Велешта — село во областа Дримкол, во Општина Струга, на патот помеѓу градовите Струга и Дебар.

До 2004 година, селото претставувало административно седиште на поранешната истоимена општина.

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во областа Дримкол, во средишниот дел на територијата на Општина Струга, од левата страна на реката Црн Дрим. Селото е рамнинско, на надморска височина од 716 метри, но има некои куќи кои се наоѓаат и повисоко. Дел од селото се наоѓа на самиот регионален пат Струга-Дебар, а од самиот град Струга е оддалечено 8 километри.

Селото се наоѓа во северозападните делови на Струшкото Поле, во подножјето на планината Јабланица.

Ова големо село се наоѓа во областа Струшки Дримкол. Најблиски села се: Враништа, Добовјане, Вевчани и Долна Белица.

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Пашина, Четрица, Калдрма, Дренки, Сополе, Каменица, Леска, Локвиште, Црвени брегои, Бодо нива, Зелинца, Вјере (Папрат), Краста, Огради и Лаѓа.

Велешта има збиен тип и е поделено на следниве маала: Пиљавец, Шеовци, Ортокол (сретсело), Насуфи и Каба. Најстаро е првото маало во горниот дел на селото.

Историја

Македонците од соседното село Вевчани го кажуваат преданието дека на денешната местоположба на селото Велешта постоел чифлик на некој дебарски Албанец, кој од средината на век околу чифликот населувал одредени свои сонародници. Така, за брзо време станало албанско село.

Од албанските родови најстар бил Ајка, меѓутоа во родот немало машки деца и поради тоа тој род денес не постои во селото. Денешните албански родови се населени во селото во периодот 1840-1860 година.

Во век, Велешта било село во рамките на Струшката нахија во Охридската Каза на Отоманското Царство.

Во 1893 година бугарскиот дипломат Атанас Шопов го посетува Велешта и пишува:

Арнаутското село Велешча е едно [во регионот], но е прочуено; го знае и мало и големо, бидејќи жителите не му се занимаваат речиси со ништо, но сепак располагаат со големи богатства. Таму храбрите Арнаути си распослале замоци и живеат како средновековни феудали. Пред стотина години тоа село се преселило од околината на Дебар. Се состои од едно арнаутско племе, кое било гонето од другите племиња, кои ги местеле за убиства. Има 100 души население.

Стопанство

Атарот зафаќа простор од 9,3 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 829,3 хектари, на пасиштата отпаѓаат 19 хектари, а на шумите само 1,7 хектари.

Селото, во основа, има полјоделска функција.

Селото има услови за полјоделство и сточарство. Најмногу се одгледувале пченица, пченка, јачмен, тутун, винова лоза и детелина. Во минатото во селото имало до 1.000 овци. Во последно време, голем дел од машкото население е на печалба.

Население

Според податоците од 1873 година, селото имало 185 домаќинства и 500 жители мажи.„Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995. стр. 104-105.

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Велешта имало 1.100 жители Албанци муслимани.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 254.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Велешта е претставено како чисто албанско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 140 куќи.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.500 Албанци.

Велешта е големо село со речиси двојно зголемување на населението. Така, во 1961 година селото имало 2.730 жители, од кои 2.715 биле Албанци, а шест жители Македонци, додека во 1994 година бројот се зголемил дури на 5.034 жители, албанско население.

Според пописот од 2002 година, во селото Велешта живееле 5.834 жители, од кои 1 Македонец, 5.758 Албанци, 1 Ром и 74 останати.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 3.378 жители, од кои 7 Македонци, 3.254 Албанци, 1 Влав, 1 останат и 115 лица без податоци.

Родови

Во селото живее муслиманско-албанско население. Во маалото Пиљевац има три рода со околу 60 домаќинства. Во маалото Шеовци се наоѓаат припадници на еден род со околу 40 домаќинства. Во маалото Ортокол има пет родови (Ортокол, Шутовци, и др.) со околу 130 домаќинства. Во маалото Насуфи има три рода (Кица, Љуфи и Рочи) со околу 120 домаќинства. Родот Рочи има истоимени роднини во соседното село Долна Белица (34 к.), кои подалечно потекло имаат од Пешкопеја. Во маалото Каба има четири рода (Каба, Хана, Истрефи и Винца) со околу 130 домаќинства.

Сите албански родови потекнуваат од доселеници. Скоро сите потекнуваат од околината на Пешкопеја и Дебар.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ од крајот на 1940-тите, родови во селото се: Хани (30 к.), Каба (27 к.), Истрефи и Скендери (25 к.), Винца (25 к.), Шеј  (21 к.), Жута (19 к.), Реци (18 к.), Ќура (17 к.), Насуфи (14 к.), Влаши (12 к.), Бојку (11 к.), Вренези (7 к.), Луфи (7 к.), Купа (7 к.), Хода (6 к.), Кица (6 к.), Бектеши (6 к.), Ѓура (5 к.), Баута (5 к.), Муча (4 к.), Рочи (4 к.), Коџаџику (3 к.), Мена (2 к.) и Трена (2 к.). Сите родови дошле околу 1780-1800 година од околината на Пешкопеја во Северна Албанија.

Општествени установи

Основно училиште „Зини Хани“ до IX одделение

Самоуправа и политика

Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Велешта.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото било седиште на тогашната општина Велешта.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Велешта, во која покрај селото Велешта, се наоѓале и селата Враништа, Горно Татеши, Добовјани, Долна Белица, Долно Татеши, Ташмаруништа и Тоска. Во периодот 1950-1952 година, исто така, постоела Општина Велешта.

Избирачко место

Во селото постојат избирачките места место бр. 1913, 1914, 1915, 1916, 1916/1, 1917 и 1917/1 според Државната изборна комисија, сите сместени во основното училиште.

На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 5.458 гласачи. На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 5.277 гласачи.

Културни и природни знаменитости

мини|300п|десно|Теќе џамијата во селото

Џамии Централна џамија — главна селска џамија; и Теќе џамија — помала селска џамија.

Личности

Родени во Велешта Беќир Жута (р. 1935) — поранешен македонски економист и политичар; Фејзи Бојку (р. 1937) — македонски писател за деца; Ваит Насуфи (р. 1945) — македонски поет и писател за деца; Џевдет Насуфи (р. 1948) — македонски политичар; Зиба Муча (р. 1954) — македонска поетеса; Тахир Хани (р. 1961) — македонски политичар, пратеник на ДУИ; Асие Жута (1962-2003) — глумица; и Гарип Каба (р. 1964) — македонски политичар, пратеник на ДПА.

Иселеништво

Жителите на Велешта не се иселувало до крајот на Втората светска војна. Меѓутоа, оттогаш се појавило иселувањето и денес има иселеници од сите родови од селото. Претежно живеат во Струга (20 к.), Охрид (7-8 к.), како и во околните села: Долна Белица (околу 20 к.), Добовјани (6 к.), Ливада (1 к.), Ново Село (2 к.) и Биџево (5 к.).

Наводи

Забелешки

Поврзано Дримкол Општина Струга Струга

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Струшки села Категорија:Села во Општина Струга