Долни Липовиќ — село во Општина Конче, во околината на градот Радовиш.

Според пописот од 2002 година, селото имало население од 423 жители, со што селото се вбројува во средни села во областа на Конче и Радовиш.

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во ридско-рамничарски предел и е сместено во источниот дел на Општина Конче, во изворишното сливно подрачје на Крива Лакавица. Долни Липовиќ е ридско село расположено на надморска височина од 310 метри. Всушност куќите на селото се расположени на допирот на ридското земјиште од падината на Смрдеш која се издигнува на исток и рамничарското низинско земјиште кое се простира кон запад. Од градот Радовиш селото е оддалечено 16,8 км, а во близина на селото е Горни Липовиќ. Атарот кој се допира до територијата на Општина Струмица е голем и зафаќа простор од 21,4 км2, на кои преволадуваат шумите на површина од 1.511 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 524,7 ха, а на пасиштата 72,6 ха.

Историја Подрачјето на Долни Липовиќ е населено уште од неолитско време, за што сведочат остатоците од населба од тој период во наоѓалиштето Црквиште - Иленица, на 400-500 м југозападно од селото.

Во турските пописни дефтери од XVI век, односно од 1570 година, кои се однесуваат на засебната Нахија Конче во состав на Ќустендилскиот Санџак, се запишани две села со имињата Липовик кое било дервен-џиско и Стар Липовик кое било тимар на некојси Јусуф. За селото Липовик е запишано дека тоа билодервен на патот што води од Струмица за Солун при што секој човек имал обврска да дава давачка-испенџе по 10 акчиња, жените по еден денк (половина товар) пченица и еден денк јачмен, а од сите вонредни давачки и обичајни оптоварувања како давање веслари, јаничари итн. биле ослободени во замена за што требало да чуваат и да обезбедуваат да не дојде до шетета на ничиј имот и живот, односно да ја вршат дервенџиската должност за обезбедување на сигурноста на патниците по патот. И двете села биле населени со чисто христијанско македонско население, при што Липовик имало 50 христијански македонски семејства кои произведувале пченица и мешано жито по 25 товари, вино, чувале свињи и имало една воденица на некојси Петко Стојко за што се остварувало приход од 2780 акчиња, додека во селото Стар Липовиќ живееле 16 христијански македонски семејства кои произведувале пченица до 17 товари, мешано жито до 19 товари, уров, леќа, сено, градинарски култури, праз, чувале свињи и пчели во улишта и кошници и правеле вино за што се остварувало севкупен приход од 1884 акчиња.

На основа на овие записи кои секако се однесуваат на селата Долни и Горни Липовиќ е тешко да се одреди и претпостави на кое точно се однесуваат соосветните Липовик и Стар Липовик. Врз основа на местоположбата како дервен - теснина, клисура или превој низ кој минува пат, може да се претпостави дека дервенџиското Липовик се однесува на Горни Липовиќ низ кој и денес постои (шумски) пат кој преку месноста Скрки во која некогаш имало куќи, води кон Струмица. Месноста Скрки во која и денес повторно се градат (викенд) куќи е на границата, но повеќе припаѓа под Струмичко, а според предание жителите сметаат дека некогаш во дамнина селото Горни Липовиќ се наоѓало на тоа место. На основа на ова предание меѓу мештаните и записите од средновековните турски дефтери може да се претпостави дека дервенџиското село Липовик се однесува на Горни Липовиќ. Но, доколку се увиди фактот дека селото Стар Липовиќ е запишано како помалубројно по бројот на семејства, може да се претпостави дека тоа се наоѓало погоре во планината, како што е впрочем чест случај постарите села и населби да се наоѓаат на повисоко ридско-планинско земјиште од каде слегувале жители и ги основале новите долни села, при што во тој случај тоа одговара на Горни Липовиќ. Но фактот што е запишано дека селото Стар Липовиќ произведува повеќе градинарски култури за кои одговара низинско земјиште со многу вода од река, укажува дека според тоа неговата местоположба одговара на Долни Липовиќ, која пак исто така е многу погодна и поповолна за пат по долот на Стругарница и превојот во долот на Бела Река над струмичкото село Рич.

Селото во век било дел од Радовишката Каза на Отоманското Царство.

Потекло и значење на името

Се верува дека името на селото, заедно со блиското село Горни Липовиќ, потекнува од мноштвото липи кои порано постоеле на нивните атари. Густа и доста застапена липова шума постои и денес на ридот Вртешка непосредно до селото Горни ЛиповиќСпоред кажување на жител на с. Дедино, забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски, Кирил Симеоновски на 02.04.2016, како и во месноста Липадиница во долот кон Долни Липовиќ. Според книгата „Речник на топонимите во областа на Сливот на Брегалница“ за селото Долни Липовиќ е запишано дека неговото име потекнува од ботаничкото име на дрвото липа, односно од изведената именка Липовик/Липовиќ што означува 'место со липа, липова шума' (сп. буковиќ, дабовиќ, дрчевиќ, габроик итн.)

Население

мини|десно|300п|Поглед на основното училиште „Гоце Делчев“ мини|десно|300п|Поглед на новоизградениот дом на културата мини|десно|300п|Главната селска црква „Успение на Пресвета Богородица“

Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото имало 380 жители, 180 Македонци и 200 Турци.К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 235 По податоци на секретарот на егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото Долни Липовиќ имало 240 жители.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 138 - 139.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци и 25 до 50 Турци.

Според пописот од 2002 година, селото имало население од 423 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 362 жители, од кои 343 Македонци и 19 лица без податоци.

Родови

Според истражувањата од 1928 година, родови во селото.

Староседелци: Румовци (10 к.), Каранфиловци (10 к.), Темчовци (6 к.), Иловци (6 к.), Гроздановци (5 к.), Јаневци (3 к.), Дончовци (2 к.) и Ќиревци (2 к.) порано живееле во раселеното село Селиште, тоа место се наоѓало на 1км оддалечено од сегашната местоположба на селото. Промената на положбата на селото се извршила пред повеќе од 250 години.

Општествени установи

Основно училиште „Гоце Делчев“ до V одделение, подрачно училиште на ОУ „Гоце Делчев“ - Конче Дом на културата

Самоуправа и политика

Селото влегува во рамките на Општина Конче, една од ретките општини во Македонија, која не била променета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Конче.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Радовиш. Селото припаѓало на некогашната општина Радовиш во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957, селото било во рамките на тогашната општина Конче.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Конче, во која покрај селото Долни Липовиќ, се наоѓале и селата Габревци, Горни Липовиќ, Долни Радеш, Конче, Лубница, Негреновци и Ракитец. Во периодот 1950-1952, селото било дел од Општина Дедино, во која влегувале селата Горни Липовиќ, Долни Липовиќ, Дедино, Габревци, Негреновци и Ракитец.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1611 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 344 гласачи.

Културни и природни знаменитости

Цркви Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — главна селска црква, изградена во 1947 г.; Црква „Св. Ѓорѓи“ — параклис во селото, во непосредна близина на главната црква.

Археолошки наоѓалишта Црквиште - Иленица (Еленица) — неолитска населба и средновековен сакрален објект

Личности

Александар Трајановски (р. 1945 г.) — историчар и публицист

Култура и спорт

Во селото постои културно-уметничкото друштво „Плетенка“.

Галерија

Наводи

Поврзано Лакавичко Општина Конче Радовиш

Надворешни врски

Сателитска снимка на Долни Липовиќ на Карти на Гугл

Категорија:Села во Македонија Категорија:Радовишки села Категорија:Села во Општина Конче