Neopalpa donaldtrumpi — вид молец од родот новопипки (Neopalpa) кој живее во Јужна Калифорнија и северно Мексико. Опишан е во 2017 г. од канадскиот научник Вазрик Назари, кој му го дал ова име бидејќи главата го потсетувала на косата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Откривање Родот новопипки (Neopalpa), во кој спаѓа и видот Neopalpa neonata, е опишан како таков во 1998 г. од Далибор Поволни. Речиси две децении подоцна, Назари го прегледувал материјалот и последователно собраните примероци изложени во Бохартовиот ентомолошки музеј, сметајќи дека некои примероци укажуваат на досега неопишан вид. Новиот вид го нарекол Neopalpa donaldtrumpi поради бледожолтите перца на главата, кои го потсетувале на фризурата на Доналд Трамп."Neopalpa donaldtrumpi Motte trägt nun Namen von Donald Trump", Der Spiegel,

Опис Молецот е долг 7-11 мм, со распон на предните крилца од 6-9,2 мм. Горната површина на крилцата е обрабена со темнокафеаво и проретчени бледи пеги, додека грбот и телесните членки се портокалово-жолти до бледожолти. Жилестиот раб има две до три школкички. Крајчињата се темнокафеави, густо просеани со обледени делови. Задните крилца се бледожолти, без белези, и со малку потемен раб. Пипалата на главата се долги две третини од распонот на крилцата, а главата е покриена со жолтобели лушпички, што е причината за името на видот.

Највоочливите разлики меѓу N. donaldtrumpi и другиот вид во родот, N. neonata, се жолтобелите лушпички на главата, портокалово-жолтата боја на плеќниот дел, како и структурата на половите органи кај двата пола.

Распространетост Иако сродната N. neonata се јавува ширум речиси цела Калифорнија, Долна Калифорнија и северозападно Мексико, N. donaldtrumpi засега е забележан само во северната половина на Долна Калифорнија и округот Риверсајд и Империјал во Јужна Калифорнија.

Биологија Neopapla donaldtrumpi му припаѓа на семејството на кривопипките (Gelechiidae), чија одлика е вртењето во кругови кога се на листови. Молецот е рамномерно застапен преку целата година, но не е познат неговиот животен век и растението-домаќин. Живеалиштето му е загрозено со урбанизација.

Поврзано Список на организми наречени по познати личности

Наводи

Надворешни врски

Мал жолт молец именуван по Доналд Трамп — портал „Екологист“

Категорија:Кривопипки Категорија:Доналд Трамп Категорија:Видови опишани во 2017 година