„Небеска раскрсница“ (англиски: Crossroad in the Sky) е збирка хаику поезија од македонската поетеса Искра Донева, објавена од издавачката куќа „Магор“ во 2009 година. Збирката е двојазична - на македонски и англиски јазик, а препевот на стиховите на англиски јазик го извршила Мирослава Павлова Аневска.
Технички податоци Книгата е отпечатена во мек повез, со димензии од 17 сантиметри и има 116 страници. Таа е каталогизирана во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-9989-183-72-0. Лектурата ја извршил Дејан Василевски, а дизајнот на корицата и техничкото уредување е дело на Thibaud Mathelot.Искра Донева, Небеска раскрсница, Магор, 2009.
Содржина Збирката содржи 100 хаику песни, а на крајот од книгата е дадена био-библиографија на авторката, како и поговор под наслов „Пред интермедијалните раскрсници на Искра Донева“, напишан од Владимир Мартиновски, а неговиот превод на англиски јазик го извршила Марија Џонс. Покрај песните, во збирката има повеќе фотографии во црно-бела техника и во боја, дело на 20 современи македонски уметници.Искра Донева, Небеска раскрсница, Магор, 2009.
За делото Во поговорот, Владимир Мартиновски го нарекува објавувањето на збирката еден вид празник за македонската хаилу продукција, зашто таа го претставува жанрот наречен хаига, односно збирката претставува симбиоза на хаикуто и фотографијата. Притоа, хаигите на Донева претставуваат сложена интерсемиотичка комуникација во која поетскиот текст не само што е впишан во ткивото на фотографијата, туку станува нејзин поетски коментар. Комплексноста на настанувањето на хаигата на Донева се гледа и во тоа што песните неретко се преобразуваат или се пресоздаваат според содржините и имињата на фотографиите, а очигледна е и една друга тендеција: поетесата трага по визуелен корелат на веќе постојните хаикуа. Ваквиот сложен механизам на барање созвучја меѓу вербалното и визуелното му дава исклучителен шарм и интермедијална свежина на ова дело. Поетесата е отворена кон искуствата на другиот медиум, барајќи сродност во сензибилитетот или совпаѓање на уметничките искуства. Уникатноста на оваа книга се состои и во тоа што поетесата влегува во творечки полилог со творбите на дваесет современи македонски фотографи. Нивните фотографии со песните на Донева добиваат нова светлина и се збогатени со нови, напати изненадувачки, поетски интерпретации. На тој начин, нејзините хаикуа претставуваат еден вид раскрсници преку кои поетесата нè воведува како во световите на избраните фотографии, така и во сферата на нејзиното доживување на фотографиите. Најпосле, според Мартиновски, книгата на Донева е важна бидејќи уверливо ги демонстрира продлабочениот усет и континуираниот интерес за хаикуто во творечкиот свет на Донева, која и во оваа збирка останува верна на основните постулати на нејзината иманентна хаику-поетика: моќта да се доживува себеси во постојан однос со другите, моќта да се гледаат нештата на нов и неочекуван начин, моќта да се игра со јазикот, контекстите и алузиите, моќта на нефорсираниот хумор, моќта на доловување на атмосферата и моќта на интерпретирање на фотографиите.Владимир Мартиновски, „Пред интермедијалните раскрсници на Искра Донева“, во: Искра Донева, Небеска раскрсница, Магор, 2009, стр. 109-111. Наводи
Категорија:Македонски стихозбирки Категорија:Дела на Искра Донева Категорија:Изданија на Магор Категорија:Книги од 2009 година Категорија:Македонски дела од 2009 година