мини|Мажи и жени во носии од село Градец, Валандовско Поле Народните носии од Бојмија се носии на селата по течението на реката Вардар, околу градот Гевгелија и понатаму во Егејска Македонија преку денешната граница со Грција. (на исток граничи со кукушко, на запад со воденско и мегленско, и на југ граничи со Вардаријата и Урумлак преку поранешното ениџевардадско езеро; но тука се смомнуваат тие од гевгелиско-валандовската околија во северниот дел на Бојмија).

Машка носија Машката носија што се носела од Демиркаписката Клисура па сѐ до градот Кукуш (кон крајот на 19-ти и почеток на 20-ти век), припаѓала на полскиот тип, карактеристичен по бели ленени кошули, бели ленени панталони и широко набрано здолниште наречено фустан. Основниот облековен елемент била кошулата, украсена со ширити и разни позамантериски детали на горниот дел од телото. Во долниот дел, мажите носеле бели ленени гаќи наречени гашти, што стигнувале до глуждовите и биле врзувани околу половината со учкурлук, кој паѓал над фустанот. Посебна важност имало носењето на фустанот (широко и набрано здолниште), врз кое се ставал појас, а над него се препашувал тенок ткаен ремен наречен кулан. Под куланот се врзувала фабрички изработена шамија, наречена шервета. Како горен дел на облеката се носел илек. Во периодот по женидбата, мажите носеле украсени четвртести марами, познати како чевриња, со везени орнаменти на сите четири агли. Овие чевриња младите мажи ги носеле околу вратот, под мишките или врз половината како декоративни елементи. На главата ставале шубара (капа изработена од јагнешка кожа). Чест случај бил младите мажи да добијат од своите невести долги, богато ткаени крпи наречени ризи, кои ги носеле во рака или прикачени на носијата. На нозете облекувале волнени чорапи (чурапе) и опинци наречени бишкини пинци.

Како посебен елемент во машката носија се издвојувала белата ленена кошула која била украсена со декоративни рабови на градниот дел, со што многу потсетувала на кошулите што се носеле во градските средини. Шалварите, наречени барнавези, биле изработени од црна волнена ткаенина, и по својот крој многу наликувале на платнените гаќи. Во горните облеки припаѓала и допојасната доламка, шиена од пругаста ткаенина алаџа, а во некои случаи се користеле и фабрички материјали како порхет или басма.

Посебно е интересна обредната машка носија наречена русалиска. Русалии се мажи облечени во специјална народна носија кои изведуваат обредни игри со магиска содржина, и тоа само во деновите од 6 до 15 јануари, наречени од народот „Некрстени денови“. Оваа носија со обредна намена се состои од платнена кошула и фустан - бело платнено, многу набрано здолниште, кое се носи преку белите клашнени ногавици - ѕиври на горниот дел на телото се носи елек од пругасто - шарена волнена ткаенина, врз кој се носат украсни додатоци и декоративно орнаментирани крпи. Волнени црвени чорапи, со многу вплетени геометриски мотиви и опинци го оформуваат обувањето на нозете. Оваа декоративна носија е дополнета со дрвена сабја - алачка што играорецот русалија ја држи во рака, а при изведувањето на обредната игра замавнува со неа, со цел да ги растера и уништи лошите демони.

Женска носија

Женската народна носија претежно се состоела од облеки изработени од домашно произведени материјали. За долните облеки, како што се кошулите и гаќите, се користело бело платно украсено со кенари, додека за горните облеки се употребувале пругасти волнени ткаенини. Во декорацијата доминираат гајтански апликации, ширити, украсни ленти и рачно изработени тантели, наречени „пупки“, кои се плетени во стилот на турско-ориенталните украсни мотиви.

Кај женската празнична и невестинска носија од овој предел се забележливи: антерија од пругасто шарена домашна ткаенина, ткаен појас и еднодиплена декоративно орнаментирана скутина наречена дипла. Додатните украсни крпи, како и специјалната капа украсена со природни и вештачки цвеќиња, многу накит, монистрен и метален, како и други украси, на оваа носија и придаваат посебен специфичен белег.

Покрај антеријата (локално позната како интерија), појасот и скутината, може да се споменат и белата платнена кошула, белите платнени гаќи (долги до глуждовите), кусата доламка направена од алаџа или басма (имала долги ракави со кадифе на долниот дел) и елечето без ракави кое се носело за празници. На главата се носел тулбен или жолта марама позната како мумија. Црвениот турски фес бил дел од невестинското покривање. Тој се прицврстувал со пришиен тепелак (метален накит) на темето, додека на задниот дел се фиксирал со копринена шамија која паѓала слободно на грбот. Овој тип на капа потсетувал на средновековниот стил на украсување на женската глава, каков што може да се види на женските ликови од фреските од нашето средновековно сликарство. Од облеките што се прифатиле под влијание на градската култура кон крајот на 19-ти век, посебно се издвојуваат неколку парчиња. Тоа е фустанот со европски крој, изработен од еднобојна свилена ткаенина. Горниот дел од облеката бил ќурче – кусо палтенце направено од тенка чоја, со предниот дел опточена со лисичја кожа. Слична е и облеката наречена ќурк, која имала ист крој и декорација како ќурчето, но била подолга и наликувала на капут со европски изглед. Чорапите биле купечки, а на нозете носеле чевли. Главата се покривала со шамии вообичаени во градските носии низ цела Македонија.

Анализата на одделните облеки од составот на празничната женска и обредната машка носија укажува на зачувани далечни траги од старобалканската и старословенската културна традиција, со примеси на елементи од византискиот и ориенталниот начин на украсување.

Наводи

Надворешни врски

Пределот Бојмија е распостранет во општините: Валандово, Гевгелија, Богданци, Дојран, Кукуш, Пајонија и Постол Слики од носии на мажи, жени и русалии од пределот Бојмија

Категорија:Јужномакедонска етничка целина