Базелската спогодба (англиски: Basel Accord) претставува меѓународна спогодба со која се воспоставени единствени стандарди за капиталот на банките. Базелската спогодба била потпишана од страна на 12 индустриски земји во јули 1988 година, а е со примена од 1993 година, но подоцна, во неколку наврати, таа била дополнувана и проширувана.
Историјат Во 1974 година, во швајцарскиот град Базел се одржал состанок на супервизорските органи на 12 развиени земји, на кој во рамките на Банката за меѓународни порамнувања (Bank for International Settlements) е основан т.н. Базелски комитет за банкарска супервизија (Basel Committee on Banking Supervision), или скратено, Базелски комитет. Основната задача на овој комитет е да врши координација на регулативните и супервизорските прашања поврзани со активностите на меѓународните банки од земјите членки. За таа цел, одвреме-навреме, Базелскиот комитет издава спогодби и договори со намера да обезбеди делотворна супервизија на меѓународните банки.
Во таа смисла, клучен чекор во меѓународната регулација на банките било донесувањето на Базелската спогодба за единствени стандарди за капиталот на банките, потпишана од 12 индустриски земји во јули 1988 година, а со примена од 1993 година. Базелската спогодба се темели на неколку основни принципи: капиталот има критично значење во заштитата од ризиците; големината на капиталот што треба да го поседуваат банките е поврзан со кредитниот ризик на одделни видови средства; утврдена е минимална стапка на капитал од 8%, којашто е прифатена од сите земји. Инаку, имајќи предвид дека подоцна е донесена уште една ваква спогодба, првата е позната уште и како Базел I.Горан Петревски, Управување со банките (второ издание. Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 273-274.
Регулаторен капитал и средства пондерирани според ризикот
Според Базел I, потребниот капитал за покривање на ризиците во работењето се пресметува според следнава формула:
Стапка на адекватност на капиталот = капитал / средства пондерирани за ризикот
Според тоа, стапката на адекватност на капиталот го покажува износот на капитал што го поседува банката во однос на нејзините средства што се изложени на ризикот. Притоа, со Базелската спогодба се пропишани ставките што го сочинуваат капиталот на банките, како и начинот на пресметка на средствата пондерирани според ризикот. Така, капиталот на банките се состои од две нивоа: ниво 1 или основен капитал, којшто го сочинуваат обичните и приоритетните акции, задржаната добивка итн.; ниво 2 или дополнителен капитал, во кој влегуваат другите ставки од сметката на капиталот (резерви, хибридни финансиски инструменти итн.). Притоа, дозволениот износ на дополнителниот капитал бил ограничен на најмногу 50% од вкупниот регулаторен капитал, или со други зборови, капиталот од нивото 2 не можел да биде поголем од капиталот од нивото 1.Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, p. 68-69.
Во продолжение, Базелската спогодба ги пропишува и составните елементи на именителот од формулата за пресметка на стапката на адекватност на капиталот. Така, таа дава различни пондери за одделни групи средства, во согласност со нивото на кредитниот ризик на кое се изложени тие. Како што може да се забележи, во оваа спогодба е земен предвид само кредитниот ризик, како најзначаен ризик во работењето на банките.
Табела бр. 1: Пондери за ризик на одделни групи средстваRichard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, p. 68. Категорија Средства Пондер за ризик 1 Парични средства и побарувања од владите на земјите од ОЕЦД 0% 2 Побарувања од банките во земјите од ОЕЦД 20% 3 Станбени кредити обезбедени со хипотека 50% 4 Кредити на претпријатија и потрошувачки кредити 100%
Притоа, со Базелската спогодба била пропишана обврската за банките да издвојат капитал од најмалку 8% во однос на средствата пондерирани според ризикот. Се разбира, минималното ниво на капитал од 8% значи дека националните регулатори можат да пропишат и повисока обврска за потребниот капитал на банките. Всушност, повеќето национални регулатори го прифатиле пропишаниот стандард од 8% како обврска за сите домашни и меѓународни банки. Како резултат на тоа, денес овој стандард се применува во повеќе од 100 земји ширум светот.Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 274.Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, p. 67-71.
Дополнување на Базелската спогодба за пазарниот ризик Според Базел I, при пресметката на стапката на адекватност на капиталот се земал предвид само кредитниот ризик, којшто е најважен, но не и единствен ризик во работењето на банките. Имајќи предвид дека испуштањето на пазарниот ризик бил еден од најголемите недостатоци на Базелската спогодба, таа била дополнета во 1996 година, со примена од 1998 година. Со овие измени било предвидено банките да издвојуваат дополнителен капитал за покривање на одделните форми на пазарен ризик, како што се: ризикот од промена на цените на акциите, каматниот ризик, валутниот ризик и ризикот од промена на цените на берзанските стоки.
Инаку, за пресметката на потребниот капитал за покривање на пазарниот ризик, банките може да избираат меѓу два пристапа, внатрешен модел или стандардизиран пристап. Пристапот на внатрешен модел (internal model approach) значи дека банката може да употреби сопствен модел за пресметка на потребниот капитал поврзан со пазарниот ризик, којшто треба претходно да биде одобрен од надлежното регулаторно тело. Во практиката, банките најчесто употребуваат некој модел за пресметка на вредноста изложена на ризик. Банките што применуваат стандардизиран пристап (standardized approach) не вршат пресметка на вредноста изложена на ризик,туку за секој од четирите видови пазарен ризик одделно се пресметува капиталниот надомест и потоа, со нивно собирање се добива вкупниот износ на потребниот капитал за покривање на пазарниот ризик. Инаку, пресметката на потребниот капитал според овој пристап, во основа, се врши така што се пресметува нето-отворената позиција на банката по акции, валути, суровини, долговни хартии од вредност, каматни деривати итн., а потоа на таа вредност се пресметува капитален надомест од 8%.Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 274-275.Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, p. 70.
Нова базелска спогодба - Базел II
Како реакција на бројните критики на Базел I, Базелскиот комитет направил низа промени коишто постепено довеле до целосна ревизија на Базелската спогодба за капиталот. Новата спогодба била објавена во мај 2004 година, а нејзината целосна примена во развиените земји била предвидена да започне кон крајот на 2007 година. Имајќи предвид дека Новата базелска спогодба претставува наследник на првата спогодба за капиталот, таа е позната како Базел II.
Новата базелска спогодба претставува голем чекор напред во споредба со Базел I. Така, таа не е ограничена само на пресметка на потребниот капитал за покривање на ризиците,туку вклучува два дополнителни столба - улогата на националните супервизорски органи и значењето на пазарната дисциплина. Притоа, вториот столб(супервизија) ја нагласува соработката меѓу супервизорските тела и банките во обезбедувањето соодветно ниво на капитализираност. Така,супервизорите треба да ги поттикнат банките самостојно да ги мерат и да ги контролираат ризиците, преку изградба на внатрешни системи, процедури и стратегии. Третиот столб(пазарна дисциплина) предвидува поголема улога на пазарот во контролата на профилот на ризичноста на банките. За таа цел, банките треба да објавуваат информации за изложеноста на ризици, пресметката на адекватноста на капиталот, техниките за контрола на ризиците итн.
Во однос на пресметката на стапката на адекватност на капиталот, Базел II бара, покрај кредитниот и пазарниот ризик, банките да обезбедат соодветно ниво на капитал и за покривање на оперативниот ризик. Што се однесува до пазарниот ризик, во Новата базелска спогодба биле вклучени дополнувањата од 1996 година. Од друга страна, Базел II носи низа измени во поглед на кредитниот ризик т.е. банките имаат право да избираат меѓу три начини на мерење на потребниот капитал за покривање на кредитниот ризик: стандардизиран пристап, основен пристап заснован врз внатрешно рангирање и напреден пристап заснован врз внатрешно рангирање. На тој начин пресметката на стапката на адекватност на капиталот според Базел II, се врши на следниов начин:
стапка на адекватност на капиталот = (капитал (ниво 1 и 2))/(кредитен ризик + пазарен ризик + оперативен ризик)Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 275-276.
Базел III
Иако Базел II донел крупни промени во однос на стандардите за капиталот на банките,супервизијата и пазарната дисциплина,големата светска финансиска и економска криза од 2007-2008 година ги исфрлила на површината сите недостатоци на финансиската регулација. За време на кризата,голем број банки, меѓу кои и најголемите банкарски џинови, претрпеле огромни загуби и се соочиле со сериозни ликвидносни проблеми, а во некои земји, банкарските системи биле разнишани до темелот. Како последица на тоа, многу банки пропаднале, а некои биле спасени со финансиски инјекции од страна на државата или пак, национализирани. Имајќи ги предвид овие случувања, било јасно дека се потребни дополнителни подобрувања на финансиската регулација. Оттука, уште во текот на кризата, Базелскиот комитет започнал да ги разгледува можните насоки во развојот на регулацијата на банките. Во декември 2010 година, Базелскиот комитет објавил два документа, кои ги дефинирале основите на третата базелска спогодба, позната како Базел III.
Основните цели на Базел III се: да ги зајакне стандардите во однос на потребниот капитал за покривање на ризиците, да ги натера банките да посветат поголемо внимание на ликвидноста, да го отстрани процикличното однесување на банките и да ја намали опасноста од појава на системски кризи. Оттука, новата регулатива донела значителни промени во однос на дефинирањето на регулаторниот капитал и стандардите за потребниот капитал за покривање на ризиците. Исто така, Базел III предвидува проширување и зајакнување на вториот и третиот столб(супервизијата и пазарната дисциплина). Најпосле, покрај стандардите за капиталот, со Базел III се воведуваат и регулативни стандарди во однос на ликвидноста и леверажот. Поради обемноста на промените, се предвидува нивно постепено воведување до крајот на 2018 година.