Полското штурче () е мала врапчевидна птица од родот на треварчињата (Locustella). Се размножува низ умерена Европа и западна Азија. Таа е птица преселница што зимува во северна и западна Африка. Ја има и во Македонија.
Опис Полското штурче е долго околу 12.5 см. Тешко може да се види бидејќи е секогаш скриено во густата трева, но може да се слушне со својата карактеристичне песна. Горните делови му се светломаслинавокафеави, а секој пердув во средината има потемнoкафеава линија. Образите му се зеленкави, очите кафеави и има светла линија над окото. Горната мандибула од клунот му е темнокафеава, а долната жолтеникавокафеава. Долните делови од телото му се светли, кремави или жолтопортокалови со неколку потемнокафеави точки и линии на градите и слабините. Крилјата му се кафеави, со пердуви кои се обрабени со посветло. Пердувите на опашката се црвеникавокафеави, а одоздола се избраздени. Нозете му се жолтеникавокафеави.
Песната на полското штурче е немузикално долга и всушност претставува монотоно механичко чрчорење како на инсект, од каде и му дошло името. Тоа е високо тремоло изведено со отворен клун и вибрирање на целото тело. Трае од неколку секунди до 2-3 минути без пауза. Во јачината варира, од слабо потпевнување до звук што потсетува на оддалечена косилка за трева. Ја изведува преку целиот ден, од изгрејсонце до по заоѓање на сонцето, од пролет до крајот на јули. Повикот за тревога е поторлив звук, нешто како твкит-твкит-твкит.
Поведение Живеалиштето на полското штурче се влажните или суви места со диви треви и грмушки, рабовите на шумите, чистинките, околу мочуриштата и сл. Оваа птица многу ретко лета. Почесто таа прескокнува од гранче на гранче во густата растителност или оди по земја. Кога бега, не лета туку се нурнува назад во прикриеност на растителноста. За заштита ја шири опашката покажувајќи ја внатрешната набразденост и понекогаш се преправа дека е повредена за да ги прелаже грабливците.
Размножување
Мажјаците ги привлекуваат женките со разни прикажувања и додворувања. Тие одат или трчаат низ гранчињата со раширена опашка, мавтајќи со крилјата кревајќи се и спуштајќи се пред нив, често носејќи гранче или ливче во клунот. Во воздух, силно ги шират крилјата и мавтаат со нив, ја шират опашката и ги накострешуваат пердувите на телото.
Двата пола земаат учество во градењето на гнездото. Тоа е добро скриена и во близина на земјата меѓу густата трева, во џбун, во грмушки, меѓу трски и сл. Варира во големина, но е изградено од трева, трски и мов, а често е послано со мека трева. Леглото има 4-6 јајца, кремавобели испрскани со црвени точки. Обата родитела ги инкубираат јајцата околу 14 дена. Пилињата ги хранат со инсекти. Се оперјуваат по 12-13 дена. Вообичаени се две легла годишно. Младенчињата созреваат на едногодишна возраст, а рекордна старост на овој вид е 5 години.
Исхрана Полското штурче е инсектојадец, хранејќи се со широк спектар безрбетници. Исхраната вклучува муви, молци, бумбари, вилински коњчиња, еднодневки и нивните ларви. Исто така, јадат и пајаци, пеперуги, гасеници и др.
Статус Спoред Црвениот список на МСЗП, полското штурче е вид со најмала загриженост. Ова е вака, зашто има голема глобална популација и широк опсег. Во Европа има 840.000 - 2.2 милиона пара, или од 2.52 до 6.6 милиони единки. Наводи
Надворешни врски Avibase
Категорија:Трскари Категорија:Птици на Македонија