Магарево — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.

На почетокот на век, Магарево имало 2.400 жители и заедно со соседното Трново (со кое се скоро целосно споени) наликувале на паланка со околу 6.600 жители, во кој имало повеќе дуќани, пазарен ден и неколку текстилни мануфактурни работилници. И двете села биле иселени за време на Првата светска војна, а голем дел од куќите биле разрушени од бомбардирањето, бидејќи тука поминувала фронтовската линија.

Потекло и значење на името

За името на селото има легенда која зборува дека пред многу години, некој жител со своето магаре во кошеви носел разни трња, меѓутоа кошевите се превртиле и се истркалале и местото каде останало магарето го завикал Магарево, а местото каде се истркалале кошевите со трња го завикале Трново.

Според друго објаснување, Магарево произлегува од грчкиот збор „мегарово“ што значи „голема промаја“.

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во западниот дел на територијата на Општина Битола, чиј атар се издига дури до сртот на планината Баба. Селото е планинско, сместено на надморска височина од 1.040 метри, а од градот Битола е оддалечено околу девет километри.

До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2331, кој води до селото Нижеполе.

Магарево до Првата светска војна било едно од најпознатите села во околината на Битола. Се наоѓа во подножјето на Баба Планина, недалеку од стариот пат кој водел за Албанија. Во минатото, водата за пиење се добивала од чешми: Гунели, Марли, Џафка, Јака и Црква. Во атарот на селото има извори.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Арбури (Букве), Топили, Корија Нау (Нова Корија), Гропа Алтегу, Шопот Адомнул (Бегова Чешма), Падекрека, Шапту-Фунтељ (Седум Кладенци), Копањ, Шќех, Голема Ливада, Ѓатракушао (Карпесто Гнездо), Лаку-Њико (Мало Езеро), Лаку-Мари (Големо Езеро), Договско Бачило и Договска Шума.

Денес, селото е мало и се дели на две маала.

Историја

мини|300п|десно|Магарево пред Првата светска војна

Местото каде што се наоѓа Магарево било населено уште од старо време, па така Никола Вулиќ наведува дека тука постоела античка населба.

Прв пишан документ за Магарево потекнува од првата половина на век, кога селото имало словенско население. Меѓутоа, по доселувањето на Власите кон крајот на век, Словените се иселиле, а Магарево станало чисто влашко село. Се знае за следниве словенски иселеници од Магарево: во селото Пателница (Бугарија) живеат родовите Халачеви и Клвачеви, кои таму отишле околу 1770 година. Еден словенски род со 10 домаќинства во средината на век заминал во Тиквеш, додека словенскиот род Маленковци заминал во Охрид, а три словенски семејства во Стеблево (Голо Брдо).

За време на отоманскиот период, селото уживало своја автономија за што плаќале одредени давачки на султанот, а за возврат во Магарево не смеело да се доселуваат Турци. Магарево било заградено со голем ѕид, на кој имало влезни порти.

Доселените Власи на крајот од век биле од Москополе, од Грамос, северен Епир и од Биткуќ. По првите доселеници, во Магарево доаѓале и други влашки и албански православни семејства. Една група влашки родови се доселиле во век преку соседното село Ротино.

мини|300п|десно|Црквата „Св. Димитриј“ околу 1885 година

Околу 1900 година, како што наведува Јован Цвииќ, Трново и Магарево личеле на паланка во која имало 6.500 Власи и околу 40 албански муслимански семејства. Во тоа време жителите од Магарево и Трново ја имале решено својата инфраструктура, која се состоела во тоа да секоја куќа добива вода од пелистерските извори со воспоставување на земјени ќумци, спровеле канализација која одела во пелистерската река, направиле бразди за наводнување, бразди за одржување на чистотата и друго.

До Првата светска војна, во Магарево имало околу 500 главно влашки домаќинства со приближно 3.000 жители и селото било поделено на осум маала. Во средишниот дел на селото имало празен простор околу кој имало занатско-трговски работилници: 7 пекарници, 3 кафани, 6 бакалници и 7 работилници за изработка на гајтани. Во недела бил пазарен дел.

Мештаните на Магарево оделе на печалба, најчесто во Битола и во Египет. Сите занаетчии во Битола биле од Магарево, поради што еден дел од градот се нарекувал Влашка чаршија. Некои магаревски Власи биле сточари со доста стока, која летно време ја чувале во бачила на Пелистер, додека зиме ја носеле во Грција. Со помош на печалбарството и сточарството, многу магаревски Власи биле богати.

Жителите кои се занимавале со сточарство, од пелистерските пасишта, до Трново имале спроведено млековод од земјено-глинени ќумци низ кои течело млекото кое сточарите го пуштале за правење на кашкавал, сирење и други млечни производи.

Во Првата светска војна, над Магарево се наоѓала линијата на Солунскиот фронт. Тогаш, Бугарите ги интернирале скоро сите жители, а француската артилерија ги срушила селските куќи. По рушењето и променетите печалбарско-сточарски услови, многу мештани по војната се иселиле од Магарево, најмногу во Лерин, Солун и Битола. Во селото долго време имало огромен број на срушени куќи.

Од Магарево водат потекло и браќата Константин и Димитар Миладинови. Нивниот дедо Данаил, браќата Миладиновци ги пратил да се школуваат во Јанина, стипендирани од жителите на Магарево, кои откако го завршиле школувањето, учителствувале во Магарево и Трново, предавајќи на влашки јазик.

Во 1835 година била подигната големата црква „Св. Димитриј“, која по габарит и димензии е слична со црквата „Св. Димитриј“ во Битола и црквата „Св. Димитриј“ во Солун. Главен дарител и организатор за донирање на средства за изградбата на црквата бил мештанинот Димитриј Бишта.

Во 1871 година бил подигнат и манастирот „Св. Ѓорѓи“, во непосредна близина на црквата „Св. Димитриј“. За неговата изградба голем придонел дал внукот на Димитриј Бишта, Петро Бишта.

Вкупно 2 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.

Стопанство

Атарот на селото зафаќа простор од 16,1 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 609 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 254 хектари, а на пасиштата 201 хектар.

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Магарево живееле 2.400 жители, сите Власи.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 239.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Магарево се води како чисто влашко село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 328 куќи.

Според статистиката на егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Магарево имало 2.160 Власи и во селото функционираат две грчки и едно влашко училиште.Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 166 – 167.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 50 Македонци и 100 Власи.

Магарево е мало село, коешто во 1961 година имало 159 жители, а во 1994 година 90 жители, од кои 74 биле Македонци, 9 Власи и шест останати.

Според пописот од 2002 селото броело 87 жители, од кои 62 Македонци, 24 Власи и 1 останат.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 81 жител, од кои 60 Македонци, 16 Власи, 2 останати и 3 лица без податоци.

Родови

Денес, Магарево е влашко-македонско село, иако во минатото било чисто влашко село со Власи доселени во век, главно од разрушениот град Москополе, кој се наоѓал во Албанија, и од Грамошта во Епир.

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1951 година, родови во селото: Влашки родови: Кица (1 к.), Кота (1 к.), Пане (1 к.), Гого (1 к.), Зога (1 к.), Нашко (1 к.), Атанас (1 к.), Тахула (1 к.), Биче (1 к.), Штерјо (1 к.), Дафин (1 к.), Кара Бола (1 к.) и Чело (1 к.), припаѓаат на групата влашки родови кои се доселени од Москополе; Копран (1 к.) и Јана (1 к.), доселени се во турско, од селото Нижеполе, таму имаат роднини Копран (3 к.), подалечно потекло од Москополе; Јана (1 к.), доселени се исто така од Нижеполе, подалечно потекло од Фраша во Албанија; Петре (1 к.), потекнуваат од православни Албанци, мешајќи се со Власите го примиле влашкиот јазик; Михајловци (1 к.), некое време живееле во Србија, по потекло се Каракачани; Циле (1 к.), од Магарево прешле во Рожден во Мариово, а 1950 се вратиле во селото. Македонски родови: Ставревци (1 к.), доселени се 1900 од Кажани; Штерјовци (4 к.), Трпчевци (2 к.), Субашовци (2 к.) и Наневци (1 к.), доселени се 1904 година од Ротино. Истата година, нив им биле запалени куќите во старото село од страна на бугарски комити.

Иселеништво

Покрај иселувањето на постарите македонски иселеници, се знае и за иселувањето на денешните влашки родови. Така, од родот Гога по едно семејство има во Битола и Романија. Од родот Зога едно семејство се иселило во Лерин. Во Битола има семејства од следните родови: Мани (3 к.), Петре (2 к.), Тахула (1 к.), Биче (1 к.), Кица (1 к.), Кара Бола (1 к.) и Чело (1 к.). Сосема се иселени следните влашки родови: Шупила, Малто, Чанти, Ќаји, Топал, Туфо Никола, Папа Никола, Папа Деду, Бољари (овие живеат во Битола и САД), Договци, Ќеленовци, Деандровци (од нив потекнува Тома Деандру лекар во Скопје). Од родот Топаловци потекнува познат математичар во Солун. Влашки иселеници има на уште многу места и во Србија и Босна, во Модриќ.

Во Втората светска војна, Магарево е зафатено со интензивен процес на иселување во Битола и во други градови на поранешна Југославија, како и во странство (300 жители).

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Магарево било село во Битолската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Битола.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото најпрвин било дел од тогашната општина Дихово.

Во периодот 1952-1955, селото било исто така дел од тогашната општина Дихово, во која покрај селото Магарево се наоѓале селата Братин Дол, Брусник, Дихово, Лавци, Нижеполе, Снегово и Трново. Во периодот 1950-1952, исто така постоела Општина Дихово, во која влегувале селата Братин Дол, Дихово, Магарево, Нижеполе и Трново.

Избирачко место

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0131 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во селото Трново.

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 321 гласач.

Културни и природни знаменитости

Цркви Црква „Св. Димитриј“ — главна селска црква; и Црква „Св. Ѓорѓи“ — манастирска црква.

Во селото се врши изградба на нова црква сместена на црковно земјиште помеѓу атарите на Магарево и Трново, која според достапните податоци нема име.

Манастири Магаревски манастир — поранешен манастир во близина на селото, од кој денес е останата само црквата „Св. Ѓорѓи“.

Природни реткости Чинар — најстариот чинар во дворот на црквата „Св. Димитриј“ е прогласен за природна реткост во 1983 година

Редовни настани

Слави Ѓурѓовден — селска и црковна слава; и Митровден — селска и црковна слава.

Личности

Родени во или по потекло од Магарево Димитриос Цапанос (1883-) — грчки револуционер, деец на грчката вооружена пропаганда во Македонија; Михаил Сапкас (1876-1956) — грчки револуционер; Димитриос Стергиос Лалас (1848-1911) — грчки пијанист и композитор од XIX – XX век; Лефка Георгиева (1909-) — учесник во НОВ на Македонија Ангелина Никола Кочинска (1900-1970) — учесник во НОВ на Македонија, активистка во женското движење

Поврзано Општина Битола Пелагонија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Битолски села Категорија:Села во Општина Битола