Велмеј — село на Општина Дебрца, во областа Дебрца, во околината на градот Охрид.

Географија и местоположба

Селото Велмеј се наоѓа во подрачјето на областа Долна Дебрца, на 13 километри источно од магистралниот пат Охрид – Кичево. До селото се доаѓа по асфалтен пат, кој се двои од западната магистрала Охрид – Кичево кај селото Ботун, поминувајќи низ селата Белчишта и Лешани.

Се наоѓа на западните падини на Илинска Планина. Од северната и источната страна е заградено со планински масиви на Илинска Бигла (од исток со Килаец – 1.068 м, од север со Чуки – 1.303 м), а на западната и јужната страна се простира Велмешкото Поле. Селото се наоѓа на надморска височина од 860 метри.

Подрачјето на селото Велмеј зафаќа површина од 39,3 квадратни километри (3.928 хектари) или 10% од територијата на Дебрца и се наоѓа меѓу подрачјата на селата Прострање, Велмевци, Големо Илино и Брежани од исток и југоисток; Куратица и Лешани од југ и југозапад; Грко Поле и Горно Средоречие од запад и Сошани и Оздолени од север и северозапад.

Велмеј е село од збиен тип, што е одлика за сите села од Дебрца. Се дели на следните краеви: Горни Чифлик или Црниноска Маала, Долни Чифлик или Славкоска Маала. Општо, селото е поделено на Горна и Долна Маала, а поодделно секое маало го добило името според презимето на поголемиот дел од семејствата што живеат тука. Денес, Велмеј е најголемото село во подрачјето на Дебрца, како по бројот на жителите, така и по бројот на домаќинствата.

Историја мини|Петре Пирузе, командант на II оперативна зона, говори пред борците во село Велмеј, Дебрца, 1944 година

Древно време Подрачјето на Велмеј е населено уште во палеолитот. Местото останало населено и активно низ сите векови, па сè до денес. Ова се гледа по исклучително големиот број на археолошки наоѓалишта во атарот.

Во Османлиското Царство Селото за првпат се споменува во пописниот дефтер на Охридскиот Санџак од 1582 година, кога селото имало вкупно 660 жители (126 христијански семејства и 14 самци и 3 муслимански семејства и 1 самец), со што уште тогаш било најголемо село во нахијата Дебрца и второ во Охридската Каза (зад Вевчани).Охрид и охридско низ историјата (книга втора), Институт за национална историја-Скопје, Скопје, 1987, стр. 28-30. Оттука, се претпоставува дека името Велмеј потекнува од старословенскиот збор „велми“ што значи најголем.

Подоцна, според извештајот на австрискиот вицеконзул Крал од 1898 година, селото имало 509 жители (сите Македонци), при што тоа било осмо село по големина во охридскиот крај.Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 161-162.

Во периодот пред и по Илинденското востание, Велмеј ја делело судбината на останатите македонски села. Така, во летото 1902 год., во селото влегла разбојничката чета на Билјал Баланца со 400 арамии, која го опљачкало селото убивајќи неколку селани.Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 157. За време на востанието, во Велмеј бил биле стационирани 50 турски војници. На Илинден, четите на војводите Андон Кецкаров и Наум Цветанов, тргнале од селото Брежани и го нападнале аскерот во велмешките кули и, притиснат од востаниците, утредента аскерот се повлекол кон селото Издеглавје, но таму паднал во заседа поставена од велмејската и брежанската чета, при што во борбата биле убиени десетици турски војници.Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 223-227.

Стопанство

мини|300п|десно|Поглед на рудникот „Велмеј“ од селската црква во Горно Средоречие

Уште од многу одамна, Велмеј имал важно место во стопанството на Дебрца и на охридскиот крај: Така, турските извори кажуваат дека селото било голем производител на коноп.Охрид и охридско низ историјата (книга прва), Институт за национална историја-Скопје, Скопје, 1985, стр. 28. Според турскиот попис од 1582 г., Велмеј било втор по големина производител на јачмен во охридската каза со род од 600 товари (90 тони)и еден од најголемите производители на ‘рж со 600 товари. Исто така, во Велмеј имало 300 свињи, со што било на трето место во охридската каза, а селото било и еден од најголемите производители на зелка. Понатаму, во селото имало 7 воденици и 5 валалници (најмногу во Дебрца), а се произведувало наут и боја, иако овие производи немале поголемо стопанско значење.Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 82-94. Најпосле, горниот попис кажува дека во Велмеј живееле двајца соколари чија служба прекратила веројатно затоа што не добиле писмена исправа (берат) за своето занимање.Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 56. Исто така, според турските извори, не само што селаните работеле на чифлиците, туку во Велмеј имало и македонски земјопоседници, како што биле Грдан Точко, а потоа и син му Миладин.Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 46.

Денес, од целокупната површина на селото, 55,3% се наоѓаат под шуми и пасишта, 22,4% се обработливи површини, а 22,3% е неплодно земјиште. Оттука, главно занимање на селаните е земјоделието. Во продолжение, во селото работат и следниве претпријатија:

Рудник Велмеј, кое се занимава со ископ и преработка на камен, травертин, гранит и мермер Илина д.о.о., кое произведува и полни вода за пиење

Население

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Велмеј имало 700 жители, сите Македонци христијани.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 253. По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Велмеј имало 784 жители.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 162-163.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Велмеј е претставен како чисто македонско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 75 куќи.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.000 Македонци.

Според пописот од 2002 година, во селото Велмеј живееле 511 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 260 жители, од кои 252 Македонци и 8 лица без податоци.

Родови

Велмеј е македонско село.

Општествени установи

Основно училиште „Дебрца“ до IX одделение, подрачно училиште на ОУ „Дебрца“ - Белчишта. Било изградена во 1919 година. Инаку, на почетокот на XX век, во Велмеј постоело бугарско егзархиско училиште, со еден учител и 33 ученици,Д.М.Бранков, Македонија и нејзиното христијанско население, Либрери Плон, Париз, 1905, стр. 162-163 (D.M. Brancoff, La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Librairie Plon, Paris, 1905, рp. 162-163). додека во периодот 1912-1915 г. имало српско школо со една паралелка и еден учител.Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 281. Задружен дом — изграден непосредно по Втората светска војна, каде што е сместена месната заедница, а исто така, има сала и простории за општествено-политичките организации од селото Здравствена станица

Самоуправа и политика

Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебрца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото претставувало седиште на некогашната Општина Белчишта.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било седиште на некогашната Општина Белчишта.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Белчишта, во која покрај селото Велмеј, се наоѓале и селата Белчишта, Ботун, Брежани, Горно Средоречие, Грко Поле, Долно Средоречие, Злести, Лешани, Ново Село, Песочани и Црвена Вода. Во периодот 1950-1952 година, селото Велмеј било седиште на некогашната Општина Велмеј, во која влегувале селата Брежани, Велмеј, Грко Поле и Лешани.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1320 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на здружен дом.

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 291 гласач.

Културни и природни знаменитости

мини|300п|десно|Главната селска црква „Св. Никола“, заедно со селските гробишта, сместена на сретселото мини|300п|десно|Поглед на црквата „Св. Ѓорѓи“, заедно со камбанаријата, сместена над селото мини|300п|десно|Средновековната црква „Св. Богородица Ќелија“, сместена надвор од селото

Цркви Црква „Св. Никола“ — главна селска и гробјанска црква; сместена во средишниот дел на селото, потекнува од XIII век, а сегашниот архитектонски изглед датира од XIX век. Во црквата има иконостас, со икони кои датираат уште од XVI и XVII век, како и интересен резбан владички престол. Според пишувањето на рускиот патописец Виктор Григорович од 1845 г., при преправката на црквата, селаните вградиле стари ракописи и книги во ѕидовите на црквата од страв да не бидат уништени од грчките фанариоти.Викторија Поповска-Коробар, Митре Велјаноски и Милан Ракочевиќ, Света Богородица Пречиста - Ќелија, Скенпоинт, Скопје, 2009, стр. 22-24. Црква „Св. Ѓорѓи“ — се наоѓа на североисточниот дел од селото, на едно возвишение; на доминантно место на североисточниот дел од селото, на едно возвишение е поставена втората цркава во селото - Св. Ѓорѓија, градена од делкан камен, со купола во средишниот дел и полукружна апсида. Црквата е обновена во 1931 г. и во неа се наоѓаат икони од XVII и XVIII век.Гоце Ангелични – Жура, Христијански храмови и свети места во Охридско, Охрид, 2007. Црква „Св. Богородица Ќелија“ — се наоѓа надвор од селото, на југоисточната страна; Црква „Вознесение Христово“ — најновата селска црква. Градена во периодот 2001-2014;Осветена црквата „Св. Спас“ во село Велмеј

Чешми Чешма „Исток“ — во западниот дел од селото се наоѓа импозантна чешма наречена „Исток“, која располага со обилна вода што тече низ 18 дулци. Тука е поднигната и спомен-плоча на паднатите борци од селото во НОВ и Илинденското востание. На „Истокот“ се изведува и еден од главните церемонијали на свадбата – „Носење на вода од невестата“. Денес низ селото има водовод изграден во 1982 година, но сепак „Истокот“ сѐ уште ја има онаa стара традиција на собирање на велмешани.

Пештери Јаорец — пештера североисточно од селото, долга 76 метри

Археолошки наоѓалишта Бучишта — доцноантичка населба со некропола и старохристијанска базилика Велмешко Градиште — утврдена населба од бронзеното време Вишин Дол — утврдена доцноантичка населба и топилница Гладница — доцноантичка населба Горица — средновековна населба Горни Јаворец — доцноантичка топилница Горнополско Градиште — утврдена населба од раниот среден век Грамаѓе — некропола од железното време Иванова Ливада - Икона — црква и некропола од раниот среден век Икона - Блато — некропола до раниот среден век Калуѓерица — некропола до раниот среден век Кутлина — населба од неолитското, бронзеното, железното време и раниот среден век Манастириште — средновековен сакрален комплекс Оџа Бавча — некропола од раниот среден век Пашина Горица — доцноантичка некропола Петте Дабје — римска и доцноантичка некропола Пештера Јаорец — засолниште од палеолитското време Писан Камен — некропола од каменото време Попов Дол — доцноантичка некропола Селиште Јаорец — средновековна населба Селце — срденовековна населба Скала — доцноантичка топилница Скала — раносредновековна населба и некропола Средна Горица — некропола од ранословенско време Црквиште — раносредновековна црква и некропола) Шивлица — црква од раниот среден век)Викторија Поповска-Коробар, Митре Велјаноски и Милан Ракочевиќ, Света Богородица Пречиста - Ќелија, Скенпоинт, Скопје, 2009, стр. 14-22.