Равен — село во Општина Гостивар, во областа Горен Полог, во околината на градот Гостивар.

Потекло и значење на името

мини|300п|лево|Поглед на селото и градот Гостивар во далечина

Името на селото првпат е забележано во век (1568-69 г.) како Равне. Самото име означува „дол или рид“, или пак рамнина, рамно место.

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во средишниот дел на територијата на Општина Гостивар, во горното сливно подрачје на реката Вардар, недалеку од самиот град Гостивар на југозапад. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 680 метри. Од градот Гостивар, селото е оддалечено околу пет километри.

Селото се наоѓа во изворишниот дел на Вардар, во долината на Равешница (Равенска Река) од Шар Планина. Водата за пиење до 1948 година доаѓала од бунари (околу 50), а околу Равен се наоѓаат и изворите Цурел, Крој Фтовт, Крој Балес и Крој Реџепит.

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Стара Корија (порано Пашина Корија), Осојница, Каља, Раса, Шпешак, Подорница, Роѓа, Сеграде, Ливаде Ре, Браненица, Локва, Сред Реки, Меани и Завој.

До 1941 година, селото било од збиен тип, но по поплавата на Равенска Река во која биле срушени околу 20 куќи, селаните ги обновиле своите куќи поблиску до реката Вардар. Во 1948 година, селото се делело на три маала: Маала Епр, Маала Медисме и Маала Ре (Ново Маало).

Историја

Половина километар северозападно од селото се наоѓа Равенското кале, каде се наоѓаат остатоци од некогашно утврдување. Може да се видат остатоци од ѕидини (камен, цигли и вар). Селаните говорат дека во утврдувањето постоел канал, кој служел како скривница. Во подножјето на утврдувањето се познаваат плочи од гробови и остатоци од згради, што говори дека околу калето имало населба.

Равен претставува старо село, кое во пишаните извори се сретнува во век. Првично селото било населено со православно македонско население, а во првата половина на век, старите жители се иселиле од селото кога тука дошле да живеат муслимански Албанци. Ова старо село се верува дека е настанато така што печковчани кои биле константно ограбувани, се преселиле во нивите под селото, кои ги нарекле Равен. Не се знае за сите иселени македонски родови, но има записи за Трипун, Доне, Павле и Никола. Трипун имал ан во селото и се иселил во Печково, но неговите потомци не се зачувани во селото, Доне има ниви покрај Вардар, Павле до почетокот на век живеел во Лешница, но сега е преселен на друго место и Никола, кој бил последен македонски жител на селото. Во селото Лешница порано живееле и други Македонци по потекло од Равен.

Во минатото, селото припаѓало на некој манастир. Полето покрај селото се нарекувало Раваница. Кон крајот на век, Равен станало чифлиг на албанското семејство Дерала. На почетокот на век, сопствениците на чифлигот викнале муслимански Албанци од Албанија да се населат во Равен. Околу средината на тој век, половина од земјиштето веќе припаѓало на тие Албанци. Топонимот Пашина Корија говори за споменот на времето кога селото било чифлиг.

Додека во селото живеело православно македонско население, во него имало две цркви и гробишта. Едната црква се наоѓала на левиот брег на Равенска Река, чија месност денес се вика Киша и има ниви и овоштарници со костени. Покрај ова црквиште до 1948 година се познавале многубројни крстови на гробовите. Другата црква во селото се наоѓала на десниот брег на реката на просторот помеѓу денешното школо и месната заедница. Тоа место денес не се користи.

мини|300п|десно|На сретселото се наоѓа хидроцентралата „Равен“, една од трите на ХС „Маврово“

Поради учеството на равенските Албанци во побуната од 1914 година, српската војска запалила околу 30 куќи.

Во текот на НОБ забележана била епизода при која селаните на Равен ги носеле на раце партизаните Македонци и Албанци, извикувајќи: „Да живее братството на Македонците и Албанците“.„Соопштение за акциите и борбите на одредите од првата оперативна зона“ , „Македонска нација“, 19.07.2017.

Стопанство

Атарот на селото е мал и зафаќа простор од 4,3 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 229 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 122 хектари, а на пасиштата само 47 хектари.

Врз основа на составот на атарот селото Равен има полјоделска функција. Во селото работат услужни објекти.

Во селото работи хидроцентралата „Равен“, дел од хидросистемот „Маврово“.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Равен живееле 200 жители, Албанци муслимани.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1902, стр. 213.

Според Афанасиј Селишчев во 1929 година, Равен е село во Вруточката општина во Горнополошкиот срез и има 71 куќа со 389 жители.Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр. 25.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 450 Албанци.

Равен е големо село, коешто во 1961 година броело 923 жители, од кои 884 биле Албанци, а 25 Македонци. Во 1994 година, бројот се зголемил на 1.507 жители и селото е населено со албанско население.

Пописот од 1991 година не бил воопшто одржан во селото Падалиште, бидејќи целото негово население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема податоци.

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 1.615 жители, од кои 2 Македонци, 1.611 Албанци, 1 Србин и 1 останат.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.116 жители, од кои 2 Македонци, 1.077 Албанци, 1 Турчин, 2 останати и 33 лица без податоци.

Родови

Равен е албанско село и во него живее еден исламизиран и албанизиран македонски род и муслимански албански родови. Сите говорат албански јазик.

Според истражувањата од 1948 година, родови во селото се: Исламизирани и албанизирани македонски родови: Доне (24 к.), староседелци. Од православие во ислам прешле на почетокот од XIX век. Некој нивни предок се викал Тозе (Светозар). П. Јовановиќ запишал дека потекнуваат од областа Мат во Албанија. Муслимански албански родови: Матњан (32 к.), доселени се од областа Матија во северна Албанија, по која го добиле и името. Дошле тројца браќа Сулејман, Авмет и Осман на почетокот на век. Се знае следниов родослов Демир (жив 60 години во 1948 година)-Даут-Демир-Џафер-Осман, еден од браќата. Тие првин се населиле во некое село околу Тетово, но подоцна дошле тука; Реч (14 к.), доселени се од селото Реч во Љума, северна Албанија, по кое го добиле и името. И тие како Матњан најпрвин биле во некое село околу Тетово, па заедно со нив дошле во Равен; Љуше (20 к.), доселени се од областа Матија во северна Албанија, името го добиле по некое село во Матија. И тие дошле најпрвин во некое тетовско село; Креа (12 к.), по потекло се од истоименото село во Матија во северна Албанија. Временски се населиле како и другите родови, како и начинот; и Смоч (2 к.), доселени се од северна Албанија. Временски се населиле како другите родови, како и движењето.

Иселеништво

Од родот Смоч постојат огранки во Падалиште и во Скопски Дервен.

Според последниот попис, особено е забележливо иселувањето на албанското население.

Општествени установи

Основно училиште „Лирија“, подрачно основно училиште во состав на ОУ „Лирија“ - Вруток Месна заедница

Самоуправа и политика

Кон крајот на век, Равен било село во Гостиварската нахија на Тетовската Каза на Отоманското Царство.

Селото се наоѓа во рамките на Општина Гостивар, која била значително проширена со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно, во периодот 1996-2004 година, селото било дел од Општина Вруток.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Вруток, во која покрај Равен се наоѓале Вруток, Дуф, Ново Село, Орќуше, Печково и Речане. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од тогашната општина Вруток во која влегувале селата Вруток, Мердита, Печково и Равен.

Избирачко место

Во селото постојат избирачките места бр. 0527, 0527/1 и 0530 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на месната заедница.

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.642 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.682 гласачи.

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта Равенско кале — населба и некропола од доцната антика и срендиот век, прогласена за културно наследство на Македонија

Цркви Во минатото во селото постоеле две цркви со гробишта.

Џамии Стара џамија — стара џамија од културно-историско значење прогласена за културно наследство на Македонија; и Нова џамија — нова џамија во долниот дел од селото.

Реки Вардар — најголемата македонска река поминува низ селото

Личности

Родени во или по потекло од Равен Азем Зулфиќари (р. 1925) — македонски политичар и општественик

Галерија

Поврзано Општина Гостивар Гостивар Горен Полог

Наводи

Забелешки

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Гостиварски села Категорија:Села во Општина Гостивар