Ова е статија за градот, за општината видете Општина Струмица. Струмица — град во југоисточна Македонија. Според пописот од 2021 година има 33.825 жители и според тоа е деветти град во државата по број на население. Се наоѓа во Струмичкото Поле, на падините на рид на кое е сместена древната населба и тврдина позната како Цареви Кули. Градот е седиште на истоимената општина. Тој е и административен центар на Југоисточниот плански регион и негов најголем град.

Кон градот гравитираат 70 села од општините Босилово, Василево, Ново Село и Струмица во струмичкиот крај, како и население од околните краишта. Градот се наоѓа на околу 30 км од граничниот премин „Ново Село“ кон Бугарија, на околу 40 км од ГП „Стар Дојран“ кон Грција и на околу 50 км од ГП „Богородица“ кон Грција.

Историја

Антички период Потврда дека струмичкиот крај бил густо населен уште во античко време е постоењето на неолитската населба „Страната“ кај селото Ангелци. Ова археолошко наоѓалиште нуди нови сознанија за доцниот неолит бидејќи населбата датира од околу 4500-тата до 3800-тата година п.н.е. За ова до скоро се знаело дека постои само во брегалничкиот и овчеполскиот регион. Најновите наоди кај Струмица ја потврдуваат и тезата за постоењето на неолитска сообраќајница од брегот на Егејското Море до централниот дел на Балканот.

Откриените фрагменти од керамички садови, вообичаена неолитска пластика, лепеж од куќи, култни предмети и слично укажуваат на фактот дека овде постоело грнчарство на завидно ниво, а откопаните алати (мотики, секири, длета) и женски фигури како симбол на плодноста, укажуваат дека тука живеела земјоделско-сточарска популација.

Под името Астрајон, градот за првпат во пишаните извори се среќава кај римскиот историчар Тит Ливиј, во 181 година пред новата ера, во врска со убиството на Деметриј, братот на македонскиот крал Персеј (179-168 п.н.е.), односно синот на Филип V (221-179). Името Астрајон градот го добил по пајонското племе Астраи. Во 168 година п.н.е. Македонија паднала под римски протекторат и била поделена на четири мериди, а Астрајон припаднал на втората мерида. Во 148 година п.н.е. Македонија станала римска провинција. Во римскиот период градот го променил своето име во Тивериопол, за што ни сведочи мермерниот постамент, посветен на патронот Тибериј Клавдиј Менон, од крајот на 2 век и почетокот на 3 век. Во времето на римскиот цар Јулијан Отпадник (361-363) во Тивериопол биле убиени Светите Петнаесет тивериополски свештеномаченици.

Во 395 година Римското Царство се распаднало, а Македонија припаднала на Источното Римско Царство. Потоа Тивериопол се наоѓал во составот на провинцијата Macedonia Salutaris (кон крајот на 4 век) и провинцијата Macedonia Secunda (кон крајот на 5 век). За постоењето на градската населба од тој период сведочи доцноантичката урбана палата – Мачук. Градот Струмица, заедно со својата најблиска околина, поволните географско-климатски одлики, и богатото Струмичко Поле, отсекогаш претставувал важен крстопат на патиштата на разни култури и цивилизации кои го оставиле својот белег на оваа почва. Следејќи ги материјалните остатоци, создавани во разни историски епохи, почнувајќи од праисторијата, преку антиката, византиско-словенскиот, турскиот период и така натаму, Струмица е еден од ретките градови со напластено богатство на споменици.

Византиско-словенски период

Во првата половина на 6 век, по долините на реките Струма и Струмица се населиле Струмјаните. Во „Житието на тивериополските маченици“ стои дека „еден варварски народ... навлегол во тивериополските земји, опустошил многу градови, па и самиот Тивериопол, а од неговите жители едни со меч ги истепал, други заробил, а убавите згради и храмови ги срамнил со земјата“.

Со преселбата на Словените, која се одвивала во периодот од осумдесеттите години на 6-от век до триесеттите години на 7-от век, градот доживеал големи разурнувања. На овие простори се населило словенското племе Струмјани, кое го добило своето име по реката Стримон, која тие ја преименувале во Струма. Склавинијата на Струмјаните егзистирала како независно словенско кнежевство определен период, додека не биде завладеана од Византија. Во периодот од 845 до 855 година како византиски воен управник во брегалничко-струмичкиот крај бил Методиј (825-885).

Струмичката област потоа била завладеана од бугарскиот владетел Борис I (852-889). Во 893 година Климент според Диканжовиот список (од 12 век) бил поставен за „епископ на Тивериопол или Велика“. Струмичкиот регион останал во бугарската држава сѐ до 969 година кога избило првото востание на комитопулите (Самуил, Арон, Мојсеј и Давид) и ќе влезе во Самуиловата држава (976-1018).

На 29 јули 1014 година, на овие простори се одиграла Беласичката битка, во која македонската војска предводена од царот Самуил (976-1014) била поразена од Византијците на чие чело бил Василиј II (976-1025). По битката биле ослепени 15.000 македонски војници, како одмазда на Василиј II за смртта на командантот Теофилакт Вотанијат, кој бил убиен од синот на царот Самуил, Гаврил Радомир (1014-1015). Во 1018 година Македонија била завладеана од Византија. По 1018 година, струмичкиот крај повторно паднал под византиска власт, под која ќе остане до пред крајот на 12 век. Византија својата власт ја зацврстила преку црквата која била претворена во орудие на византиската држава. Струмичката епархија во рамките на Охридската архиепископија била ставена во службата на Цариградската патријаршија. Од тоа време, карактеристично е тоа што многу имоти од струмичко, меѓу кои и Вељушкиот манастир, му биле подарени на светогорскиот манастир Иверион.

Од 11 век за првпат во пишаните извори (Асеманово евангелие) градот почнува да се именува со Струмица. Кон крајот на 12 век, централната власт на Византија ослабела, па како резултат на тоа дошло до осамостојување на повеќе независни феудалци. Во струмичкиот крај се осамостоиле Добромир Хрс (1185-1202), а потоа и Севастокрар Стрез (1208-1214), но нивните владеења биле ликвидирани од Византијците. Кон крајот на 13 век започнале српските напади на Македонија. Определен период со Струмица и регионот владеел Хреља, за да во 1334 година српскиот крал Стефан Душан (1331-1355) ја освои Струмица. По распаѓањето на душановото царство, струмичкиот регион бил управуван првин од Јован Углеша, братот на Волкашин, а по неговата смрт во 1371 година во Битката кај Марица, со овој регион ќе загосподарат браќата Дејановиќи. Нивното владеење било со краток век, бидејќи Турците во својот продор на Балканот ја завладеале и Струмица во 1382-1383 година со што завршува средниот век во овие краишта.

Османлискиот период мини|лево|Старата турска пошта во Струмица Во периодот од 1382-1383 па сѐ до 1395 година, Струмица и струмичко потполно потпаднале под власта на Турците. Струмица во османлискиот период во турската администрација била нарекувана Уструмџе. Таа била приклучена кон Ќустендилскиот санџак каде бил воспоставен спахиско-тимарски систем. Во градот било населено номадско-сточарско туркменско население, така што градот го сменил својот лик и започнал да добива ориентален изглед. Струмица според пописот од 1519 година имала 2780 жители, од кои 1450 христијани, а 1330 муслимани. Во тој период се одвивала и засилена исламизација на што се должи зголемениот број на муслимани, 2200, на пописот од 1570 година, наспроти 1230 христијани.

Во 17 век, Струмица станала седиште на кадилук. Во тоа време во Струмица поминале и турските патописци Хаџи Калфа (1665) и Евлија Челебија (1670), кои дале јасен опис на градот со сите муслимански објекти, кои ги имало во Струмица тогаш. Кон крајот на XVIII век и почетокот на XIX век, Струмичката Каза била во составот на Солунскиот Санџак.

Во XIX век зајакнало патријаршиското движење и гркоманското население зело замав. Тоа довело до силно антипатријаршиско движење во 60-тите години на 19 век. Во 1860 година во Робово било отворено првото училиште на македонски јазик, а прв учител бил Арсени Костенцев од Штип.

Во тој период твореле и големите струмички зографи Васил Ѓорѓиев и Григориј Пецанов, кои работеле на живописот и иконостасите на повеќе цркви, кои тогаш се отворале во струмичко.

Со Берлинскиот конгрес од 1878 година, кога Турција изгубила голем дел од своите владеења на Балканот (Босна, Србија, Црна Гора и Бугарија), голем број бегалци се слеале во Македонија, а дел од нив и во Струмица. Тоа население се нарекува мухаџири.

Сè потешката ситуација на македонското население под турската власт, придонела да се формира Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) на 23 октомври 1893 година во Солун. Првиот човек кој ги прифатил идеите на ВМРО во струмичкиот регион бил Стојан Ѓорѓиев од Дабиле, кој во 1895 година го формирал и првиот месен комитет во Струмица. Во овие краишта бил формиран и дејствувал Огражденскиот окружен македонско-одрински револуционерен комитет. Еден од најистакнатите раководители на револуционерната организација бил Христо Чернопеев, кој учествувал и во Младотурската револуција (1908-1909), која не завршила со ослободување на македонскиот народ кој останал под турско владеење.мини|Општинската зграда во Струмица, на разгледница од 1930-те г. Струмица во век мини|Разгледница од Струмица, хотел „Српски краљ“, 1932 г. мини|Пречек на бугарската војска во Струмица, април 1941 г. мини|Плоштадот „Гоце Делчев“ во центарот на Струмица Со Првата балканска војна од 1912 година, Турците биле победени и истерани од Македонија, а со тоа и од Струмица, од страна на балканските сојузници (Србија, Бугарија, Грција и Црна Гора). Со Струмица завладеала Бугарија.

Во текот на летото 1913 година, Струмица и околината доживеале уште една втора по ред краткотрајна, но вандалска и жестока окупација од страна на грчките окупатори. На 25 јуни, само девет дена од избувнувањето на Втората балканска војна, грчките војски ги разбиле бугарските позиции јужно од градот, и утредента влегле во Струмица. На 8 август, грчките војски ја запалиле Струмица, а пожарите стивнале дури на 15-ти истиот месец. Биле изгорени 1.900 јавни установи, цркви, куќи, дуќани, кафеани како и единствената синагога. Целосно или делумно Грците ги запалиле и селата Костурино, Раборци, Попчево, Зубово и Чам Чифлик, кое повеќе никогаш не се обновило. При своето заминување на 17 август, Грците го запалиле и манастирот во Вељуса, чии конаци, а делумно и црквата, исто така изгореле.

За време на Втората балканска војна и Првата светска војна, поради силниот грчки притисок од Егејска Македонија, кон север избегале големи маси македонско население, а добар дел од нив се населил и во струмичкиот крај. Тоа биле бегалци, наречени „бежанци“, главно од Кукуш, Горно Порој како и од солунско. Тие се населиле главно во напуштените турски населби. Според еден податок, во 1921 година само во градот имало 2.700 бежанци. Со тоа многу се изменил и етничкиот состав на населението во градот особено по бегањето на Турците кога бројот на населението значително се намалил. Денеска сѐ уште постои т.н. Бежанско маало.

мини|200п|лево|Главната улица, бул. „Маршал Тито“ со трговскиот центар „Глобал“ на местото на некогашниот градски пазар

Струмица со мировниот договор од Букурешт (28.07.1913), сепак останала под власт на Бугарија. Под бугарска власт Струмица останала сè до 1919 година, кога со мировниот договор од Версај, со кој е завршена Првата светска војна, влегла во составот на Кралството СХС (од 1929 година Кралство Југославија). Во тоа кралство, македонскиот народ бил без никакви права и бил подложен на асимилација од Србија.