Лед Зепелин (Led Zeppelin) или Лед Зепелин 1 е албумот со кој истоимената англиска група дебитира на музичката сцена. Албумот е снимен во октомври 1968 година во музичкото студио Олимпик Студиос во Лондон и издаден преку издавачката куќа Атлантик Рекордс на 12 јануари 1969 година во САД и на 31 март истата година во Велика Британија. Сите четири музичари од групата имаат голем придонес во правењето на албумот и заедно го воспоставија стилот на мешавина од блуз и рок кој стана нивен заштитен знак, како и нивната верзија на новиот хеви-метал звук кој им овозможи да ги освојат симпатиите на слушателите од двете страни на Атлантикот и да создадат голема група на посветени обожаватели.
Иако критичарите не му дадоа добри оценки, албумот помина одлично на комерцијален план а со тек на време ставовите се сменија и го заслужи статусот на еден од најдобрите албуми на сите времиња. Списанието Ролинг Стоун го рангираше на 29тото место на својата список на 500те најдобри албуми на сите времиња. Во 2004 година албумот беше примен во Греми салата на славните.
Заднина По распаѓањето на англиската група Јардбрдс во август 1968 година, гитаристот Џими Пејџ остана со легалните права за името на групата и потпишани договори за одржување на неколку концерти на Скандинавскиот Полуостров. За да ги исполни овие обврски тој ги регрутира басистот Џон Пол Џонс, пејачот Роберт Плент и тапанарот Џон Бонам. Заедно, тие одржуваат турнеја во Скандинавија под името Њу Јардбрдс изведувајќи некои од песните како Communication Breakdown, I Can’t Quit You Baby, You Shook Me, Babe I’m Gonna Leave You и How Many More Times кои ќе се појават во албумот. Во октомври 1968 година, еден месец по враќањето во Англија, Џими Пејџ го смени името на групата во Лед Зепелин и заедно со останатите почна да го снима албумот во Олимпик Студиос во Лондон.
Снимање Џими Пејџ изјавил дека на групата и биле потребни само 36 часа распределени во неколку недели за целосно да го снимат нивниот прв албум, додавајќи дека го знаел тоа од сметката која била наплатена од студиото. Една од причините за кратката сесија е фактот што песните од албумот биле добро извежбани и аранжирани на нивнјата турнеја во Скандинавија во септември 1968 година. Според изјавата на Пејџ, аранжманите биле подготвувани на турнејата, знаел точно каков звук барал и на крајот сето тоа многу брзо се совпаднало.
Пејџ исто така додал дека немале вишок пари да трошат на повеќе време во студиото бидејќи тој и менаџерот на групата Питер Грент самите целосно платиле за сесиите во студиото. Во друго интервју, Пејџ тврди дека тоа го направиле за да си осигураат уметничка слобода, односно никој да не се меша во нивното снимање на албумот. “Сакав контролата да биде во наши раце бидејќи знаев точно што сакам да направам со момците. Всушност, сам го финансирав снимањето на албумот пред да отидам во издавачката куќа... Не бевме ние онаа типична приказна на музичка група која позајмила пари за да сними албум – се појавивме во Атлантик со завршени касети во рака... Нивната реакција беше многу добра, мислам, потпишаа со нас, нели? “
Групата ги снимила песните за 1782 фунти, што со исклучокот на Abbey Road, албумот на Битлси, за кој им биле потребни само 12 часа да го снимат, ретко кој толку економично го искористил студиското време за снимање. На крајот албумот собра повеќе од 3 и пол милиони фунти или безмалку 2000 пати повеќе од инвестираното. За сесиите Пејџ свирел на Fender Telecaster гитара исцртана со психоделични графити која му била подарок од Џеф Бек, како враќање на услугата што го препорачал како замена на Ерик Клептон како главен гитарист за Јардбрдс во 1965 година. Тој свирел на Телекастер гитарата со Supro засилувач. Подоцна тој користи други видови на гитари, но најчесто Gibson Les Paul.
Продукција Џими Пејџ го продуцираше албумот, додека Глин Џонс, кој пред тоа работел со Битлси, Ролинг Стоунс и Ху се погрижи за звукот. “Првиот албум е всушност албум во живо, навистина, и намерно го направивме на тој начин. Има наснимки, но оригиналните траки се во живо“. Наводно, Пејџ користел природен собен амбиент за да го подобри звукот на музиката, покажувајќи некои од методите со коишто снимал претходно. До доцните 60-ти гоидни, музичките продуценти ги ставале микрофоните блиску до тапаните и засилувачите. За Лед Зепелин 1, Џими Пејџ покрај овие микрофони ставил уште еден микрофон неколку метри подалеку (некогаш дури до 6 метри подалеку) и потоа ја снимал рамнотежата од двата звука. Со примената на методот “поголема далечина = поголема длабочина“, Пејџ стана еден од првите музички продуценти што снимил амбиентален звук: далечината што ја поминува една нота од едниот до другиот крај на собата.
Уште една особина која се истакнува од албумот е мешањето на гласот на пејачот Роберт Плент. Во интервју за Гитар Ворлд Пејџ изјавува: “Гласот на Плент беше толку моќен што се мешаше во другите траки, но интересно е тоа што мешањето изгледа како да е намерно направено“. На песната You Shook Me , Пејџ го искористил методот 'обратно ехо', каде ехото се слуша прво, а потоа главниот звук. Тоа го направил со вртење на касетата на другата страна, снимање на ехото на друга касета и враќање на касетата на првата страна за ехото да претходи на оригиналниот звук.
Во тоа време тој бил еден од првите албуми што бил пуштен во продажба само во стерео издание, бидејќи тогаш албумите биле продавани во моно и стерео издание.
Опаковка
Џими Пејџ ја одбрал сликата на насловната на албумот, а на неа може да се види цепелинот Хинденберг како гори во пламен. Нормално, сликата е поврзана со потеклото на името на групата. Според разговор меѓу Пејџ, Џеф Бек, Кит Мун и Џон Ентвисл за фомирање нова музичка група, Кит Мун предложил “ќе ни тргне (ќе полетаат) како оловен балон“ и Ентвисл на тоа наводно одговорил “оловен цепелин!(Лед Зепелин на англиски)“.
На задната страна на албумот има слика од членовите на групата, а фотографирал Крис Дреха, поранешен член на Јардбрдс. Џорџ Харди се погрижил за целиот изглед на опаковката од албумот, а тој и понатаму ќе соработува со групата за другите опаковки.
Харди се присетува дека им предложил да стават слика инспирирана од некој знак за стар клуб во Сан Франциско, тоа било слика од цепелин во облик на тулумба кој летал во облаците. На Пејџ не му се допаѓала идејата но сепак сликата била искористена како лого на задниот дел од опаковката на првите два албуми и на неколку постери. Во текот на првите неколку недели на продажба во Велика Британија, на опаковката од албумот ги имало името на бендот и логото на издавачката куќа Атлантик во тиркизна (синозелена) боја. Подоцна беше искористена портокаловата боја, а оние стари опаковки со тиркизна боја станаа колекционерско издание.
Албумот привлече огромно внимание кога на турнејата во Копенхаген во февруари 1970 година, една од роднините на изумителот на цепелинот, Ева фон Цепелин, се заканила дека ќе го откаже нивниот концерт и групата морала привремено да го смени името во “the Nobs“, инспирирано од презимето на нивниот европски промотер Клод Нобс.
Според Грег Кот кој пишува за списанието Ролинг Стоун сликата со цепелинот во пламења одлично ја отсликува музиката во албумот: секс, катастрофа и експлозии.
Компонирање Песни како Good Times Bad Times,Dazed And Confused и Communication Breakdown претставија еден тежок звук кој не бил карактеристичен во доцните 60-ти години. Во песната Black Mountain Side, Пејџ користи таканаречена западна гитара со челични жици, како и комбинација на акустични и електрични пристапи на нивана верзија на Babe I’m Gonna Leave You.
Dazed and Confused, инспирирана од истоимената песна на Џејк Хоумс од 1967 година, се смета за главна песна на албумот. Опаѓачката бас линија на Џонс, тешкото тропање на Бонам и изобличените ноти и солоата кои доаѓаат од гитарата на Пејџ се главните карактерстики на ова ремек-дело. При свирењето на гитарата, на оваа песна Пејџ користи виолинско гудало по предлогот на Дејвид Мекалум Сениор кој бил присутен при снимањето на албумот. Истиот метод го применил и при свирењето на Good Times Bad Times, на која има и болеро риф и импровизирана промена на ритам.
Повеќето од првите песни на Лед Зепелин се инспирирани од блуз музиката, така, на албумот може да се најдат три песни компонирани од други изведувачи. You Shook Me и I Can't Quit you Baby се на блузерот Вили Диксон и Babe I'm Gonna Leave You е исто така инспирирана од дело на Ен Бредон во 50-тите. Интересно од песната You Shook Me е размената меѓу нотите од гитарата на Пејџ и моќниот глас на Плент што е исто така метод кој се користи во блузот.
Џеф Бек веќе ја снимил You Shook Me на неговиот прв албум и го обвинил Пејџ за кражба на неговата идеја. Пејџ исто така ја свирел и аранжирал Beck’s Bolero и истата музика од болерото ја искористил во How MAny More Times за неговиот албум. Ова секако придонело за несогласувања меѓу музичарите. На албумот може да се види дека пејачот Плент добива заслуга за свирење бас на некои песни. “Значи, како што е напишано на опаковката на Лед Зепелин 1, јас сум пејач, свирам усна хармоника и повремено бас. Многу повремено, мислам дека беше само еднаш по 1968 година. Многу е смешно што сето тоа е воопшто споменато на албумот. Сигурен сум дека не му се допаднало на Џоунси (се смее). Ама претпоставувам дека секогаш кога заебал работа може да каже дека тоа сум бил јас“.
Критики
Албумот беше изрекламиран како “Led Zeppelin – The Only Way To Fly“. На почетокот доби лоши критики и според списанието Ролинг Стоун: “Албумот не нуди ништо повеќе од она што Џеф Бек Груп не го понуди пред три месеци и ако сакаат да ја заменат супер групата Крим ќе треба да си најдат нов продуцент, уредник и нов материјал достоен за нивните таленти“. Според Ролинг Стоун, пејачот Плент бил премногу опседнат со неговиот изглед, нешто како Род Стјуарт, но ни приближно толку возбудлив.
Џон Пол Џонс се сеќава: “Новинарите беа ужасни тогаш. Од некоја причина никој не сакаше да не знае. Одиме во Америка и ги читаме критиките од списанието Ролинг Стоун, и за нив ние бевме уште една преценета група. Не ни се веруваше. Толку бевме наивни што мислевме дека сме изработиле добар албум и дека се ни оди од рака и одеднаш целиот овој отров не опкружи. Не сфаќавме што сме им направиле за да не третираат така. Потоа многу се пазевме од новинарите, ние ги избегнувавме и тие не избегнуваа. Причината поради која бевме познати како група која прави одлични концерти е бидејќи одржавме многу од истите и така се прошири зборот, а не заради новинарите“.
Неколку години подоцна Камерон Кроу изјавил дека тоа било време на супер-групи и Лед Зепелин имаа тешка задача ја докажат нивната автентичност.
Покрај сите тие негативни критики, во Британија списанието Мелоди Мејкер даде одлични критики за албумот преку Крис Велч кој за нив напиша: “Џими Пејџ Триумфира – Лед Зепелин 1 е одличен! Нивниот материјал не е целосно составен од предвидливи блуз рифови, а кога ги свират истите звучат силно за разлика од другите таканаречени британски блуз групи“. Албумот беше многу успешен комерцијално. Атлантик Рекордс прво испратиле неколку копии на главните радио станици и критичари, а потоа на 12 јануари 1969 албумот беше официјално пуштен во продажба во Америка како најава за нивната концертна турнеја во Северна Америка. Албумот влезе во Билборд топ 10 листата два месеци по издавањето и остана таму цели 73 недели, додека на британските топ листи остана дури 79 недели. До 1975 година албумот заработи 7 милиони долари.
Денешен статус