Долно Дупени — село во Општина Ресен, во областа Долна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на брегот на Големото Преспанско Езеро.

Во близина на селото се наоѓа грчко-македонската граница, како и планираниот граничен премин „Маркова Нога“. Воедно, месноста Маркова Нога претставува и најјужна точка на денешната територија на Република Македонија.

Потекло на името

Во врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е етничко и дека потекнува од тоа што селото лежело во трап (дупка). Меѓутоа, дупенци за ова имаат повеќе легенди и претпоставки. Некои од нив говора:

дека името води потекло од времето на Цар Самоил, кога делови од неговата ослепена војска биле доведени во Преспа и некои од нив сместени на местото каде подоцна настанало селото. Бидејќи војниците биле со извадени очи (со дупки по лицето) кога требало да се посочи местото на кое тие престојувале, се велело кај „дупените“. Со текот на времето придавката „дупени“ била пренесена на месноста, а подоцна кога на таа месноста настанало и селото, и на него. постои кажување кое потеклото на името го поврзува за друг настан од времето на турското владеење. Некогаш, во подалечното минато, некојси поп од селото, заради непокорност, од Турците бил обесен на едно дрво со две потенки јажиња (врвци). Според овој настан е градено и пренесувано мислење дека името на селото настанало од албанскиот збор „dy penje“ што во превод на македонски значи „два конци“ (јажиња). Со текот на времето овој збор бил преиначен во „дупени“ и како таков земен за име на селото. градени се претпоставки кои името на селото го поврзуваат со конфигурацијата на теренот и природната околина. Оттука, некои тврдат дека месноста на Дупени (Горно Село), погледнат од повеќе места на околу, остава впечаток на релјефна длабнатина (дупка) и врз основа на таквата положба селото добило име Дупени. професорот Бранислав Русиќ пооснована претпоставка за потеклото на името Дупени наоѓа во сознанието дека некогаш селото било прочуено по многу попови и владики, кои биле уважувани за учени луѓе. Со оглед на фактот што во долнопреспанскиот говор за умен човек, уште се вели и „дупен“ човек, можно е со текот на времето, по уваженоста на овие учени (дупени) луѓе, и селото да го добило своето име Дупени. познато е дека атарот на селото изобилува со квалитетен камен (сиенит), кој можеби некогаш условил во селото да се појави и развие занает за изработка на мелнички камења, кои покрај површинската обработка, тие во средината морале да бидат и дупнати. Такви дупнати камења сè уште се сретнуваат во атарот на селото. Кај некои луѓе преовладува мислењето дека името на селото настанало од овој, можеби некогаш ценет и баран производ.

Покрај овие постојат и други легенди и претпоставки.

Атрибутот „долно“ на името му е додаден во поново време. Според некои кажувања тоа е направено во времето кога Преспа станала единствена административно-територијална единица, заради распознавање на двете постојни села со истоветно име (Дупени), и дека ова село го добило „долно“ по пределот на областа Долна Преспа. Другото мислење содржи поголема веројатност и дека дека атрибутот настанало со преместувањето на селото (од Горно во Долно Село, односно од Горно во Долно Дупени).

Во Преспа постои уште едно село со слично име — Горно Дупени, кое се наоѓа во северозападниот дел на котлината во подножјето на планините Галичица и Петрино на 33 километри оддалеченост од Долно Дупени.

Географија и местоположба

мини|300п|десно|Планираниот граничен премин „Маркова Нога“ во истоимената месност, воедно најјужната точка на Македонија

Селото е сместено во близина на граничната тромеѓа со Грција и Албанија, на југоисточната страна на Големото Преспанско Езеро, на 2 километри од македонско-грчката граница. Долно Дупени претставува најјужно населено место во Македонија, сместено на надморска височина од околу 900 метри. Се наоѓа на 34 километри оддалеченост од градот Ресен и низ него поминува директниот патен правец кој ги поврзува селата и туристичките населби на источниот брег на Преспанското Езеро со магистралниот пат Ресен-Битола, а истовремено од Долно Дупени води и директен асфалтен пат кон селото Љубојно, кој продолжува до селото Брајчино.

Сместено е во подножјето на Баба Планина на допирот со котлинското дно, а на оддалеченост од неколку стотини метри од брегот на Преспанското Езеро.

Долно Дупени е преместено село. Негова претходна местоположба била месноста Горно Село, на околу 1 километар источно од денешното (на висорамнинката помеѓу Стара и Јанинска Река), на која сè уште има препознатливи остатоци (темели, дворни огради, улици, гробишта). Преместувањето настанало во периодот помеѓу 1908 и 1914 година заради потребата од доближување до земјишните имоти во појасот на крајезерската рамнина.

Долно Дупени се граничи со следниве села: со Наколец и Љубојно на север, со територијата на Грција (во тој склоп со селата Герман и Роби) на југ и југоисток и со водите на езерото на запад.

мини|300п|десно|Поглед на сретселото

Атарот на Долно Дупени се простира на површина од 1421 хектар (околу 14,21 км2) и зафаќа рамничарско и ридско-планинско земјиште. Рамничарскиот дел е западно од селото (покрај брегот на езерото). На ридско-планинскиот дел има листопадна шума (даб, бука, брест, габер, јасен, јавор, кленика, бреза, и др.) и тревнати пасишта. Од вкупната површина на атарот: 469 хектари се обработливо земјиште, 226,7 хектари пасишта и 627,3 хектари шума.

Во атарот на селото постојат повеќе извори (до 1960 година 52) и 4 потоци т.н. реки (Стара Река, Јанинска Река, Осмајнска Река и Согорска Река). Не пресушуваат, но нивниот водотек во летниот период значително се намалува.

Низ селото течат Стара Река со 4 и Јанинска Река со 10 мостови, од кои 8 бетонски.

Долно Дупени е село од собран тип со околу 250 куќи. Куќите се градени од камен и кал, а поновите од блок-тули и вар, на приземје и на кат, покриени со ќерамиди, преовладуваат белите фасади. Околу куќите постојат широки и најразлично оградени дворови, на кои се изградени стопански и други објекти (штали, плевни, тремови, гаражи, магацини, бунари, фурни, гумна и др.). Селото го вкрстуваат повеќе асфалтни и макадамски улици, а на сретселото има ширинка.

Според групираноста на куќите и семејствата, селото се дели на повеќе маала: Мановска, Макаровска или Диневска (во северниот), Пајковска или Трајковска (во јужниот), Поповска (во источниот), Димовска, Струминиковска и Лешкаровска (во западниот) и Калајџиовска или Томовска (во средишниот дел на селото). Денес, селото претежно се развива на неговата јужна страна.

Недалеку од селото, на 2 километри е месноста Маркова Нога која е најјужната точка во Република Македонија и во која се наоѓа познатата плажа Дупени Бич. Непосредно се наоѓа и кулата на граничната караула, но не постои можност за премин на границата поради затвореноста од спротивната грчка страна од политички причини кои потекнуваат уште од времето на Граѓанската војна во Грција и соработката на Македонците кои живеат во селата од двете страни на границата.

Историја

Долно Дупени е старо христијанско село во кое отсекогаш живееле православни Македонци. Под различни облици на денешното име (Дубени, Дупени, Долно Дупени) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди.

Во XIX век, Долно Дупени се наоѓало во Битолската Каза, нахија Долна Преспа, во Отоманското Царство.

До 1912 година, Долно Дупени било под турска власт, а во тој склоп и беговски чифлик. Во подготовките и текот на Илинденското востание учествувало со свој комитет и чета од преку 40 востаници. Како војводи се споменуваат Коле Томовски и Геле Крстиновски. Загинале 4 души, а 2 плевни биле запалени. Се пренесува дека селото од опожарување го спасил бегот по претходна закана од комитите.

мини|300п|десно|Спомен-чешмата изградена во чест на загинатите за време на НОБ

Во Првата балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација, со што се најде и во зафатот на Македонскиот фронт. Од 1916 до 1918 година, цивилното население било евакуирано во селата Љубојно, Брајчино, Рајца, Грнчари и Подмочани. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во текот на војната, љубанци биле мобилизирани во војските на спротивставените страни. Во војната се бореле преку 20, а загинале 9 жители.

По завршувањето на Првата светска војна, Долно Дупени повторно се нашло под српска власт. Во ова време, селото било во состав на новосоздадената општина Љубојно.

Со училишна зграда селото се здобило во 1922 година.

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. Во тоа време во селото имало италијанска војска. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) било слободна територија на НОАВМ. На 8 ноември 1943 година паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година. Во селото имало бугарска војска со караули на местата Маркова Нога и Осмајнца. Загинале пет борци.Загинати: Алексо Крстиновски, Доне Струмениковски, Спиро Мановски, Славе Диневски и Јонче Калајџиевски.

На 17 јануари 1944 година бугарската фашистичка војска, заедно со Германците, ја презела слободната партизанска територија на тој дел на Преспа. Бугарската фашистичка војска ја обезбедувала границата и повремено навлегувала преку граница во најблиските македонски села Р’мби и Герман. На 17 јануари влегле во селото Роби. Се распоредиле во три групи: едната група вршела обезбедување на околината на селото, другата вршела претрес и пљачкала по куќите, барајќи партизани, а третата им држела митинг на насобраните селани на селската полјана. Додека се одржувал митингот, групата која го обезбедувала селото на селската полјана довела седуммина младинци на возраст од 18 до 20 години, врзани со бодлива жица, коишто бегајќи од канџите на Гестапо во Лерин се префрлиле во овој дел на Преспа за да им се приклучат на партизаните. Кај насобраните селани се создал револт, но и одлучност да им се спротивстават и молат, барајќи да се ослободат младинците. И покрај сите молби на селаните, тие биле спроведени до граничната караула кај Маркова Нога и на ѕверски начин убиени со копачи и кундаци.Во акцијата на бугарската војска и полиција биле ликвидирани младинците: Констатинос Димитриос Тазинос (1925), Георгес Пантелис Лунидис (1925), Ласкарис Илиес Стефанидис (1924), Димитрис Периклис Тенос (1925), Георгес Харалантос Сакидис (1924), Симеон Дионисиос Хаџипродрому (1925) и Петрос Лазарос Марку (1922).

Културен дом селото добило во 1950 година, електрична енергија во 1958 година, со систем за наводнување во 1956 година, со телевизиски прием во 1965 година, со водовод во 1973 година, со асфалтен пат во 1977 година и со телефонски приклучоци во 1988 година.

Стопанство

мини|300п|десно|Новоотворената плажа „Дупени Бич“ мини|300п|десно|Поглед од плажата кон езерото и островот Голем Град во позадина

Дупенци својата издршка секогаш ја обезбедувале преку поледелството, сточарството, риболовот, занаетчиството и печалбарството. Во рамките на поледелството најмногу се сеело жито (пченица, ’рж, јачмен, овес, пченка и др.), градинарски култури (пипер, патлиџан, праз, кромид, лук, зелка, компир, грав и др.), потоа лозја, а во некои периоди и индустриски култури (коноп, лен, тутун и др.). Денес, најзастапена култура е овоштарството. Во рамките на сточарството, најмногу се одгледувале волови, крави, коњи, магариња, мазги, коњи, кози, овци, свињи и др.). Сточарството денес речиси е изумрено. Доста луѓе се вработени во државните служби и претпријатијата.