Воведение на Пресвета Богородица (нарекувана и Пречиста) — гробјанска црква во поречкото село Здуње, во чиј двор се наоѓаат и селските гробишта.
Црквата е сместена во јужниот дел на селото во месноста „Црква“, каде се наоѓаат и самите селски гробишта. Подигната е на карпеста подлога.
Историја
Црквата Воведение на Пресвета Богородица (Пречиста) во село Здуње за време на Првата светска војна е опљачкана од бугарскиот окупатор. Според извештајот на свештеникот на црквата Јефтимије Лешниковиќ од црквата било одземено: вредност од 250 динари, готовина на пари 150 динари, 100 парчиња на штици во вредност од 100 динари или вкупно направена штета од 500 динари.
Во друг документ од тоа време се наведува дека од оваа црква е уништен еден пар на свештеничка облека, а земени се црковни книги и тоа еден општ минеј и еден часослов.
Архитектура
Црквата претставува еднокорабна градба, која на источната страна има тространа апсида со полукружен свод и двосливен кров од ќерамиди. Црквата е ѕидана од кршен камен, а за обликување на фасадата е користена тула.
Во јужниот крај од гробиштата се наоѓа помошен објект „тремница“. Објектот е во правоаголна основа, граден е од кршен камен во комбинација со бигор. Целата источна страна е отворен простор конструиран со диреци со башлаци, со парапет од убаво обработени штици. Во овој објект верниците се собирале на ручек за време на погреби и верски празници.
Фрескоживопис
Поседува два слоја на живопис. Првиот слој, кој е во фрагментирана состојба, потекнува од првите децении на век од градењето на црквата, а со вториот слој е прекриена во 1922 година.
Од првиот слој на живопис е сочувана главата на ангелот од сцената „Рождество Христово“, делови од сцената „Крштевање“ и дел од „Влегувањето во Ерусалим“, фрагмент од сцената „Успение на Пресвета Богородица“ и лик на бессребреникот Кузман.
По вторпат црквата е живописана во 1922 година од авторите Косто Николоски и неговиот син Теодосиј од Лазарополе.
Иконостас
Во внатрешноста на црквата има двокатен иконостас од 19 век со престолни икони.
Селски гробишта
Околу црквата се сместени селските гробишта. Според обичајот и религиозните сфаќања погребувањето на некрстените деца се вршело „пот црква“, односно под апсидата. Постарите гробови претставуваат камени саркофази „вечни куќи“ кои се градени од камен и бигор. Посебно внимание привлекуваат епитафите на крстовите на гробните плочи од културолошки и јазичен аспект, бидејќи го одразуваат времето кога се подигнати.
Камбанарија
Во дворното место од западната страна на црквата била подигната ѕидана камбанарија која поради руинираност се разурнала, а со ангажирање на црковниот одбор од селото Здуње ѕвоното е подигнато на метална конструкција која не се вклопува во амбиентот на средината.
Галерија
Поврзано Здуње Дебарско-кичевска епархија Бродско архијерејско намесништво Манастиречка парохија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Здуње (Порече) Здуње