Теново (понекогаш се сретнува и како Теноо) — село во Општина Брвеница, во областа Горен Полог, во околината на градот Тетово.
Потекло и значење на селото
Името на селото како Тахново првпат е споменато во документи од век (1568-69 г.), додека понатаму се споменува и како Тенево и Теново. Името на селото се поврзува со личното име Те(х)но или пак Теохар.
Географија и местоположба
лево|300п|мини|Поглед на сретселото со главната селска црква „Св. Никола“ и старата џамија
Селото се наоѓа во областа Долен Полог, во западниот дел на територијата на Општина Брвеница. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 475 метри. Од градот Тетово, селото е оддалечено 20 километри. Селото се наоѓа меѓу селата Радиовце и Стенче.
До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2233 по одминувањето на селото Радиовце.
Селото се наоѓа на источниот раб од Полошката Котлина, под огранката Горица на Сува Гора. Близу Теново од неговата западна страна минува реката Вардар. Поради оваа местоположба, мештаните ги користат обработливите површини на запад во котлината за земјоделство и пасиштата на исток за сточарство.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Лопатке, Ваденце, Дупки, Плоча и Габер.
Селото има збиен тип и е поделено на маала, кои се поредени едно до друго.
Историја
Теново е старо село. Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Нахијата Калканделен (Nahiye-I Kalkandelen) и имало 49 семејства, 2 неженети и 3 вдовици, сите христијани.Турски документи за историјата на македонскиот народ кн. 4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје, 1971, стр. 47 Подоцна, повторно е споменато во турски документи од 1568-69 година, како и од 1595 година.
Старото село се наоѓало во самата котлина, лево од реката Вардар, во близина на денешниот пат Тетово-Гостивар. Тоа место денес се нарекува Ваденце. Во тоа некогашно село доаѓале разни зулумџии, поради што мештаните се преместиле на денешната положба. На местото каде денес се наоѓа селото порано биле сточарски колиби.
На атарот на селото се наоѓаат рушевини од една црква и еден манастир. Манастирот бил посветен на Света Недела. Православните мештани оделе двапати годишно на местото каде некогаш се наоѓал манастирот и палеле свеќи. Порано, околу манастирските руини мештаните врзувале платно и се причестувале. Денес, овој манастир е обновен.
Во 1850-тите, селото имало околу 16 куќи. Оттогаш селото растело по пат на природен прираст и доселувања.
Стопанство
мини|300п|десно|Сретселото
Атарот на селото зафаќа простор од 5,3 километри квадратни. На него преовладуваат обработливите површини со 358 хектари, додека на шумите отпаѓаат 128 хектари.
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото има услужни објекти.
Население
Следува табела со хронолошки преглед на населението на Теново:
Година 1453 1468 1900 1905 1929 Жители 31 семејство 51 семејство 320 жителиВасил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900. 144 Македонци и ? АлбанциD.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.122-123. 455 жителиАфанасий Селищев. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр.24.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Теново живееле 305 жители, од кои 170 Македонци и 135 Албанци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.212.
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Теново имало 144 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.122-123.
Според Афанасиј Селишчев во 1929 година Теново било дел од Стенчевска општина во Долнополошкиот срез и имало 75 куќи со 455 жители Македонци и Албанци.Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. – София, 1929, стр.24.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 200 Македонци и 300 Албанци.
Селото е големо, коешто во 1961 година броело 1.081 жител, од кои 730 биле Албанци, а 234 жители биле Македонци. Во 1994 година, бројот се зголемил на 1.469 жители, од кои 1.209 биле Албанци, а 258 жители Македонци.
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Теново, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.
Според пописот од 2002 година, селото имало 1.602 жители, од кои 210 Македонци, 1.391 Албанец и 1 останат.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.175 жители, од кои 189 Македонци, 963 Албанци и 23 лица без податоци.
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Теново:
Година Македонци Албанци Турци Срби Вкупно1948——————83019532945782611—9001961324730—225—1.08119712809259111—1.22619812581.0954267—1.42619912614—12—26819942581.20911——1.46920022101.391——1—1.6022021189963———231.175 * Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години Родови
Теново е мешано македонско-албанско село, македонските родови во селото се староседелски и доселенички, додека албанските родови сите се доселенички.
Според истражувањата од 1940 година, родови во селото се: Македонски родови: Староседелци: Ѓоргијовци (7 к.), Новаковци (3 к.), Влкановци (5 к.), Атлевци (4 к.), Јоановци (2 к.) и Митревци (3 к.). Нивните предци живееле во старото село, па од таму дошле во денешното село. Доселеници: Дошлаковци или Николовци (4 к.), доселени се од соседното село Милетино. И во Милетино се доселиле од некое друго полошко село; Ристевци (1 к.), доселени се од денешното албанско село Градец; Ѓуревци (3 к.), доселени се од некое село во Охридско; Војновци (4 к.), доселени се од раселеното село Смрдеш на Сува Гора; Терзијевци (3 к.), доселени се од некое село во Охридско; Даниловци (1 к.), овде се доселил основачот на родот Рафе во 1880-тите. Тој дошол како домазет од селото Железна Река; Чарлевци (4 к.), доселени се од некаде. Некои мислат дека се од некое албанско село во Скопски Дервен и Бацој (1 к.), доселени се од селото Милетино, таму имале роднини. Подалечно потекло имаат од денешното албанско село Горна Лешница. Албански родови: Доселеници: Рамовци (5 к.), доселени се од некое село во околината на Пешкопеја. Во Теново дошле во средината на век и биле први албански доселеници; Вајитовци (1 к.), доселени се од селото Гургурница, таму се доселени од селото Рибница, Горна Река. Во Гургурница дошле во првата половина на век, каде имаат роднини; Рустемовци (10 к.), доселени се од некое село во Кичевија, таму се доселени од Северна Албанија; Мифтаровци (3 к.), и тие се доселени од некое село во Кичевија, можеби Гарани (?). Таму се доселени од Северна Албанија; Куковци (10 к.), доселени се од Кичево. Возможно е да потекнуват од Торбеши. Имаат едно иселено семејство во Горно Седларце; Емруловци (2 к.), доселени се од Северна Албанија. Имаат иселеници во Жеровјане; Јашаровци (1 к.), доселени се од селото Зајас, Кичевија, подалечно потекло од Северна Албанија; Ајрединовци (1 к.), доселени се од Челопек од предок кој бил домазет; Садиковци (7 к.), и тие се доселени од Зајас, подалечно потекло од Северна Албанија; Локовци (16 к.), доселени се од некое село кај Пешкопеја и Фетаовци (1 к.), доселени се од Зајас, подалечно потекло од Северна Албанија. Од Зајас побегнале поради крвна одмазда.
Иселеништво
Во 1940 година се знаело за следните иселени македонски родови: Илиевци (1 к.), отишле во Сараќино во 1915 година, а во Теново биле староседелци. Од Сараќино две нивни семејства се иселиле во Тетово; Младен (1 к.), отишол во Стенче како домазет.
Во поново време се забележува значително иселување од селото.
Општествени установи
мини|300п|десно|Поглед на основното училиште
ПУ „Гоце Делчев“ - Теново - подрачно основно училиште за ученици од прво до петто одделение во состав на ОУ „Гоце Делчев“ - Стенче Поранешна здравствена амбуланта
Самоуправа и политика
Во век, Теново било село во Тетовската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Брвеница, која била една од ретките општини во Македонија која останала непроменета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од општината Брвеница.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Жеровјане во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Горно Седларце, во која покрај селото Теново, се наоѓале селата Боговиње, Горно Седларце, Жеровјане, Камењане, Радиовце, Раковец, Селце Кеч и Синичане. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Радиовце, во која влегувале селата Жеровјане, Радиовце и Теново.
Избирачко место
Во селото постојат избирачките места бр. 2047 и 2048 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.612 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.587 гласачи.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Воденце — населба од доцноантичко време; и Кастел — населба и некропола од доцноантичко време.
Цркви Црква „Св. Никола“ — главна селска црква; и Црква „Св. Недела“ — манастирска црква.
Манастири Теновски манастир — возобновен манастир
Џамии Стара џамија — стара селска џамија; и Нова џамија — нова селска џамија.
Редовни настани
Света Недела — манастирска слава, кога се собираат мештаните на панаѓур.06.04.2008 - Празникот Света Недела прославен во Теново -Репортажа на Телевизија KISS Водици — чествувањето на Богојавление во Теново започнува од празникот Водокрст, кога кумот во својот дом го врзува крстот со црвена врвца и го носи кај локалниот свештеник на осветување. Обичаите продолжуваат и на самиот празник Водици во селската црква „Св. Никола“ кога верниците пречекани со пригодни богојавленски песни го бакнуваат и го даруваат осветениот крст. Дел од обичаите се и лицитирање или дарување на јаболката, кои се собрани во текот на претходниот ден како одврзувањето на крстот.19.01.2008 - Со фрлањето на осветениот крст во водите на реката Вардар и во Теново традиционално одбележан празникот -Репортажа на Телевизија KISS
Личности
Родени во или по потекло од Теново Рефет Елмази (р. 1959) - македонски политичар од ДПА, поранешен заменик министер за внатрешни работи и функционер во Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање; и Фикри Елмази (1969-2002) — македонски бранител.
Галерија
Поврзано Општина Брвеница Долен Полог
Наводи
Забелешки
Надворешни врски
Семејството Мицевски се враќа од Австралија за да почне бизнис - Статија на Утрински весник за теновски повратник од Австралија
Категорија:Села во Македонија Категорија:Тетовски села Категорија:Села во Општина Брвеница