски весник“ на 8 јануари 1855 година споменува дека градот Битола кој е најдревниот град во Македонија Пелагониска после Христа од словенските цареви го добил името Манастир и Буково, а не Битола кое е непознато име во историските извори.Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр. 61 Голема е веројатноста Јордан Хаџи-Константинов-Џинот да ја извел оваа претпоставка поради непосредната близина и поставеноста на остатоците од древниот град Хераклеја Линкестис токму помеѓу градот Битола и селото Буково. Понатаму во написот за селото Буково стои дека тоа се наоѓа на ½ час од градот Манастир (Битола) и во него е прекрасниот манастир со храмот на Успение на пресвета Богородица соѕидан од царот Стефан Силни (Душан). Сите манастирлии (битолчани), христијани и Турци, во летно време повеќе таму одат на прошетки и веселби. Во тој манастир имало повеќе до 20 товари стари ракописи, но во тоа време ни славјански свештеник не сакале, а камо ли славјанска книга да остане со нашите пергаменти. Во тоа врее во Буково постоело грчко пеење (богослужба) со еден свештеник родом Цинцарин (Влав).

Во својот најсветол период Буково имало 5.000 жители, а училиштето над 600 ученици. Во Кралска Југославија, Буково било општина и било двапати посетено од југословенскиот цар Александар I како најуредно село во Југославија. Во првата половина на XX век и дел од втората поголемиот дел од населението заминува на печалба во Австралија, САД, Канада и европските земји.

Во Буково исто така останала и чешмата која се наоѓа на средина од селото, која е подигната во чест на убиените во Втората светска војна.

Вкупно 5 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.

За славното минато и материјалното богатство на жителите на Буково сведочи и архитектурата на некои од постарите куќи, која е градска и во барокен стил како куќите на Широк Сокак во Битола. Останатите куќи кои се изградени од делкан камен исто така се забележителни со својата импозантна големина од 2 и 3 катови.

Главна селска црква е „Св. Димитрија“, изградена во 1882 година на темели од стара црква, додека над селото се наоѓа познатиот буковски манастир „Св. Преображение“ или „Св. Сотир“, кој бил повторно изграден во век и се смета дека потекнува од век.

Стопанство

Атарот на селото зафаќа простор од 17,9 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 913,6 хектари, на пасиштата отпаѓаат 591,8 хектари, а на шумите 146,3 хектари.

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во селото работеле фабрички погон и земјоделска задруга, а денес работат продавници и угостителски објекти.

Мештаните располагаат со пасишта на Баба Планина, на месностите Шабаница, Неолица и Марково Кале. Тие ги купиле од битолските Турци на крајот на век. За делот Неолица, буковчани биле во спор со соседното село Лавци.

Од земјоделието најразвиено е градинарството. Поради изобилството од бистра вода и плодна почва, во ова село успева и се одгледува црвениот пипер надалеку познат под името буковец, токму поради името на ова село. За квалитетот на црвениот буковски пипер како и за трговијата која се одвивала за него во Буково уште во XIX век сведочат и записите на странски (бугарски) дипломати и патописци. Буковецот е споменат и од македонскиот револуцонер Ѓорче Петров кој во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, пишувајќи за земјоделството и плодородноста на котлината Пелагонија во делот за полиња во одделот орографија, запишал дека пипер се добива од издробени (мелени) пиперки во селото Буково, по кое што се нарекува „Буковски пипер“, кој насекаде е многу познат и е неопходна состојка на секоја трпеза. Одгледувањето на овој црвен пипер со тенка лушпа кој потоа се суши и ситно се меле како зачин е широко распространет и во околните блиски битолски села како Бистрица, Кравари, Лажец и други.

Покрај одгледувањето на пиперки, во Буково се одгледуваат и други градинарски производи како домати, зелка, праз, кромид, грашок, спанаќ, марула, морков, краставици. Застапено е одгледувањето на жита, посебно пченица во рамничарскиот дел на атарот. Поради поволните услови на планинските падини и во дворовите е застапено и овоштарството од кое најмногу се одгледува јаболка, сливи, цреши, круши, ореви, лешници и костени. Од сточарството најразвиени се краварството и овчарството, а во помала мера и козарството. Многу застапено е и живинарството, преку одгледување на кокошки, петли, гуски и други домашни птици.

Поради непосредната близина на индустриската зона на градот Битола како и новата слободна економска зона во Жабени, значаен дел на населението, особено жителите во населбите Буковски Ливади и Буковски Мост, работи во фабриките на „Кромберг и Шуберт“, „Кобил“, млекарниците Битола и Идеал Шипка, погоните во рамки на некогашните фабрики „Фринко“, „Пиварницата“, а дел од жителите се занимаваат и со градежништво во ГД „Пелагонија“, автопревоз или услужни дејности во други претпријатија во градот Битола.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Буково живееле 1.490 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 236.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Буково се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 227 куќи.

Според статистиката на егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Буково имало 2.400 Македонци, патријаршисти.Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 166 – 167.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.650 Македонци.

Буково е големо село, коешто во 1961 година броело 1.939 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 1.012 жители, од кои 1.000 жители биле Македонци и осум жители Турци.

Според пописот од 2002 селото брои 3.494 жители, од кои 3.456 Македонци, 14 Турци, 11 Албанци, 6 Срби, 1 Влав и 6 останати. Таа година претставувало најголемо село во општината и пошироко во Битолско.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.125 жители, од кои 1.023 Македонци, 18 Албанци, 22 Турци, 4 Срби, 4 останати и 54 лица без податоци. Катастарски, населбата Буковски Ливади е издвоена од селото и сега припаѓа на градското подрачје на Битола, со што и населението се брои во градот.

Родови

Буково е македонско православно село.