мини|260px|десно|Изворното лого на Металика, користено скоро на сите нивни студиски албуми Металика () — американска хеви-метал музичка група од Сан Франциско, Калифорнија. Нивната музика е спој на треш и спид метал, со доста агресивни текстови и брза изведба. Основана е во октомври 1981 година, по објавениот оглас на Ларс Улрих во еден локален весник, на кој одговорил Џејмс Хетфилд. Во денешната постава на бендот освен споменатите двајца, членуваат уште Кирк Хамет и Роберт Трухиљо. Освен Хетфилд и Улрих, во првата постава на бендот членувале уште Дејв Мастејн и Рон МекГовни. Мастејн и Мекговни не се појавуваат на ниту еден студиски албум. Поранешни членови на Металика кои имале придонес барем на еден студиски албум биле Џејсон Њустед и покојниот Клиф Бартон.
Во првите години од нивното основање, тие биле предводници на треш метал движењето, музика која била претежно непозната и во тоа време социјален и општествен феномен. Ги освоиле симпатиите на обожавателите и музичката критика со нивниот трет студиски албум Master of Puppets (1986), кој бил оценет како највлијателен и „најтежок“ треш метал албум. На големата музичката сцена се пробиле со нивниот петти студиски албум Metallica (познат и како Црниот албум), кој во првата недела од издавањето продал 650 илјади плочи во САД и се искачил на првото место на најпродавани албуми на Билборд Хот 100 табелата. Во полза на неговиот комерцијален успех говорат вкупно продадените 16 милиони оригинални примероци во САД и преку 30 милиони во светот. Овој импресивен успех на табелите придонел Металика да прерасне во глобална атракција и да ги исполнува сите седишта до последно место за време на нивните настапи во живо.
Целокупната дискографија на Металика вбројува 9 студиски албуми, од кои пет се нашле на првото место на најпродавани албуми според Билборд, 13 ДВД изданија од концерти, како и една соработка со Лу Рид и една плоча со преработени верзии на култни хеви метал и хард рок композиции. Имаат свирено на преку 20 светски турнеи, а на последната нивна турнеја од 2008 до 2010 г. направиле финансиски обрт од 217 милиони долари. Во април 2009 година се примени во Рокенрол куќата на славните. Официјалната статистика во врска со нивната продажбата на албуми говори дека Металика во 2008 г. ја надминале бројката од 100 милиони продаден музички материјал низ светот.
Металика низ годините успеала да изгради лојално следбеништво и огромни фан-бази во многу земји од светот. Заедно со Мегадет, Слеер и Антракс ја сочинуваат големата Треш четворка, која е одговорна за популаризирање и етаблирање на хеви металот на глобалната сцена. Тие воедно важат и за еден од ретките претставници на екстремниот хеви метал што успеале да ги придобијат симпатиите на поголем дел од музичките експерти. Поради тој факт, во нивната збирка имаат собрано 9 Греми награди, како и две награди на MTV за најдобар видео запис за рок нумера. Групата во моментов работи на нивниот најнов, 10. по ред студиски албум, кој би требало да излезе во почетокот на 2014 година.
Во 2012 година, Металика формирале своја сопствена независка издавачка куќа Blackened Recordings, која ги обезбедила правата врз сите нивни студиски изданија.
Формирање (1981-1982) Во 1981 година Ларс Улрих објавил оглас во весникот The Recycler со којшто барал заинтересирани музичари за формирање на бенд од жанрот на хеви металот. Било напоменато дека бендот би свирел музика слична на онаа од Дајмон Хед и Ајрон Мејден. Прв на огласот одговорил Џејмс Хетфилд на позицијата вокал и ритам-гитарист. Хетфилд со себе го донел и Хју Тенер од претходниот негов бенд Ледер Чарм. Иако бендот сѐ уште немал комплетна постава, Улрих побарал согласност од еден свој пријател, инаку сопственик на издавачка куќа, Брајан Слегел, да им дозволи на снимат своја песна за компилацискиот албум Metal Massacre. Слегел дал одобрување, а Улрих и Хетфилд започнале со првите музички активности.
Официјално бендот бил формиран во октомври 1981, пет месеци откако се запознале двајцата основачи Улрих и Хетфилд. Подоцна во The Recycler бил објавен и втор оглас за позицијата соло-гитарист. На овој оглас одговорил Дејв Мастејн. По добиените предлози Металика и Метал Манија, Улрих го одбрал името Металика за име на новоформираниот бенд. Занимливо, оригиналното име на групата се пишувало со едно „л“ на латиница, но поради недоразбирање со организаторот на свирката, во најавниот флаер бендот бил запишан со двојно „л“. Иако биле доста лути на луѓето кои стоеле позади настапот, сепак тоа име останало да фигурира до ден денес како нивно официјално.
Официјално првото јавно појавување на Металика било на 14 март на Radio City во Калифорнија, заедно со новиот басист Рон Мекговни. По извесно време местото на МекГовни, кој го напуштил бендот поради неговиот агресивен звук, го преземал Клиф Бартон. Условот под кој Бартон се приклучил на Металика бил целата постава да се пресели во Сан Франциско, на што останатите членови се согласиле, најмногу поради цврстата одлучност да го имаат Клиф во составот. Ова бил првичниот состав на Металика, но набрзо Дејв Мастејн бил исфрлен од бендот поради алкохолизмот и недоволната соработка со останатите членови. На негово место доаѓа Кирк Хамет, поранешниот член на Егзодус.Encycmet: Metallica complete biography
Музичка кариера мини|десно|Ларс Улрих, еден од основачите на Металика Kill 'Em All (1983) Во мај 1983 Металика заминуваат во Њујорк, за да го снимат својот прв албум, Metal up Your Ass, под продукцентската палка на Пол Курцио. Токму во овој период членовите од бендот одлучуваат да го исфрлат Дејв Мастејн поради неговото недолично однесување и проблеми со алкохолот. Испразнетото место на главен гитарист го пополнил Кирк Хамет од Егзодус.
Во почетокот, нивната намера била албумот да се вика Metal up Your Ass, но поради негодувањето на дистрибутерите да ја издадат плочата под тоа име, албумот бил преименуван во Kill 'Em All. Издаден бил преку издавачката куќа Megaforce Records во Америка и Music for Nations во Европа.
Албумот се пласирал на 120-то место на Билборд 200 листата за најпродавани музички албуми. Албумот бил промовиран со турнејата Kill 'Еm All for One. Иако овој проект не бил инстант финансиски успех, успеал да ја промовира Металика како движечка сила на андерграунд сцената.Allmusic Review: Kill ′Em All Истата година Металика настапиле како предгрупа на концертот на Веном во гратчето Зволе, близу Амстердам, пред 7000 публика. Тоа воедно била и нивната прва поголема свирка на европско тло.
Ride the Lightning (1984-1985)
Вториот студиски албум наречен Ride the Lightning, бил снимен во студиото Sweet Silence во Копенхаген, Данска. Во продажба бил пуштен во август 1984. За разлика од првиот албум, темпото било забавено, се вметнале акустични гитари, текстовите обработувале посериозни теми. Накусо кажано - Металика музички созреале. Попознати песни покрај водечкиот сингл „Creeping Death“ се и третата нумера „For Whom the Bell Tolls“, баладата „Fade to Black“ и инструменталката „The Call of Ktulu“. За разлика од нивниот деби-албум, продукцијата и квалитетот на песните во Ride the Lightning биле на многу повисоко ниво. Ако со Kill 'Em All го најавиле своето доаѓање, со Ride the Lightning го зацементирале својот статус на предводници на треш метал движењето. Позитивните реакции околу новиот албум биле поттик нивното музичко творештво да го подигнат на уште повисоко ниво со нивниот претстоен албум.Ultimate Classic Rock: Metallica Perform Reverse ‘Ride the Lightning’ Set at Orion Festival
Master of Puppets (1986-1987) Успехот на втората издадена плоча не минал незабележан. Металика набрзо потпишале договор со Електра Рекордс, а како најава за новиот, трет по ред албум, го реиздале првенчето Kill 'Em All, со две бонус песни. Во март, 1986 г. бил пуштен во продажба Master of Puppets, кој се нашол на 29 место на Билборд списокот на најпродавани албуми во САД.
Денес, овој албум се смета како највлијателно музичко остварување од овој жанр и како албум кој најмногу придонел за дооформувањето на треш металот. Добар дел од музичката критика го рангира Master of Puppets како најдобро остварување на овој музички колектив. Експертите и обожавателите посебно ги истакнуваат брзината и агресивноста на песните, како и феноменалниот перформанс на басистот Клиф Бартон. Песната со носечкиот наслов „Master of Puppets“ е изведувана буквално на секој нивни настап во живо, додека моќната балада „Welcome Home (Sanitarium)“ и воведната нумера „Battery“ се исто така задолжителен дел од нивната сет-листа.Song Facts: Master Of Puppets by Metallica
...And Justice for All (1988-1990) По ненадејната смрт на Клиф Бартон, за нов басист во бендот бил назначен Џејсон Њустед. По оваа аудиција, Металика се вратиле во студиото за снимање на албумот ...And Justice for All. Овој албум бил најкомлексен во дотогашното нивно музичко портфолио, бидејќи една песна траела по седум минути во просек, а аранжманите биле премногу сложени за треш метал песни. Новиот член на бендот, Џејсон Њустед бил незадоволен од пристапот кон музиката, најмногу поради тоа што речиси сите негови идеи околу структурата на песните биле игнорирани. Се појавиле забелешки и околу продукцијата на албумот, бидејќи бас гитарата речиси и да не се слушала.
Содржински гледано, композициите зборуваат за политичката и социјална неправда, цензура на говорот и осуда за милитантните ставови. Критиката го смета овој проект како најава за прогресивните години во нивниот творечки опус, кои следеле подоцна.CD Universe: Metallica - ...And Justice for All Audio CD За промоција на албумот била организирана голема американска турнеја, насловена како Damaged Justice. На овој албум се наоѓа и легендарната хеви метал балада „One“, која својот култен статус го потврдила со Греми наградата за „Најдобар Метал Перформанс“ во 1990 г. Тоа признание ќе биде повод за Металика да го сними својот прв видео запис за споменатата песна. Тој спот ќе предизвика лавина негодувања помеѓу постарите нивни обожаватели, кои биле на ставот дека бендот почнал премногу да се комерцијализира. Спотот за песната бил заснован на исечоци од филмот Johnny Got His Gun.
Metallica (1991-1994)
Во времето кога се снимал овој албум, меѓу обожавателите попознат како Црниот Албум, Металика веќе беше етаблирана на хеви метал сцената. За продуцент беше назначен Боб Рок, кој претходно соработувал со култни музички имиња како Аеросмит и Бон Џови. Овој проект чинеше 1 милион долари и за време на неговото снимање, тројца од членовите на Металика се развеле. По долго одлагање, плочата излезе во август 1991 г. и дебитираше на местото број 1 во десет земји од Европа и Северна Америка.
Општо прифатено е мислењето дека овој албум е причината за комерцијализирање на хеви метал музиката и издигнување на Металика на меинстрим сцената. За овој факт говори и податокот дека вкупно 30 милиони копии се продадени на светско ниво, од кои 16 милиони во САД, што го прави The Black Album најпродаваниот музички албум во последните 20 години.Ultimate Guitar: Metallica: 'Black Album' Is Highest Selling Since 1991
На ова ЦД се наоѓаат трите најпознати песни на бендот: „Enter Sandman“, „Sad but True“ и „Nothing Else Matters“. По ова следуваат две светски турнеи за промоција на албумот, кои ќе траат 4 години и ќе вбројуваат преку 400 концерти во живо. За време на еден концерт од турнејата, Џејмс Хетфилд се здобил со сериозни изгореници на раката како последица на пиротехнички инцидент на сцената. Поради неможност да свири на гитара, на местото на ритам гитарист привремено ќе дојде Џон Маршал од Metal Church, додека Хетфилд иако повреден, сепак ќе пее за време на преостанатите настапи од турнејата.
Load & ReLoad (1995-1999)