Азија — централен и источен дел од Евроазија, дефиниран со исклучувањето на европскиот полуостров од Евроазија. Геолошки и географски, Азија не е ниту континент ниту потконтинент. Азија, сепак, обично се смета за најголемиот континент на светот по површина и број на население (преку 4 милијарди жители или 60 отсто од светското население).
Азија (од асирскиот збор „асу“ = изгрејсонце) се наоѓа скоро целосно на северната полутопка, освен островскиот дел на Малајскиот Архипелаг, кој се спушта за 10 степени во јужната полутопка. Крајните точки на копнениот дел на Азија на север достигаат до ’ртот Чељускин на полуостровот Тајмир, на југ до ’ртот Буру на Малајскиот Полуостров, на исток до ’ртот Дежњов на Чукотскиот Полуостров и на запад до ’ртот Баба на полуостровот Мала Азија. Меѓутоа, ако се земе и островскиот дел на Азија, тогаш најсеверната точка се наоѓа на островот Северна Земја (81 СГШ), а најјужната на островот Роти (11 ЈГД) кој се наоѓа во групата на Малите Сундски Острови.
Уште од античко време границите помеѓу Европа и Азија се јасни и одат по линијата на Егејското Море, Дарданелите, Мраморното, Босфорот и Црното Море.
Брегова разгранетост Бреговите на Азија се меѓу најразгранетите на Земјата. Таму има голем број полуострови, заливи, острови, островски групи, протоци и друго. Меѓутоа, сите брегови на Азија не се подеднакво разгранети. Северниот азиски брег кој излегува на Северноледен Океан е послабо разгранет. Од полуостровите на тој брег најголеми се: Јамал, Тајмир и Чукотскиот Полуостров, а од островите Северна Земја, Новосибирските Острови и Врангеловиот Остров. Источниот брег на Азија се одликува со поголема разгранетост од северниот. Таму се наоѓаат повеќе рабни мориња (Берингово Море, Охотско Море, Јапонското Море, Жолто Море, Источнокинеско Море, Јужнокинеско Море) кои од Тихиот Океан се одделени со голем број полуострови и островски групи. Од полуостровите најголеми се Камчатка и Кореја, а од островите Сахалин, Јапонските Острови, Тајван, Филипинските Острови и други. Бреговите и островите на Источна Азија во Тихиот Океан се изложени на силна сеизмичка и вулканска активност. Јужниот брег на Азија го заплискуваат водите на Индиски Океан и неговите крајбрежни мориња. Овој брег се одликува со големи полуострови, длабоки заливи, многу острови и повеќе островски групи. Од полуостровите најголеми се: Арапскиот, Индискиот Океан и Индокинескиот Полуостров, а од островите Шри Ланка (Цејлон). Од заливите најпознати се Бенгалски Залив, Оманскиот Залив, Персискиот Залив и Аденскиот Залив. Западниот брег на Азија почнува од протокот Баб ел-Мандеб и преку Црвено Море, Суецкиот Канал, Средоземното Море, Егејско Море и Мраморното Море со протоците Дарданели и Босфор се протега до Црно Море. Најголем полуостров на овој брег е Мала Азија. Учебник по географија за VII одделение
Релјеф Азија е континент со најразлични релјефни целини, исполнет со голем број низини, планини и висорамнини. Низините зафаќаат една четвртина од територијата на Азија, а најраспространети се во периферните делови на континентот. Најпознати низини во Азија се Западносибирската и Туранската Низина кон границата со Европа, Месопотамската Низина во Југозападна Азија, потоа низините по долините на реките Инд, Ганг, Брамапутра и Меконг во Јужна Азија, Источнокинеската Низина во Источна Азија и други помали низини. Низините се отвори преку кои до извесна длавочина се навлегува во внатрешноста на мошне непристапните планински системи во Азија. Планинскиот релјеф во Азија е застапен на три четвртини од територијата. Планинскиот систем започнува од Егејското Море на запад, односно од Мала Азија и се протега до Тихиот Океан на исток. Го сочинуваат непрекинати планини: Таур, Иранските и Авганистанските Планини до Памир, од каде што системот се раздвојува кон југоисток со планините Хиндукуш, Каракорум и Хималаи, односно кон северозапад преку планините Тјеншан, Алтај, а потоа на север се протегаат Јаблановските, Становојските, Верхојанските, Черските, Колимските Планини и други масиви. Како посебни се простираат: Кавказ, Елбурс, планините во југозападните делови на Саудиска Арабија, планинските масиви во источните делови на Азија, како што се Корејските Планини, Голем Хинган и планините на островските територии. Планините во Азија се одликуваат со мошне големи височини. На Хималаите се наоѓаат највисокиот врв во светот, Монт Еверест, со 8848м н.в. како и поголем број други врвови со повеќе од 8000м височина.
На пространото азиско копно, меѓу планинските масиви се простираат огромни територии под висорамнини. Познати се Иранската Висорамнина, Тибетската Висорамнина, Становојската Висорамнина, Средносибирската Висорамнина, Казашката Висорамнина, висорамнината Декан и други. Посебна каратеристика на релјефот во Азија е тоа што големи територии се под пустини со типичен еолски релјеф. Такви се пустините: Голем Нефуд и Руб ел Хали на Арапскиот Полуостров, потоа Големата Солена Пустина во Иран, пустината Тар во Индрија, пустините Мујункум, Каракум и Кизилкум во Казахстан, Узбекистан и Турмекистан, пустината Такла Макан во Западна Кина, пустината Гоби во северните делови на Кина и Монголоија и др.
Големите надморски височини на планинските системи во Азија кои се простираат во појасот од 33°-55° с.г.ш. се причина за голема застапеност на глацијацијата на планините. Огромни територии се наоѓаат под снег и мраз. Скоро од сите планини, но особено од Хималаите, се спуштаат многубројни ледници од кои се напојуваат голем број реки на азискиот континент. Азија е континент покрај кој се простира т.н. огнен појас, кој се одликува со многу вулкани и земјотреси, така што е присутен и забележлив вулкански релјеф. Врз основа на вака поставениот релјеф во Азија се издвојуваат следни природни целини:
Северна Азија која се одликува со големи низински територии северно од планините Памир, Алтај и реката Амур.
Источна Азија која ги опфаќа источните делови на Кина, Кореја и Јапонија.
Јужна (Монсунска) Азија која се простира јужно од линијата Хиндукуш - Хималаи и ги опфаќа териториите од Пакистан до Индонезија и Филипини.
Југозападна Азија која се протега од Авганистан до Синајскиот Полуостров.
Средна Азија која ги опфаќа областите на највисоките планини и пустини.
Клима Климата во Азија е мошне разновидна. На неа најмногу влијаат простирањето на планините, кое е во правец запад и исток и југозапад и североисток, и монсунските ветрови. Со климатските услови во Азија се опфатени сите климатски појаси. Се разликуваат два рабни појаси, и тоа: изразито тропско-монсунски појас на југ и поларен и супполарен појас на север. Меѓу овие два појаси се наоѓа умерениот појас во кој врз климата влијае пространата копнена територија, оддалеченоста од морињата и релјефот со неговите изразито високи планини. Тие се фактори поради кои во Средна Азија владее изразито конетинентална клима, со присуство на типична високопланинска (алпска) клима. Во зима во северните и во централните делови на Азија нстанува големо разладување и формирање на висок воздушен притисок, а во лето воздушните маси се загреваат и притисокот се намалува. Над Индискиот и Тихиот Океан се случува спротивното: поради разликите што настануваат во воздушните маси, доаѓа до големи движења на воздухот и се појавуваат периодични зимски и летни монсунски ветрови. Тие се главен фактор за формирање на климатските услови во Азија, односно за владеењето на таканаречената монсунска клима. Летните монсуни дуваат од Индискиот и Тихиот Океан кон копното. Тие се топли и влажни и носат големи количества врнежи и до Хималаите. Зимските монсуни дуваат од копното кон Индискиот Океан на југ и кон Тихиот Океан на исток. Се одликуваат како ладни суви и предизвикуваат изразито сушни периоди. Слична состојба е присутна и во Источна Азија каде што во летниот период од Тихиот Океан кон копното дуваат топли и влажни ветрови познати како тајфуни. Тие носат големи количества врнежи и обратно - во зима дуваат од високопланинското копно преку источните низини кон морето, носат ладен и сув воздух кој придонесува за формирање ладно и суво време проследено со сушен период. Тајфуните често придонесуваат за зголемување на дејствата на морските бранови, брановите цунами се предизвикани од подводни земјтореси или вулкански ерупции. На териториите во Сибир скоро постојано владеат ниски температури. Исклучок е краткото лето, кога длабоко замрзнатото земјиште површински се одмрзнува. Во Централна Азја има релативно мали годишни количества на врнежи (од 200мм до максимум 500мм), што е причина за појава на пространи пустински територии во кои е присутна пустинска клима. Во уште поизразена форма, пустинската клима е одлика и за териториите во Југозападна Азија. Поради надморската височина, високопланинските територии во Средна Азија скоро постојано се одликуваат со ниски температури, а просторот е под вечен снег и мраз. Таму владее изразито високопланинска и планинска клима.
Климатско-вегетациски области Различните релјефни и климатски одлики на теротиријата на Азија, големото појасно простирање и излезот на повеќе океани и мориња, големата оддалеченост на внатрешноста на континентот од морињата и други фактори условиле развој на повеќе климатско-вегетациски области. Глобално се издвојуваат териториите под тропски дождовни шуми, савани, пустинска и полупустинска вегетација, тревна вегетација, листопадни шуми, средоземна вегерација, зимзелени шуми, планинска вегетација и тундра. Тропски дождовни шуми се застапени во областите на Јужна и Југоисточна Азија и во појужните делови на Источна Азија. Се познати како џунгли. Џунглите се присутни и во некои приморски делови на Индија. Саваните како територии со густа тревна вегетација се карактеристични за Индискиот Потконтинент и за централните теротирии на Индокинескиот Полуостров. Планинска вегетација е застапена во централните планински територии и висорамнини на Азија. Се одликува главно со високопланинска тревна вегетација. Пустинската и полупустинската вегетација е застапена во поголем дел од Централна и Југозападна Азија каде што се простираат повеќе каменити и песочни пустини. Степска тревна вегетација е застапена на територијата на Мала Азија и Месопотамија, како и во централните делови на Азија во појасот меѓу пустинските и полупустинските области од југ, зимзелените шуми (тајги) од север и листомадните шуми од исток. Листопадна дрвенеста вегетација е карактеристична за Источна Азија, поточно за Источна Кина, Кореја, Јапонија и за помали делови од Русија. Средоземната вегетација е пристуна во приморските области на Мала Азија, како полуостров во Средоземното Море. Зимзелените шуми се карактеристични за Северна Азија, поточно за Сибир. Опфаќаат најпространа територија во Азија. Претставуваат густи зимзелени шуми познати под името тајга. Тундра е климатско-вегетациска област карактеристична за најсеверните приморски територии на Азија, која се простира меѓу појасот на тајгата и Северноледениот Океан. Во тундрата претежно егзистираат лишаи, мовови и ретки тревни растителни видови.
Хидрографија Азија е богата со реки. Тие се влеваат претежно во отворени морски басени и припаѓаат на четири сливни подрачја. Тоа се: Сливно подрачје на Северноледениот Океан, Тихиот Океан, Индискиот Океан и на Средоземното Море.