Пензискиот систем (англиски: pension system) е еден од најважните сегменти на вкупниот систем на социјална сигурност во секоја земја. Овој систем претставува збир на правни норми и административни и финансиски институции со кои се регулира осигурувањето на ризикот на старост и инвалидитет и загуба на хранител.
Видови пензиски системи
Пензиски систем врз основа на генерациска солидарност Пензиски систем заснован на принципот на генарациска солидарност (pay-as-you-go) е систем кој се финансира тековно, што значи дека актуелно вработените осигуреници издвојуваат пензиски придонес од своите тековни примања, со кој се исплаќаат пензиите на актуелните пензионери. Во овој систем не постои директна врска помеѓу платените придонеси за пензиско осигурување и исплатите, затоа што сите уплати се трошат на издржување на постојната генерација на пензионери. Подолгорочна солвентност на ваков вид пензиски системи може да се обезбеди само во услови на сигурен и одржлив економски раст, услови во кои, истовремено, односот меѓу бројот на пензионерите и бројот на осигурениците се движи околу нивото на, условно кажано, некаков оптимум.
Значаен фактор во анализата на долгорочната солвентност на овој вид пензиски системи претставува и феноменот на стареењето на населението, кое, од своја страна, е резултат на постојаното намалување на стапката на морталитетот и е карактеристично како за развиените западни економии, така и за земјите во транзиција. Подобрувањето на општиот квалитет на живот во изминатите три децении придонесе очекуваната просечна должина на животот значително да се зголеми, и тоа поизразено кај женската популација (кај машката популација, и покрај почетниот позитивен тренд, таа почна да стагнира). Овој факт имплицира дека во определена (подолгорочна) иднина бројот на корисници на пензија ќе се зголемува, односно дека корисниците на пензии своите права ќе ги остваруваат во подолг временски период.
Со овој вид на пензиски систем не може да се очекува да се исплаќа истиот износ на пензии на долг рок. Системот на интергенерациска солидарност, освен тоа, го искривува бројот на часови на работа на поединецот, како и другите одлики на понудата на труд, како што се изборот на професија, местото на работа и работниот напор. Овој систем, исто така, ги искривува облиците и начините на надоместоците за работата, стимулирајќи ги работодавците да прибегнуваат кон материјални погодности наместо на исплата на парични суми. Доколу пензискиот систем е премногу дарежлив во поглед на правата на осигурениците, тогаш лицата кои очекуваат висок степен на замена на доходот многу малку штедат за пензија, што наведува на заклучокот дека системот на осигурување врз основа на придонеси неповолно влијае на националното штедење.Живко Атанасовски, Јавни финансии, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски факултет, Скопје, 2004, стр. 512-519.
Капитално финансирано пензиско осигурување За разлика од системот на тековно финансирање, капитално финансирање е механизам на според кој придонесите и каматите од инвестирањето се акумулираат на поединечни сметки на членовите на пензиските фондови сè до нивното пензионирање. Според тоа, во системот со капитално финансирање, секој поединец ја финансира сопствената пензија, наместо да зависи од придонесите на помладите генерации. Овој систем обезбедува сигурност во остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување, гарантира праведност на пензиите за сите генерации, ја јакне довербата на јавноста во пензискиот систем и го поттикнува растот на економијата.
Ефекти за поединецот од капитално финансиран пензиски систем: поголема сигурност; диверзификација на ризиците; транспарентност на работењето; доброволно и дополнително штедење.
Ефекти за системот: солвентен пензиски систем; зголемување на националните заштеди зајакнување на моќта на инвестирањето; пораст на економијата; зголемување на ефикасноста на пазарот на труд.
Пензискиот систем во Македонија Во Република Македонија системот на пензиско и инвалидско осигурување претставува најважниот елемент на интегралниот систем на социјална сигурност. Приходите на буџетите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИО) се обезбедуваат од: придонеси; надоместоци; трансфери од буџетите; приходи од донации примени во земјата и од странство; други приходи по разни основи во согласност со закон.
Доминантно значење за финансирање на правата на корисниците имаат придонесите од плати. Исто така, многу високо е и учеството на трансферите од централниот буџет, што зборува дека ПИО не може да се финансира првенствено од придонесите, како што би требало да биде. Трансферите од централниот буџет вршат притисок врз буџетот, односно врз неговата големина и врз буџетскиот дефицит и имаат негативен одраз на квалитетот на финансирањето на други намени преку буџетот. На расходната страна, доминантно е учеството на расходите за пензии.
Во 2016 година, 56,4% од приходите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување биле изворни приходи, додека 43,6% доаѓале како трансфер од буџетот на централната власт. Така, со ребалансот на буџетот за 2017 година било предвидено траснферот кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да изнесува 27,8 милијарди денари. Притоа, изворните приходи на Фондот изнесувале 36,092 милијарди денари, додека предвидените трошоци биле 63,935 милијарди. Трансферите од централниот буџет во полза на Фондот постојано растеле со текот на времето: во 1994 година, тие изнесувале 2% од БДП, во 2004 година достигнале 3% од БДП, а во 2016 година 4,4% од БДП.Александар Стојков, „Пензионерски главоболки“, Економија и бизнис, година 19, број 233, ноември 2017, стр. 24-27.
Карактеристично за транзициониот период, кој е обременет со тешка економска и социјална криза, е постојаното зголемување на бројот на корисници на пензија. Проблемот на вишокот на работна сила долго време се решаваше преку пензионирање. Друг карактеристичен проблем на Република Македонија е порастот на невработеноста, или намалување на бројот на вработени лица, кои како осигуреници плаќаат придонеси за ПИО. Контрадикторните движења на бројот на вработените и на бројот на корисници на пензија резултираа во висок коефициент на зависност што значи дека се зголемил бројот на корисници (пензионери) на еден вработен.
Состојбите на пензискиот систем на Република Македонија се слични со оние во другите земји во транзиција. Во иднина се очекува клучните параметри на системот да се влошуваат. Поради стареењето на населението се очекува подинамичен пораст на расходите за пензиско осигурување, а приходните можности ќе бидат лимитирани. Поради проблемот со невработеноста и тенденцијата бројот на невработените да се зголемува, што значи опаѓање на бројот на осигуреници кои би го алиментирале буџетот на фондот на ПИО со придонеси, извесно е дека коефициентот на зависност ќе се влошува и ќе се доближи до соодносот 1 осигуреник – 1 пензионер. Сите овие фактори, задно со демографските промени кои до 2030 година ќе доведат до зголемување на бројот на лицата над 60 години на ниво од 41%, ќе го засилуваат притисокот на пензискиот систем заснован на pay-as-you-go и практично ќе го блокираат, бидејќи се очекува дефицитот на Фондот постојано да се зголемува и да достигне ниво од околу 5% од БДП до 2060 година. Како што се покажа во случајот на поголем број земји на ОЕЦД, како и во земјите во транзиција особено, пензиската реформа претставува излез од кризата и пресретнување на идните проблеми во системот на ПИО.
Причини за реформата на пензискиот систем Во последните пет децении во Република Македонија се применува пензиски систем заснован на принципот на генерациска солидарност. Тоа е систем кој се финансира тековно, што значи дека актуелно вработените осигуреници издвојуваат пензиски придонес од своите тековни примања, со кој се исплаќаат пензиите на актуелните пензионери.
Република Македонија е една од земјите со мошне трауматичен пат низ транзицијата кон пазарно стопанство, во која пензискиот систем забележа тешки контракции како резултат на општиот пад на економијата. Транзиционата економска криза ги потенцираше постојните „празнини” на пензискиот систем, се закани на финансиската одржливост на системот, го зголеми степенот на редистрибуција и придонесе за слабеење на врската меѓу височината на придонесите и идните износи на пензиите. Тоа, постапно, доведе до опаѓање на довербата на осигурениците во врска со сигурноста на пензиите што еден ден треба да им бидат исплатувани, а стимулираше и омасовување на појавата на евазија на плаќањата на пензискиот придонес или затајување на реалните плати на осигурениците. Од друга страна, големиот број предвремено пензионирани лица, како и растечкиот број на невработени во последната деценија, уште повеќе го изострија прашањето на одржливост на пензискиот систем заснован на принципот на генерациска солидарност. Односот меѓу бројот на пензионерите и бројот на осигурениците станува се понеповолен, а исплатата на идните пензии се доведува во прашање.
Изгледот на реформираниот пензиски систем Со Законот за ПИО од 2000 година беше воспоставена легислативната рамка за новиот, трослоен пензиски систем во Република Македонија. Неговиот опфат го чинат трите столба:
Прв столб е задолжителниот државен пензиски фонд (Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија), кој и во иднина ќе продолжи да функционира според принципот на генерациска солидарност. Во него ќе се уплаќаат придонесите од бруто платите на осигурениците ќе се користат за исплата на пензиите на сегашните, но и на идните пензионери според следната шема: Осигурениците кои нема да пристапат во вториот столб ќе продолжат да уплаќаат 20% од бруто платите во првиот столб. Оигурениците кои ќе пристапат во вториот столб од пензискиот систем во првиот столб (државниот пензиски фонд) ќе уплаќаат 13% од нивните бруто плати.
Вториот столб ќе го претставуваат задолжителните приватни пензиски фондови, од кои секој осигуреник ќе може да избере само еден. Во приватните пензиски фондови задолжително ќе се уплаќа дел од придонесот (7%) на сите лица вработени по 1 јануари 2003 година, додека за останатите вработени изборот за вклучување во вториот столб е на доброволна основа.
Средствата вложени во вториот столб (средства на приватните пензиски фондови) ќе се инвестираат според строго утврдени законски прописи кои обезбедуваат највисок степен на заштита на осигурениците и на нивните средства. Управувањето со средствата на приватните пензиски фондови ќе биде доверено на друштва за управување со овие фондови, чиј избор ќе биде извршен по пат на меѓународен јавен тендер и според строги критериуми за оценка на нивниот бонитет. Во првите десет години од реформата во Република Македонија ќе оперираат два приватни пензиски фондови.
Секој член на приватните пензиски фондови има сопствена (поединечна) сметка на која се уплаќаат средствата од неговиот придонес. Придонесот за пензиско осигурување издвоен од бруто платата, заедно со приносот од инвестирањето на тие средства, му припаѓаат на осигуреникот (членот на приватниот пензиски фонд) и претставуваат основа за формирање на износот на неговата пензија. За состојбата на нивните поединечни сметки, членовите на приватните пензиски фондови постојано ќе бидат информирани.
Третиот столб го претставуваат доброволните приватни пензиски фондови во кои секој осигуреник може да членува според својот доброволен избор. Тоа значи дека во третиот столб можат да членуваат и оние граѓани кои не се вклучени во новиот пензиски систем. Овој столб на пензискиот систем нуди можност за остварување на повисока пензија на оние осигуреници кои доброволно ќе одлучат да издвојуваат дополнителни средства од своите приходи.
Институции на новиот пензиски систем Институционалната рамка на реформираниот пензиски систем ја сочинуваат: