мини|десно|300п|Денешниот регион Прованса-Алпи-Азурен Брег Прованса (; провансалски: Provença) е регион во југоисточна Франција на Медитеранот, кој се граничи со Италија. На регионот Прованса се простираат департаментите Вар, Воклиз , Устие на Рона, Горнопровансалски Алпи, Приморски Алпи и Горни Алпи. Римјаните овој регион го нарекле Нарбонска Галија или Галија Трансалпина, прва римска провинција која не се простирала на Алпите. Оттука го добила и името.
Историја Праисторија
Најраните живеалишта во Европа се наоѓаат на брегот на Прованса. Примитивните камени алатки пронајдени во Грот ду Валоне, во близина на Рокебрун-Кап-Мартин помеѓу Монако и Ментон, датираат од 1-1,5 милион години п.н.е. Пософистицирани камени алатки обработени од двете страни се пронајдени во пештерата Ескале на Св. Естев-Џансон, а датираат од 600.000 години п.н.е. Првите огништа пронајдени на Тера Амата во Ница датираат од 400.000 години п.н.е. Во пештера во Жарден Егзотик во Монако се пронајдени алатки од средниот палеолит ( 300.000 години п.н.е.) и од горниот палеолит ( 30.000 – 10.000 години п.н.е.).
Во Прованса, за време на палеолитскиот период се забележува климатска промена, со доаѓањето и заминувањето на две ледени доби и драматични промени на морското ниво. Во почетокот на палеолитскиот период, во западен Прованса, морското ниво било 150 метри повисоко од денешното. Кон крајот на палеолитот тоа опаднало 100 до 150 метри во споредба со ова денес. Пештерните живеалишта на првите жители на Прованса ги преплавило зголемувањето на морското ниво или ерозијата ги уништила. Со промените на морското ниво се забележале најзначајните откритија за постоење на луѓе во Прованса. Во 1985 година, нуркачот Хенри Коскер ја пронашол подморската пештера која се наоѓала 37 метри под површината на Каланк де Моржиу во близина на Марсеј. Влезот водел до пештерата над морското ниво. Внатре на ѕидовите на пештерата има цртежи од бизони, фоки, пингвини, коњи и отпечатоци од човечка рака кои датираат од 27.000-19.000 години п.н.е.
Кон крајот на палеолитот и почетокот на неолитот, морското ниво изнесувало како ова денес, а се забележало и затоплување на климата, но и исчезнување на шумите. Со исчезнувањето на шумите и елените, жителите на Прованса морале да преживуваат хранејќи се со зајаци, полжави и диви овци. Во околу 6000 година п.н.е. Кастелновијанците биле првите луѓе кои ги припитомиле дивите овци и ги спречиле постојаните преселби. Оттогаш тие се населите на едно место. Тие биле во можност да развиваат нови индустрии. Во околу 6000 година п.н.е инспирирани од увозната грнчарија од источниот Медитеран, тие ги создале првите глинени садови во Франција.
Околу 6000 година п.н.е., бран на нови доселеници од истокот, Часејците, пристигнале во Прованса. Тие биле фармери и воини кои постепено ги исселиле првите луѓе од нивните живеалишта. Друг бран на луѓе се заблежал во 2500 година п.н.е. исто така фармери, познати како Куронејци, кои дошле преку море и се населиле на островот, кој денес е познат департамент Устието на Рона. Траги од оваа рана цивилизација може да се забележат во многу делови на Прованса. Во 6000 година п.н.е во Марсеј, близу железничката станица Св. Чарлс е пронајдено неолитско место.
Лигурци и Келти
Во периодот од 10 до 4 век п.н.е. Лигурците живееле во Прованса, од Марсеј па сè до денешна Лигурија. За нивното потекло нема конкретни податоци. Тие можеби се потомци на домородните неолитски луѓе. Страбон изјавил дека тие немале келтско потекло, но не биле различна раса од Галите. Тие немале своја азбука. Местата во Прованса именувани на нивниот јазик завршуваат на наставките аск, оск, инк, атес и ауни. Географот Посидониос напиша за нив: „ Нивната земја е варварска и дива. Земјата не е ровка, затоа и не можеш да засадуваш ништо. Човекот недостатокот на жито го надокнадува со ловот... Тие се искачуваат на планините како кози. Тие биле воинствени. Тие во 4 век п.н.е. ја освоиле Италија сè до Рим. Денес, траги од Лигурците има во источен Прованса во долмените и праисториските камен споменици, во примитивните камени засолништа наречени „борис“ кои се наоѓаат во Луберон и Комтат и на камените резби во долината на чудата, која се наоѓа во близина на Мон Бего во Приморските Алпи на надморска височина од 2000 метри. Од 8 до 5 век п.н.е. келтски племиња од Средна Европа започнале да се доселуваат во Прованса. Тие имале жележни оружја со кои многу лесно се бранеле од локалните племиња , кои пак користеле бронзени оружја. Племето наречено Сегобрига биле населени близу денешен Марсеј. Племињата Катуриже, Трикастин, Каваре се населиле западно од реката Дуранс.
Келтите и Лигурците најверојатно ја делеле територијата на Прованса. Секое племе имало своја долина долж реката, свој крал и династија. Тие изградиле тврдини и населби, а подоцна им го дале латинското име опида. Денес во Вар има околу 165 вакви населби и тврдини, а 285 во Приморските Алпи. Во 5 и 4 век п.н.е. , некои племиња формирале конфедерации. Воконците формирале конфедерации од Изер до Воклиз, Каварите во Комтат и Салвен, од реката Рона сè до Вар. Племињата започнале трговија долж Рона со железо, сребро, алабастер, мермер, злато, смола, восок, мед и сирење. Подоцна Етрурците започнале со трговија на островот. Етрурски амфори од 7 и 6 век п.н.е. се пронајдени во Марсеј, Касис и тврдината во регионот.
Грци
Во 7 век п.н.е. на брегот во Прованса дошле трговци од Родос. Грнчаријата донесена од Родос може да се најде во Марсеј, во близина на Мартиг и Истре, но и на планините Гару и Евено во близината на Тулон. Трговците на градот му го дале античкото име Роданузија, а пак на денешна Рона античкото име Роданос.
Во 600 година п.н.е, грчки колонисти од Фокеја го освоиле Марсеј. Вториот бран на освојување бил во 540 година п.н.е. кога Персијците ја уништиле Фокеја.
Тогаш Марсеј бил еден од најголемите трговски пристаништа. Во 4 век п.н.е. имал популација од 6000 жители, кои живееле на површина од 50 хектари опколена со ѕид. Со Марсеј, како аристократска република, управувало собрание од 600 најбогати граѓани. На едниот крај од градот имало изградено храм во чест на Аполо од Делфи, а на другиот крај во чест на Артемис од Ефесус. Галите ги користеле монетите драчма, ковани во Марсеј. Трговците од Марсеј тргувале во Галија, Швајцарија, Бургунди па сè до север на Балтичкото Море. Тие извезувале сопствено производство: вино, свинско месо и риба, ароматични и лековити растенија, корали и корк.
Марсејците на брегот основале мали колонии и трговски места кои подоцна станале градови. Тие ги основале градовите: Цитариста, Торис, Олбиа, Пергантион, Какабариа, Атенополис, Антиполис, Никаја, Монокос, Гланом и Мастрабаија.
Најпознатиот граѓанин на Марсеј бил математичарот, астрономот и навигаторот Питеј. Тој ја воспоставил речиси точната географска ширина на Марсеј и прв го објаснил потеклото на плимата и осеката. Во периодот од 330 до 320 година п.н.е. организирал експедиција со брод во Атлантикот сè до северна Англија каде ги посетил Исланд , Шетланд и Норвешка. Иако се надевал дека ќе започне трговија со калај од Корнвол, не успеал. Марсејците повеќе заработувале од трговијата со Севверна Европа.
Римски период
Во 2 век п.н.е. Марсејците побарале помош од Рим против Лигурците. Римските легии трипати го нападнале Прованса. Во 181 година п.н.е. , Римјанити ги задушиле лигурските востанија во близина на Џенова. Во 154 година п.н.е. , Римскиот конзул Оптимус ги поразил Оксибил и Децијат , кои го напаѓале Антиб. Во 125 година п.н.е. , го задушиле востанието на здружените келтски племиња. По оваа битка Римјаните одлучиле трајно да се населат во Прованса. Во 122 година п.н.е. до градот Ентремонт, Римјаните изградиле нов град Aquae Sextiae, подоцна наречен Екс-ан-Прованса. Во 118 година п.н.е. ја основале Нарбона.
Во 102 година п.н.е. последниот сериозен отпор го направил римскиот генерал Гај Марије со поразот над Цимбрите и Теутонците. Потоа тој започнал да гради патишта со цел да ги олесни движењето и трговијата со Рим, Шпанија и Северна Европа. Едниот пат водел од брегот кон Апта и Тараскона, а другиот водел долж брегот на Италија до Шпанија, кој минувал низ Фрејус и Екс-ан-Прованса. Во 49 година п.н.е. Марсеј го избрал Помпеј за свој водач. За жал Помпеј бил поразен и Марсеј ги изгубил своите територии и своето политичко влијание. Во меѓувреме, римските ветерани населиле два нови града, Арл и Фрејус каде Грците порано живееле.
Во 8 век п.н.е. цар Август изградил триумфален споменик во Ла Турбиу со цел да оддаде почит за мирот во регионот. Тогаш започнало и покатоличувањето на Прованса на политички и културен план. Римски инженери и архитекти изградиле споменици, театри, бањи, вили, арени, аквадукти, некои од овие сè уште постојат. Римските градови биле изградени на Кавајон, Оранж, Арл, Фрежис, Гланум, Карпентра, Везо ла Романи, Ним, Вернегу, Сен Шама и Симиеажз.. Римската провинција Нарбонезис, со главен град Нарбо ( денешна Нарбона ) се простирала од Италија сè до Шпанија од Алпите до Пиринеите.
Мирот во Прованса траел сè до средината на 3 век. Во 257 и 275 година, германските племиња го нападнале Прованса. На почетокот на 4 век, римскиот цар Константин бил присилен да ја премести својата престолнина и да се засолни во Арл. Кон крајот на 5 век, римските сили во Прованса ослабнале, а започнале инвазиите, војните и хаосот.
Навлегувањето на христијанството во Прованса (3-6 век)
Постојат повеќе легенди за раното христијанство во Прованса кои сè уште не може да се потврдат. Се смета дека во 3 и 4 век во Прованса имало добро организирани цркви и бискупи. И тоа во римските градови Арл ( 254 година ), Марсеј, Оранж, Везон и Апт ( 314 година ), Кавејон, Дињ, Ембрун, Гап и Фрежис ( крај на 4 век ), Екс-ан-Прованса ( 408 година ), Карпентра, Авињон, Риез, Симиез и Венс ( 439 година ), Антиб ( 442 година ), Тулон ( 451 година ), Сенез ( 406 година ), Сент Пол- Троа-Шато ( 517 година ) и Гландеве ( 541 година ). Најстарата христијанска градба во Прованса, која датира уште од 5 век и која сè уште постои, е крстилницата на катедралата во Фрежис. Во 5 век биле изградени и првите два манастири, Леринс на остров близу Кан и Сент Виктор во Марсеј.
Германски инвазии, Меровинзи и Каролинзи (5 – 9 век)
На почетокот од втората половина на 5 век, со самото ослабување на римските сили, германските племиња навлегле во Прованса и тоа Визиготите во 480 година, потоа Остроготите и Бургундите, а во 6 век Франките. На почетокот на 7 век, од Северна Африка на брегот на Прованса се населиле арапски освојувачи и берберски пирати.
За време на овој хаотичен период, со Прованса управувале наследниците на Чарлс Мартел, кралеви од Меровиншката династија, потоа кралеви од Каролиншката династија, кои потоа станале дел од империјата на Шарлемањ ( 742-814 година ). Во 879 година, по смртта на владетелот на каролинзите Чарлс Келавиот, Босо се одделил од кралството на Каролинзите и станал првиот владетел на независен Прованса.
Грофовите на Прованса (9-13 век)
Во периодот на средниот век, со Прованса владееле три различни династии. Тогаш Прованса станал силен противник на каталонските владетели од Барселона, кралевите на Бургунди, германските владетели и анжевинските владетели на Франција.
Наследници на кралот на Прованса биле Босонидите. Синот на Босон, Луис Слепиот, го изгубил видот во обидот да го освои престолот на Италија. Потоа, неговиот братучед, Хју од Италија станал војводата на Прованса и грофот на Виена. Тој престолнината ја преместил во Арл, а Прованса станала феод на Рудолф II од Бургунди.