Алфа Кентаур(и) Bb — планета која кружи околу ѕвездата Алфа Кентаур B, прибл. 4,37 светлосни години од Земјата, во јужното соѕвездие Кентаур. Ова е најблиската езгопланета до Земјата, и најнемасивната што кружи околу ѕвезда слична на Сонцето.
Особености Планетата не се наоѓа во животопогодниот појас бидејќи кружи мошне блиску до матичната ѕвезда (оддалечена само 0,04 ае) и навршува еден круг на секои 3,236 дена. Има маса барем 1,13 пати поголема од онаа на Земјата; моментално е позната само долната граница поради отсуството на сознанија за нејзиниот орбитален наклон. Површината на планетата има температура од барем 1200 °C (~1500 K), што е преврело за да има течна вода, но и над температурата на топење на многу силикатни магми. За споредба, површината на Венера (најврела планета во сончевиот Систем) има температура од 462 °C (735 K).
По испитувањата на астросеизимичките и хромосферските активности и ѕвезденото вртење на ѕвездите A и B, утврдено е дека системот α Cen веројатно е малку постар од Сончевиот Систем (4,5-7 милијарди години).Age discussion on page 1284
Пронаоѓање Во 2009, со сметачка симулација е востановено дека е можно присуството на планета на растојание од 1,1 ае од Алфа Кентаур B, и дека нејзината орбита ќе одржи стабилност уште барем 250 милиони години.
Во 2009, екипа од европски астрономи, почнала да работи со пребарувачот на планети HARPS во опсерваторијата Ла Сиља (Чиле), користејќи се со Доплеровиот метод. На 16 октомври 2012 г. научниците соопштиле дека пронашле планета со земска маса во обритата околу Алфа Кентаур B. Гравитацијата на планетата предизвикува нишања кај ѕвездата со величина од 51 сантиметри во секунда; утврдувањето на присуството на планетата претставува најголемо достигнување во прецизноста добиено со овој метод.
Наводи
Надворешни врски Откриена е планета со големина на Земјата во најблискиот Сончев Систем до нашиот! — Скопско астрономско друштво
Категорија:Вонсончеви планети Категорија:Кентаур (соѕвездие) Категорија:Астрономски тела откриени во 2012 година Категорија:Вонсончеви планети откриени во 2012 година