Заха Мохамад Хадид, позната и само како Заха Хадид (арапски: زها حديد; 31 октомври 1950, Багдад, Ирак - 31 март 2016, Мајами, САД) — британска архитектка родена во Ирак.
Животопис Заха Хадид е родена во Багдад, во угледно семејство. Нејзиниот татко, Мохамед бил економист со диплома од Лондонската школа за економија и водач на Прогресивната демократска партија на Ирак. Со желба да им обезбеди врвно образование на децата, тој ги испратил своите двајца синови и ќерката Заха на школување во интернат во Англија. Потоа, таа завршила на математичката насока при Американскиот универзитет во Бејрут и во 1972 година се преселила во Лондон, каде станала членка на Архитектонското здружение (Architectural Association). Во 1977 година го завршила школувањето во Архитектонското здружение, по што била поканета да предава таму. Истовремено, таа работела во Канцеларијата за градска архитектура (Office of Metropolitan Architecture) на нејзиниот професор и ментор Рем Колхас (Rem Koolhaas).Нина Дечева, „Заха Хадид - Салвадор Дали во архитектурата“, Економија и бизнис, година 19, број 229/230, јули/август 2017, стр. 98-99.
Хадид починала на 31 март 2016 од срцев удар во болница во Мајами, каде се лекувала од бронхит.
Кариера Во 1983 година, Хадид победила на натпреварот за изградба за рекреативниот центар The Peak Leisure Club во Хонгконг, но проектот не бил реализиран бидејќи инвеститорите банкротирале. Со парите од наградата, таа ја основала својата фирма „Заха Хадид архитекти“, а својата прва градба ја остварила дури десет години подоцна - пожарникарната станица во Витра, Германија која подоцна била пренаменета во простор за културни настани. Во 1995 година, Хадид победила на меѓународниот конкурс за оперската куќа во Кардиф, Велс, но конкурсот бил поништен, таа победила и на вториот конкурс, но проектот не бил остварен. Долго време по тој скандал, Хадид била позната како „архитектка на хартија“ зашто ниту еден нејзин проект не бил изграден, така што едвај ја издржувала својата фирма, во прв ред благодарение на хонорарите од нејзините предавања. Нејзината кариера тргнала во вистинска насока откако нејзиниот соработник Патрик Шумахер ја запознал со новите технологии.Нина Дечева, „Заха Хадид - Салвадор Дали во архитектурата“, Економија и бизнис, година 19, број 229/230, јули/август 2017, стр. 99.
Хадид е позната по тоа што целосно се вложувала во секој поединечен проект при што инсистирала да ја оствари својата замисла без да прави компромис со инвеститорите од кои барала целосна доверба. Во своите дела, таа повеќе ја ценела естетиката отколку практичноста, поради што често била критикувана. На пример, во Поречниот музеј (Riverside Museum) во Глазгов, уметничките дела виселе на таванот и биле премногу оддалечени од очите на посетителите; за потребите на Лондонскиот акватички центар (London Aquatics Centre) било потребно да се додадат многу столбови; за изградбата на културниот центар во Баку биле иселени бројни семејства; за изградбата на комплексот „Галакси Сохо“ во Пекинг (Galaxy Soho) биле уништени улички со историска важност; нејзиниот проект за новиот олимписки стадион во Токио бил откажан како премногу скап; нејзиниот проект за еден од фудбалските стадиони во Катар бил критикуван дека личи на женски полов орган итн.Нина Дечева, „Заха Хадид - Салвадор Дали во архитектурата“, Економија и бизнис, година 19, број 229/230, јули/август 2017, стр. 99-100.
Нејзиното архитектонско студио, со седиште во зградата на поранешно училиште во Викторијански стил во Клеркенвел, Лондон, го сочинуваат 400 луѓе. Заха Хадид била пронаоѓач на параметрицизмот и икона на неофутуризмот, со цврст карактер и творештво признато во светот преку делата меѓу кои и Центарот за водени спортови во Лондон наменет за Летните олимписки игри 2012, Пространиот музеј во Лос Анџелес и зградата на операта во Гуангџоу, Кина. Хадид ја ослободила архитектонската геометрија, создавајќи високо експресивни, извиени елегантни кубистички форми преку фрагментирана геометрија кои потсетуваат на хаосот и флуксот на современиот живот.
Најзначајни дела За време на својот живот, Хадид успеала да реализира 13 дела, а најзначајни нејзини дела: Кардифбејска опера - Кардиф, Велс Прајс тауер Сигничр тауерс Седиште на БМВ Павилион на мостот MAXXI Национален музеј на уметностите од 21 век Центарот за водени спортови во Лондон
Награди и признанија Заха Хадид била првата жена и прв муслиман кој ја добил Прицкеровата награда за архитектура во 2004 година, а во 2010 и 2011 година била добитник и на Стерлинговата награда. Во 2012 година, кралицата Елизабета II ја назначила Хадид за Дама-заповедник на Британската Империја,Нина Дечева, „Заха Хадид - Салвадор Дали во архитектурата“, Економија и бизнис, година 19, број 229/230, јули/август 2017, стр. 100-101. а таа била и првата жена наградена со Кралскиот златен медал во 2015 година.
Наводи
Категорија:Британски архитекти Категорија:Британски муслимани Категорија:Дами-заповеднички на Редот на Британската Империја Категорија:Добитници на Прицкеровата награда Категорија:Носители на Кралскиот златен медал Категорија:Луѓе од Багдад