Еритематозните дерматози се најчести присутни промени на кожата, предизвикани од различни надворешни и внатрешни фактори. Под еритем се подразбира црвенило на кожата. Еритемните промени можат да се јават заедно со некои заболувања, кои се проследени со оштетувања на крвните садови или да се јават како резултат на поинтензивна крвна циркулација или запирање на крвта во крвните садови. Еритемот се дели на: активен еритем; пасивен еритем. Активниот еритем означува појава на црвенило на кожата, како резултат на поинтензивна циркулација. Тој се јавува при физички напор, како на пр.спортување, физички вежби или под влијание на некои психички состојби (страв, радост, среќа). При физички активности, поради дејство на механички сили се интензивира крвната циркулација. При психичка состојба, под влијание на хормонот адреналин се предизвикува забрзана работа на срцето, а со тоа и забрзана крвна циркулација. Кај активниот еритем станува збор за проширување на артериските крвни садови. Артериската крв е светло црвена и топла, па затоа кожата кај активниот еритем е интензивно црвена, топла на допир, сува и мазна. Пасивниот еритем настанува како резултат на застој на крвта во венските садови, а причина за тоа може да биде намалема функција на срцето, оштетување на венските садови и сл. Венската крв е модро - црвена и ладна, па затоа кожата со пасивен еритем е со модра боја и ладна на допир.

Еритемосквамозни дерматози Зборот еритемосквамозни е составен од два збора и тоа еритем што значи црвенило и сквама што значи лушпа, што значи дека станува збор за кожни промени кои даваат црвенило и појава на лушпи. Лушпите се изградени од кератин (суви сквами) или со примеси на лој (масни сквами). Можат да имаат различна боја (белузлава, жолтеникава, сива, кафеава), конзистенција (цврсти или помеки) и да бидат помалку или повеќе врзани со подлогата. Сквамите спонтано опаѓаат и според изгледот, се разликуваат неколку видови десквамација (лупење на кожата): питиријазиформна десквамација - ситно лупење како прашина (брашно); псоријазиформна десквамација - лупење со малку покрупни сребрено - бели лушпи; ихтиозиформна десквамација - лупење со големи и по боја сиво - жолти, сиви или сиво - кафеави лушпи ламелозна - лупење во форма на листови, големи како пара или дланка. Постојат поголем број еритемосквамозни дерматози, како на пр. псоријазата, питириазис розацеа и др. Кај псоријазата постои дефект во размножувањето на клетките, при што тие интензивно се множат, не опаѓаат, туку се таложат на површината од кожата. Овие лушпи се многу меки и нежни и ако се проба да се лупат со нокт, лесно паѓаат, а под нив се наоѓа една еритематозна површина која лесно се повредува и крвари. Исто така и егземите се кожни промени, кои се одликуваат со еритемосквамозни карактеристики. За лекување на еритемосквамозните дерматози, најчесто се даваат масти, кои се мешавина од кортикостероиди и салицилна киселина. Некои од еритемосквамозните дерматози ќе бидат обработени подетално во понатамошниот текст. Видови еритеми Освен активниот и пасивниот еритем, во дерматологијата се среќаваат и следниве видови еритеми: макромакулозен микромакулозен фигуриран дифузен Макромакулозниот еритем се манифестира со неправилни црвени дамки со поголеми димензии, а промените се во ниво на кожата. Овој еритем може да се јави кај некои алергиски реакции, посебно кај оние предизвикани од лекови или како резултат на изложување на телото на висока температура, механички притисок и сл. Лекувањето на овој еритем зависи од причината на појава на еритемот. Микромакулозниот еритем се одликува со појава на мало црвенило поради што го добиле и името. Микро значи мало, а макула - пега (дамка). Овој еритем се јавува кај алергиски реакции или кај сипаници. Лекувањето е во зависност од причината. Фигурираниот еритем го добил своето име, бидејќи кај некои болести се формираат еритеми во форма на фигури, пр. бројки, букви и сл., кои се испакнати над нивото на кожата и се познати како уртики, што значи журкање со коприва. Дифузниот еритем се јавува вид на неограничено црвенило, кое зафаќа поголема површина од кожата на човекот. На местото каде се наоѓа еритемот, кожата е топла и се јавува чувство на слаб јадеж. Причинителите на овој тип еритем, се поделени на: егзогени причинители ендогени причинители Во егзогени причинители спаѓаат: зрачење, храна, топлина, употреба на лекови, механичка сила и сл. Во ендогени причинители спаѓаат: покачена телесна температура, психичка возбуда, хормонални пореметувања и др. Лекувањето на овие еритеми се состои во отстранување на причинителот и намалување на температурата со ставање облози, прашоци, гелови или кремови кои имаат разладувачки ефект.

Инфективни еритеми Под инфективем еритем се подразбира црвенило на кожата, кое се јавува при некои заразни заболувања. Предизвикувачи на инфективните еритеми можат да бидат: бактерии, вируси и габи. Пример кај скарлатината (шарлах), која е болест на крајниците, покрај другите симптоми, покачена температура, нагон за повраќање, болки во грлото, се јавува црвенило на кожата, а на тоа место таа е топла, сува и рапава. Тоа е болест предизвикана од бетахемолитички стрептокок. На слабините и стомакот се појавува црвенило, а врз таа еритематозна промена се јавуваат ситни папули, кои на кожата и даваат нерамен изглед. Ако на тие места се помини со рака, под прстите се чувствува сува и рапава кожа, односно кожа што боцка (феномен на ренде). Кај други кожни болести, како на пр. кај еритема нодосум, се јавуваат јазли (нодуси) на предната страна од подколеницата, кои се цврсти, топли и болни при допир. Оваа болест се јавува многу често, посебно кај жените во адолесцентниот период. Причините за настанување се непознати, но се претпоставува алергиска патогенеза. Најчести причини се туберкулоза, инфекти (стрептококи, вируси, габи) и лекови (антибиотици, контрацептиви).

Лекување Додека трае болеста се препорачува мирување, а на воспалените места треба да се ставаат ладни облоги. Кај потешки случаи краткотрајно се користат кортикостероиди. Во инфективни еритеми се вбројува и заболувањето еризапел, кое подетално е опишано во понатамошниот текст. Како најчести инфективни еритеми предизвикани од вируси се: големи сипаници (variola), мали сипаници (morbilli) и тридневни сипаници (rubeola).

Големите сипаници (variola) Претставува акутно, вирусно заболување со карактеристичен везикуло - пустулозен осип, кој може да остави трајни лузни. Извор на инфекција е болниот и тоа уште од првиот ден. Вирусите се пренесуваат по директен пат (говор, кашлање и бакнување) или индитектно преку инфицирани предмети. После инкубацијата од 12 - 21 ден и лесни симптоми, распоредени по целото тело (посебно на главата и трупот), се јавуваат црвени макули, кои потоа стануваат папули, а подоцна везикули. Ерупцијата на везикулите се одвива во текот на повеќе денови. Постарите меурчиња се засушуваат во красти. Лекување Болниот треба да се изолира. По потреба се даваат аналгетици, седативи, а кожните промени, локално се третираат со дезинфекциони препарати.

Мали сипаници

Претставува вирусна болест, која се јавува на детска возраст, а се одликува со еритематозен егзантем. Извор на инфекција е болниот, пет дена пред и по појавата на кожните промени. Морбилите можат да се јават во лесна, тешка и апипична форма. Егзантемот почнува најпрво на лицето, зад ушите, вратот, а потоа на трупот и екстремитетите. По неколку дена егзантемот избледува по редослед на настанувањето.

Тридневни сипаници (rubeola) Претставува вирусно заболување, кое се одликува со појава на розови макули и папули, како и оток на лимфните јазли. најчесто заболуваат деца од 7 - 14 години. Се јавува најпрво на лицето, а потоа брзо се проширува на вратот, телото и помалку на рацете и нозете. Осипот трае 2 -3 дена, а потоа избледува. Лекување Се препорачува лежење во кревет и симптоматска терапија. За појавата на еритем секогаш постои одредена причина. Лекувањето на инфективните еритеми зависи од предизвикувачот на болеста. Со лекување на болеста се повлекува и еритемот.

Фотодерматози Фотодерматози се кожни промени кои настануваат под дејство на сончевите зраци, односно ултравиолетовите зраци. Постојат еритеми кои се јавуваат заедно со некои болести, како псоријаза, розацеа, еризипел и сл. За поставување на точна дијагноза, односно да се знае за каков еритем се работи, потребно е добро да се познаваат кожните болести. Има осетливи кожи, кај кои лесно се јавува еритем, дури и при мал притисок или употреба на козметички препарати. Во овој случај, црвенилото трае кратко и брзо се губи. Навлегување на сончеви зраци во кожата Според времето на јавување можат да бидат: акутни (воспалителни) и хронични (дегенеративни). Фотодерматозите можат да се поделат на: примарни (dermatitis solaris) секундарни (фототоксични и фотоалергични)

Сончев дерматит (DERMATITIS SOLARIS) Сончевиот дерматит претставува честа кожна реакција која настанува поради директно изложување на сонце, а е предизвикан од УВБ зраците. Најосетливи на оваа болест се луѓето со светол тен. Најчесто се појавува на море или на планина, поради отсуството на смогот и прашините кои го апсорбираат УВБ зрачењето, како и постоењето на рефлексија од снегот, водата или песокот. Сончевиот дерматит почнува после 4 до 6 часа сончање, а се повлекува 72 часа после изложување на сонце. Кожата е интензивно црвена и се чувствува топлина, печење и болка. После 2 до 3 дена, кожата почнува да се лупи. Во потешки случаи, можно е формирање на меури, појава на треска, покачена телесна температура, повраќање. Во поглед на лекувањето кај полесни случаи се применуваат антифлогистички средства, масти за ладење и кортикостероиди во вид на кремови, спрејови, пени и сл. Кај потешки случаи, кога се јавува покачена телесна температура се препорачува земање на парацетамол и мирување во темен простор.

Фототоксични дермарматити Тоа се дерматози кои настануваат со заедничко дејство на сончевата светлина и фотосензибилизатор на кожата. Фотосензибилизаторот може да биде ендоген (пр. порфирини) или да биде внесен егзогено преку кожата или орално (лекови). Најчести локални сензибилизатори се органски бои (еозин), катрани, растителни деривати, заштитни кремови. Овој дерматит се манифестира со појава на црвенило и оток на деловите изложени на сонце. Се развиваат везикули и були. Постои болна осетливост, јадеж и печење. Симптомите се исти како кај акутна изгореница. Промените се јавуваат по 12 - 24 часа, а кожата заздравува со хиперпигментација. Лекови не се препорачуват, но пожелна е употреба на кортикостероидни кремови или индиферентни подлоги, а во одредени случаи се користат аналгртици и седативи. Како превенција, потребно е користење на средства за заштита од сонце. Фотоалергични дерматити Овие дерматози се јавуваат под дејство на UV зраците, на откриените делови од телото, а при постоење на директен контакт со алергенот. Се јавуваат кај возрасни луѓе, но е ретка болест. Алергиските реакции се јавуваат само при директна интеракција на алергенот и UVA зраците. Болеста трае цел живот. Се манифестира како алергичен контактен дерматит со остро ограничен еритем на фотоекспонираните делови и со појава на папуловезикули. Ако алергенот е постојано присутен, болеста зазема хроничен тек со знаци на екцем. Кожата не е премногу црвена, но со десквамација. Лекувањето е исто како кај дерматит или екцем. Потребна е заштита од сонце, да се престојува под сенка, да се носат капи и долги ракави на облеката. Периорален дерматит (DERMATITIS PERIORALIS)