thumb|right|Клинт Иствуд thumb|right|Клинт Иствуд
Клинтон „Клинт“ Иствуд Џуниор (роден на 31 мај, 1930 година) е американски филмски глумец, режисер, продуцент, композитор и политичар. За првпат меѓу глумците се пробил со споредната улога во ТВ серијата Rawhide (1959–1965). Станал славен играјќи ја улогата на Безимениот човек (Man with No Name) во шпагети вестерн трилогијата на Серџо Леоне, Dollars (A Fistful of Dollars, For a Few Dollars More, и The Good, the Bad and the Ugly), при крајот на шеесеттите, и како Хери Калахан во филмовите Dirty Harry (Dirty Harry, Magnum Force, The Enforcer, Sudden Impact, и The Dead Pool) во седумдесеттите и осумдесеттите од минатиот век. Овие мачо-улоги, заедно со уште неколку други, направиле од Иствуд истраен општествен пример за мажественост.
За неговиот придонес во филмовите Unforgiven (1992) и Million Dollar Baby (2004), Иствуд освоил оскари за најдобар режисер и продуцент на најдобриот филм, а бил номиниран и за најдобар глумец. Покрај овие филмови, и Play Misty for Me (1971), Thunderbolt and Lightfoot (1974), The Outlaw Josey Wales (1976), Escape from Alcatraz (1979), Tightrope (1984), Pale Rider (1985), Heartbreak Ridge (1986), In the Line of Fire (1993), The Bridges of Madison County (1995), и Gran Torino (2008) постигнале комерцијален успех и критичко одобрување. Единствените негови комедии се Every Which Way but Loose (1978) и продолжението Any Which Way You Can (1980), кои во кариерата биле неговите најпопуларни филмови кај публиката (по прилагодувањето поради инфлацијата).
Покрај режирањето на голем број сопствени познати филмови, Иствуд режирал и филмови во кои не глумел, како Mystic River (2003) и Letters from Iwo Jima (2006) (кои му донеле номинации за оскари) и Changeling (2008). Неговата слава посебно доаѓа до израз во Франција, дури и за неколку филмови што не биле добро прифатени во САД, и добил две од највисоките француски одликувања, меѓу кои и Легијата на честа, во 2007. година. Во 2000. година, бил награден со златниот лав за доживотно достигнување на филмскиот фестивал во Венеција.
Во 1967. година основал свое филмско студио, Malpaso, од кое потекнуваат сите негови американски филмови, освен четири. Во периодот 1986-1988, бил и независен градоначалник на Кармел-бај-д-Си, Калифорнија. Иако стапил во брак само двапати, Иствуд има седум деца од пет жени.
Рани години
Иствуд е роден во Сан Франциско. Негови родители биле Клинтон Иствуд сениор (1906–70), металски работник кој често патувал, и Маргарет Рут (1909–2006), работничка во фабрика. Сестрите во болницата го нарекле „Самсон“ бидејќи се родил со тежина од 5.2 кг. По смртта на татко му, мајка му се венчала со Џон Белден Вуд (1913–2004) во 1972. година, со кого останала во брак до неговата смрт, 32 години подоцна. Иствуд има англиско, ирско, шкотско и холандско семејно потекло, и растел во дом од средна класа, заедно со помладата сестра Џин (родена 1934. година). Неговото семејство често се селело бидејќи татко му ги менувал работните места долж Западниот Брег. Семејството се стабилизирало во Пидмонт, Калифорнија, каде Иствуд учел во основно и средно училиште, притоа занимавајќи се со спортски активности како кошарка, фудбал, гимнастика и пливање. Подоцна се префрлил во техничкото средно училиште во Оукленд, каде професорите по драма го поддржувале да учествува во училишните претстави, но тој не бил заинтересиран. Бидејќи семејството се преселувало во различни места, работел повеќе професии, како спасител, доставувач на весници, продавач, шумски пожарникар и носач на опрема за голф.
Во 1950. година, Иствуд работел една година како спасител во американската армија, за време на Корејската војна, и бил назначен на тврдината Орд во Калифорнија. Во 1951. бил патник во бомбардерот Даглас АД, што останал без гориво и се срушил во океанот близу Точка Рејес. Заедно со пилотот го избегнал тонењето на леталото и двајцата пливале 5 км за да се спасат.
Кариера
Почетоци
Според прес-извештајот за Rawhide на CBS, студиото Universal Studios (тогаш познато како Universal-International) снимало на тврдината Орд, кога еден од помошниците го забележал Иствуд и му закажал состанок со режисерот на серијата. Според официјалната биографија на Иствуд, човек со име Чак Хил одиграл клучна улога при неговото вработување во Universal. Хил, кој имал контакти во Холивуд, го „протнал“ Иствуд во едно од студијата на Universal, и го претставил пред камерманот Ирвин Гласберг. Гласберг му закажал аудиција на Иствуд кај Артур Лубин, кој иако бил импресиониран од неговата градба и височина (1.93 м), првично се сомневал во неговите глумечки способности, забележувајќи дека Иствуд постапувал прилично аматерски, не знаејќи ни каде да оди, ни каде да се сврти, ни ништо. Лубин предложил Иствуд да оди на часови по драма, и му го составил првиот договор во април, 1954. година, за 100 долари неделно (денешни 865 долари). Откако го потпишал договорот, Иствуд бил критикуван за неговиот крут став, кос поглед и пелтечење на речениците низ заби, нешто што ќе се утврди како негова доживотна одлика.
Првата незначителна глумечка улога на Иствуд била во филмот Revenge of the Creature (1955), како лабораториски помошник. Потоа се појавил во уште неколку слични улоги, во филмовите Lady Godiva of Coventry и Never Say Goodbye (1956), а како улога имал и краток говор во филмот Francis in the Navy. Во 1959. се појавил како гостин во Maverick, покрај Џејмс Гарнер, и глумел кукавички негативец решен да се венча за богата девојка заради парите. Иствуд одиграл мала улога и како воздухопловец во францускиот филм Lafayette Escadrille, но и како поранешен одметник од Конфедерацијата во Ambush at Cimarron Pass (филм кој лично тој го прогласил за катастрофален и најниска точка во неговата кариера).
По подолга заслужена пауза, Иствуд во летото, 1958. година, ја добил споредната улога на Рауди Јетс во едночасовната вестерн серија на CBS, Rawhide, иако самиот не бил многу задоволен од добиеното. Со своите 28 години, сметал дека ликот на Рауди бил премлад и незрел за него. Премиерата на Rawhide била во јануари следната година, и за само три недели серијата се искачила на списокот на 20 најгледани ТВ програми. Иако никогаш не освоила Еми награда, Rawhide неколку години уживала огромна популарност, достигнувајќи го највисокото, шесто место, во периодот помеѓу октомври 1960. и април 1961. година. Сепак, серијата спаѓа во еден од најтешките периоди во кариерата на Иствуд. Често снимал шест дена во неделата, со просек 12 часа дневно, а сепак режисерите го критикувале дека не се трудел доволно. При крајот на 1963. година, популарноста на серијата веќе опаѓала. Поради недостаток на свежина во сценаријата, снимањето прекинало во средината од сезоната 1965–66. Иствуд за првпат се обидел да режира со снимањето неколку најавни шпици за серијата, иако не успеал да ги убеди продуцентите да му дозволат да режира цела епизода. Во првата сезона заработувал 750 долари (денешни 6042 долари) од епизода. По прекинот на снимањето, добил и 119,000 долари компензација (денешни 877,609 долари).
1960-тите
При крајот на 1963. година, колегата на Иствуд во Rawhide, Ерик Фелминг, одбил да глуми во италијанскиот вестерн A Fistful of Dollars, што требало да се снима во некој далечен шпански регион од страна на тогаш релативно непознатиот Серџо Леоне. И други глумци, меѓу кои Чарлс Бронсон, Стив Ривс, Ричард Херисон, Хенри Фонда, Џејмс Кобрн и Тај Хардин биле земени предвид за улогата. Херисон, знаејќи ги способностите на Иствуд да глуми каубој, го предложил него, а овој во филмот гледал можност да „избега“ од Rawhide. Потпишал договор вреден 15,000 долари (денешни 112,403 долари) за 11 недели снимање, со бонус од Мерцедес автомобил по завршување со снимањето. Иствуд подоцна се изјаснил за транзицијата од вестерн серија во A Fistful of Dollars: „Во Rawhide ми доаѓаше преку глава од тоа да бидам типичниот добар дечко, херојот кој бакнуваше стари дами и кучиња, и беше љубезен со сите. Сфатив дека дојде време да станам анти-херој.“ Иствуд одиграл клучна улога во создавањето на уникатниот визуелен стил на Безимениот човек, и иако самиот глумец не пушел, Леоне инсистирал дека пушењето цигари е една од главните одлики на маската што сакал да ја создаде, а зад која се криел осамен карактер.
A Fistful of Dollars се покажал како „патоказ“ за понатамошните шпагети вестерн филмови, а Леоне успеал да прикаже подив и поопустошен свет од традиционалните вестерни, предизвикувајќи ги стереотипните американски замисли за вестерн херој, и вметнувајќи морално двосмислен анти-херој во приказните. Успехот на филмот го издигнал Иствуд меѓу големите ѕвезди во Италија, па затоа Леоне повторно го повикал да глуми во For a Few Dollars More (1965), вториот дел од трилогијата. Со помош на сценаристот Лучано Винченцони, правата за For a Few Dollars More и последниот дел, (The Good, the Bad and the Ugly) им биле продадени на САД за приближно 900,000 долари (денешни 6.64 милиони долари).
Во јануари, 1966. година, Иствуд се сретнал со продуцентот Дино Де Лаурентис во Њујорк, и се согласил да глуми во антологиската продукција од пет дела, Le streghe (The Witches), покрај сопругата на Де Лаурентис, глумицата Силвана Мангано. И покрај тоа што деветнаесетминутната улога на Иствуд се снимала само неколку дена, неговата изведба не поминала добро кај критичарите, од кои еден дури и напишал дека во улогата немало ништо што наликувало на Клинт. Два месеци подоцна, Иствуд започнал да го снима третиот дел од филмовите Dollars, The Good, the Bad and the Ugly,во кој повторно го играл мистериозниот Безимен човек. Ли Ван Клиф ја репризирал улогата на безмилосен алчник за пари, додека Илај Волак го претставил вештиот мексикански бандит Туко Рамирес. Приказната била насочена кон потрагата на конфедерациско злато, закопано во гробница. За време на снимањето на сцена во која требало да биде срушен мост со динамити, Иствуд го убедувал Волај да се скрие зад рид, велејќи, "Познати ми се ситуацииве. Држете се што е можно понастрана од специјални ефекти и експлозиви.“ Само неколку минути подоцна, во тимот настанала права мешаница околу зборот „Vaya!“, што резултирало со предвремена експлозија и за малку избегната смрт на Волај.
Трилогијата Dollars не се прикажувала во САД се’ до 1967. година, кога A Fistful of Dollars бил првпат прикажан во јануари, For a Few Dollars More во мај, и The Good, the Bad and the Ugly во декември. Сите филмови постигнале комерцијален успех, посебно The Good, the Bad and the Ugly, кој донел заработка од 8 милиони долари (денешни 55,8 милиони долари) само од изнајмувања, и му го донел на Иствуд статусот на голема филмска ѕвезда. Сите три филмови добиле претежно негативни критики, со што започнала битката на Иствуд да ја стекне почитта од американските филмски критичари. Џудит Крист го опишала A Fistful of Dollars како „евтин“, а весникот Њузвик за For a Few Dollars More напишал дека е „болно идиотски“. Рената Адлер од Њујорк Тајмс го опишала The Good, the Bad and the Ugly (филм кој денес се смета за еден од најдобрите во историјата) како "најскапиот, побожен и одбивен филм во историјата на тој жанр“. Магазинот Тајм ја посочил „здрвената“ глума, особено на Иствуд, иако на некои критичари како Винсент Кенби и Босли Краутер од Њујорк Тајмс им се допаднала неговата ладнокрвност во претставувањето на високиот и осамен странец. Сепак, уникатниот кинематографски стил на Леоне бил наголемо поздравен, дури и од критичарите кои го омаловажувале глумењето во филмот.