Челопек — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.

Географија и местоположба

300п|лево|мини|Воздушен поглед на Горно Маало

Селото се наоѓа во областа Козјачија, во западниот дел на подрачјето на Општина Старо Нагоричане. Мал дел од нејзиниот атар се допира со државната гранична линија со Србија. Селото има ридски карактер на надморска височина од 450 метри, а од градот Куманово е оддалечено 18 километри.

До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1207.

Куќите на ова село се наоѓаат десно од долината на Пчиња, на сува висорамнина на околу 450 метри. Околни села се: Старо Нагоричане на југ, Алгуња на север и Никуљане на југозапад. Водата за пиење доаѓала од бунари и од една чешма во маалото Село.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Кула, Деја, Дамњан Деја, Оџа, Стари Лозја, Дебела Глава, Добросељане, Горна и Долна Река, Батлка, Ѓурлук и Бара. Месноста Добросељане е пусто селиште, кое некогаш било словенско село.

Челопек е село од разбиен тип. Најголеми маала се Вишинско и Горно Маало. Во најголем дел, во маалата живеат роднински поврзани домаќинства.

Историја

мини|300п|десно|Воздушен поглед на Селиште каде се наоѓа селската црква и селското училиште

Во селото постојат многу остатоци од минатото. Местото е населено уште од праисторијата, за што сведочи наоѓалиштето Кула (Челопечка Кула) над селото, каде се остатоци на тврдина со замок и некропола од доцната антика. Таму се наоѓаат остатоци од ѕидови градени со камен, цигли и малтер. Се познава еден бунар и неколку гробови на месноста Преслап.

Во денешното маало Селиште, кое се наоѓа во југоисточното подножје на Челопечка Кула, се наоѓаат остатоци на средновековна црква во рушевини. Долга 14 метри, широка 8, со ѕидови дебели и до 60 сантиметри. Црковните ѕидови градени од камен, цигли и малтер високи се до покривот (забележано во 1972 година) и веројатно била убаво уредена и значајна црква. Рушењето веројатно не се случило одамна.

На црквата се забележува и малтер на кој уште има дел од фреските. Селаните веруваат дека црквата била наречена „Св. Ѓорѓи“ и дека била срушена заедно со тврдината Кула. Сепак, името на средновековната црква е „Св. Троица“, за којашто не се знае кога била изградена и во почетокот на век била во урнатини.

Во маалото Селиште, покрај црквата, се наоѓало и старото село. Таму се наоѓаат разни старини, особено во нивите покрај основното училиште.

Денешното село Челопек е основано од две домаќинства околу 1810-тите години кои дошле од негде. Од нив потекнуваат родовите Јелинци и Ѓоревци. Предците на останатите родови се доселувани после нив, главно од Младо Нагоричане.

До 1912 година, селото било подложно на напади на Арбанаси, особено од селата Мутилово и Сушево. За да се одбранат од овие напади, селаните се поврзале со селаните од околните села Старо Нагоричане, Никуљане и Четирце. Денес, селото Мутилово официјално не постои, туку се брои само како маало на Челопек.

Преку селото водел пат за Куманово за селото на исток, поради што до Втората светска војна во него имало два ана, ковачница и кафана.

По завршувањето на Првата светска војна, во селото била изградена костурница за загинатите српски четници (околу 30 души) во периодот од 1909 до 1912 година. Костурницата е сместена во близина на срушената црква. По Втората светска војна, натписот на костурницата бил скршен од учител во кумановското село Стрновац, но денес повторно е поставен.

Во селото постои и спомен-чешма за паднатите борци од селото, како и за постоењето на партизанска база во селото.

Стопанство

Атарот е со средна големина и зафаќа простор од 15,6 км2. На него преовладуваат обработливите површини на површина од 754 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 620 хектари, додека шуми нема.

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во него работеле услужни објекти.

Жителите на селото се занимаваат со сточарство и садење жито.

Население

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Челопек имало 525 жители.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 216.

По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Челопек имало 600 жители.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 128-129.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 350 Македонци и 50 други.

Челопек во 1961 година имало 768 жители, од кои 751 биле Македонци, а 17 жители Срби, додека во 1994 година бројот се намалил на 252 жители, од кои 226 биле Македонци и 25 жители Срби.

Според пописот од 2002 година, во селото Челопек имало 283 жители, од кои 277 Македонци и 6 Срби.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 165 жители, од кои 141 Македонец, 1 Албанец, 8 Срби и 15 лица без податоци.

Родови

Челопек е македонско село.

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1972 година, родови во селото се: Најстари родови и основачи на селото се: Јелинци (27 к.) и Ѓорѓевци (10 к.), слават Митровден. Во родот Ѓорѓевци се знае следниот родослов: Стојче (жив, 67 години во 1972 г.)-Анто-Пепа-Цветко-Ѓорѓе, основач на родот кој се доселил во 1810-тите. Ниеден род не знае од каде дошол. Останати родови се: Вишинци (35 к.), слават Свети Никола, доселени од Младо Нагоричане; Албанци (4 к.) и Таратунци (2 к.), слават Свети Никола, гранка на Вишинци; Пашинци (12 к.), слават Свети Ѓорѓи, доселени од маалото Пашин Чифлиг од Младо Нагоричане; Дошљаци (14 к.), слават Свети Архангел, доселени од негде. Се делат на Суљинци, Џунџулци и други; Љатинци (5 к.), слават Митровден, доселени од негде; Балабанци (3 к.), слават Петковден, доселени од Нерав. Го знаат следниот родослов: Андон (жив, 58 години во 1972 г.)-Ѓорѓе-Величко, основач на родот, кој дошол со мајка му во родот Суљинци; Марцанци (3 к.), слават Свети Архангел, не знаат од каде дошле и Рајинци (2 к.), слават Свети Никола, доселени од кумановското село Жегљане.

Иселеништво

Родот Челопечани (3 к.) се иселил во кумановското село Стрновац. По Втората светска војна, иселувањата главно биле кон градовите Куманово, Скопје, Ниш и Белград.

Општествени установи

Дом на културата Подрачното основно училиште „Христијан Тодоровски-Карпош“, поранешно петгодишно основно училиште кое било во состав на ОУ „Христијан Тодоровски-Карпош“ - Драгоманце

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Челопек било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово, додека во периодот 1955-1965 било во некогашната општина Старо Нагоричане.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Старо Нагоричане, во која покрај селото Челопек се наоѓале и селата Алгуња, Никуљане, Старо Нагоричане и Стрновац. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Челопек, во која влегувале селата Алгуња, Гулиновац и Челопек.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1182 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.

Културни и природни знаменитости

мини|300п|десно|Срушената црква „Св. Троица“

Археолошки наоѓалишта Добросељане — населба од римско време; Кула — праисториска населба и кастел со некропола од доцноантичко време; Пузалка — некропола од римско време; и Св. Богородица — некропола од средниот век.

Цркви Црква „Св. Троица“ — црква од XVI-XVII век, денес во урнатини; прогласена за културно наследство на Македонија.

Потоци Селски Дол — поток низ селото.

Редовни настани

Слави Духовден — главна селска слава.

Личности

Родени во или по потекло од Челопек Марика Георгиевска — учесник во НОВ на Македонија; Тодора Илиќ — учесник во НОВ на Македонија; Крстана Јовчевска (1875 — 1955) — учесник во НОВ на Македонија, мајка на првоборецот Димче Величковски-Еребица; и Тодорка Кипрова (р.1908-) — учесник во НОВ на Македонија.

Галерија

Наводи

Поврзано Козјачија Општина Старо Нагоричане Куманово

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане